Audi го претстави A6 Sedan
- Марко Соколовски
- Apr 18
- 2 min read
Минатиот месец ја видовме најновата генерација на Audi A6 Avant, кој воедно потврди дека Audi сепак реши да се држи до добро познатата номенклатура. Сега дојде време и да ја видиме изведбата која ќе биде далеку почеста кај нас на Балкан.
Ова е новиот Audi A6 Sedan

Audi
Малку ми е криво дека не е во кафеавата боја и големите црни фелни како што беше опремен A6 Avant на прес фотографиите, но сепак, ова е добар почеток. А6 Sedan го направи своето деби пред неколку дена, со голем фокус на електрифицираните мотори и аеродинамиката.
И покрај тоа што во старт A6 Sedan има помал потенцијал за аеродинамика поради отворите за ладење итн., сепак Audi постигнале драг коефициент од само 0.23. Тоа е обично бројка што ја гледаме на електрични автомобили, така да, секоја чест.

Audi
Во однос на дизајнот, генерално ми се допаѓа новиот A6 Sedan, ама ако ме прашувате мене лично, мислам дека повеќе го личи Avant. Иако во профил делува како fastback, сепак се работи за прав седан. А да, повторно бонус поени до Audi што сега конечно сите нивни модели имаат вистински издуви позади.

Audi
Audi исто така издвојува два големи технолошки напредоци кај новиот A6 Sedan. Прво е достапната воздушна суспензија, која освен што ќе помогне да биде вожњата помека, помага и со аеродинамиката, бидејќи се подесува по висина во однос режимот на возење. Друга важна работа е управувањето на сите четири тркала, односно all-wheel steering, кое е исто така достапно како дополнителна опрема.

Audi
Претпоставувам знаете како функционира сето тоа: полесно за маневрирање на ниски брзини, бидејќи задните тркалата вртат обратно од предните, а на повисоки брзини подобро однесување во кривини, бидејќи задните тркала вртат заедно со предните.

Audi
Ентериерот е речиси ист како кај A6 Avant, а тоа значи не два, туку три екрани на контролната табла, каде што до третиот има пристап само совозачот. Audi тврди дека зголемените количини на материјал за изолација овозможуваат до 30% потивок ентериер од досегашната генерација.
Најверојатно е дека ќе се нудат истите мотори и погонски системи како кај A6 Avant, но Audi издвојува два конкретни: 2.0 TDI и 3.0 TFSI, кои стандардно доаѓаат со лајт хибрид технологија. Се работи за малку понапреден лајт хибриден систем, бидејќи ниски брзини и паркирање може исклучиво на струја, додека на повисоки лајт хибридот го асистира бензинскиот или дизелскиот мотор.

Audi
А6 Sedan е веќе достапен за нарачка во Германија, и ќе чини 55.500 евра. Засега нема информации кога би пристигнал кај нас или колку би чинел.