Претставена новата генерација на Audi Q3
- Марко Соколовски
- Jun 17
- 3 min read
Се чувствувам како тековната генерација на Audi Q3 да е со нас веќе многу долго време, можеби и малку предолго. Од појавувањето на Q3 пред петнаесетина години, па сѐ до денес, Audi има продадено повеќе од два милиони примероци од овој модел, што е одличен пример за што значи мал кросовер со премиум значка.
Изгледа Audi се сложи со мене, па реши дека е време овој модел да влезе во нова ера.
Ова е третата генерација на Audi Q3

Audi
Audi моментално работи турбо на ренесансата на секој модел во понудата. Веќе ги видовме Q5, A5 и A6, а сега дојде време и за нов Q3. Ова е многу важно, бидејќи, како што кажав погоре, ова е еден од најпопуларните модели на Audi ширум светот.
Инаку, Q2 оди во историјата, така што Q3 ќе биде entry point за понудата на SUV модели на Audi.
Што имаме тука? Прво, како што можеби одма приметивте, имаме сосема нов каросериски дизајн. Ги следи новите елементи кај повеќето Audi модели, но има и некои уникатни моменти кои не сум ги сретнал до сега. Погледнете ги четирите прстени позади: иако не се дел од light bar, тие сепак светат заедно со стоп светлата.

Audi
Од напред имаме трендовски наопачки фарови, со дневните светла горе, а како што гледам на сликиве, ќе се нуди и OLED технологијата за поинтересни светлосни потписи. Задниот дел исто ги добива новите, како што ја ги викам, задни светла на два спрата, и сѐ на сѐ, изгледа многу интересно.

Audi
Генерално, со вакви популарни возила, автомобилските брендови не можат да експериментираат нешто многу, ама ми се допаѓа како го средиле Q3. Сосем доволно новости за да се истакне, но сепак е препознатливо Audi.
Што се однесува до погонските системи, понудата во Европа ќе биде прилично едноставна. Започнува со 1.5 бензинец со лајт хибрид технологија и 150 коњи, па потоа 2.0 турбо бензинец со 204 коњи, и на врвот ќе има 2.0 турбо бензинец со 265 коњи и quattro погон на сите четири тркала. Ќе има и еден 2.0 турбо дизел со 150 коњи, и не знам зошто, ама мислам дека тој кај нас најмногу ќе се продава.

Audi
За крај, еден плаг-ин хибрид за сѐ убаво да се заокружи. Q3 e-hybrid ќе има 272 коњи, и според WLTP проценки ќе може да помине добри 119 километри само на струја. Ќе има и опција за DC полнење до 50 kW, што ќе може да ја наполни батеријата од 10% до 80% за околу половина час (нормално, на соодветен полнач).

Audi
Малку ми е криво што од сите овие, само најмоќниот бензинец ќе се нуди со quattro, иако тоа е еден од заштитните знаци на Audi, но со овој тип на возило јасно ми е зошто донеле таква одлука. Ќе се нуди и адаптивна суспензија, како и амортизери со двовентилски комори. Од Audi ветуваат многу добри реакции на патот, без разлика каков е, како и подобрено возење сѐвкупно.
Инаку, оваа понуда на погонски системи е многу слична на онаа на некои други SUV модели на VAG, така да многу е веројатно дека Q3 е поставен на MQB evo платформата.

Audi
Што се однесува до ентериерот, има прилично значителни промени. Два сосема нови екрани за сите видови соддржини, каде што инфозабавниот е 12.8 инчи и работи на Android Automotive оперативен систем (што не знам дали досега сме го виделе кај Audi модел), и 11.2-инчен екран за возачот.

Audi
Како што гледам тука, има и интересни бои за амбиенталното осветлување, а менувачот е сега електронски и е преместен до воланот (уште еден доказ дека се работи за MQB evo). Многу ми се допаѓа решението на Audi за двете ракети при воланот и како функционираат, навистина многу интересно.

Audi
Новиот Audi Q3 ќе се произведува во Инголштад во Германија, како и во Гјор во Унгарија, каде што до неоддамна се произведуваше ТТ. Од Audi веќе потврдија дека ќе пристигне на домашниот пазар кон крајот на 2025, и дека ќе започнува од 44.600 евра. Засега не се знае кога ќе пристигне кај нас или која ќе му биде цената, но ако Audi успее добро да го реши искуството зад воланот, мислам дека повторно гледаме во уште една успешна авантура за Audi Q3.