top of page

Audi го претстави новото RS5

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Feb 24
  • 2 min read

Конечно дојде време за првиот Audi RS модел од новата ера, и воедно првиот Audi RS модел со плаг-ин хибриден погон. Минатата година некои од вас го забележавте со камуфлажа по скопските улици, а сега дојде време и да го видиме како што треба.


Ова е новото Audi RS5


Audi

Само да ве потсетам, и покрај името, Audi A5 е замената за A4 во понудата. Од Audi се веќе свесни дека промената на номенклатурата беше грешка која веќе почнаа да ја исправаат. Во секој случај, новото RS5 беше веднаш претставено во седан и Avant караван изведби. Седан верзијата е замена за RS5 Sportback, додека Avantот е замена за стариот RS4 Avant.


Audi

Најголемата разлика меѓу A5 и RS5 се дефинитивно проширените крила. Дизајнерскиот тим на Audi навистина се потрудил да му даде уникатен визуелен идентитет на RS моделот, и тоа се забележува во огромните тркала и проширените крила.


Audi

Целиот аеро пакет е прилично драматичен, а да не ги спомнувам огромните издуви позади, кои се сега во средината. Да, вистински се. Огромни пофалби за зелената боја на седанов на фотографиите. Да, црвената е поспортска, ама вакви темнозелени нијанси ми се слаба точка, и навистина го личат. 


Audi

Што имаме под хауба? Како што кажав погоре, ова е првиот плаг-ин хибриден Audi RS модел, но самиот мотор на внатрешно согорување е многу сличен како претходно; 2.9 турбо V6 бензинец со 510 коњи, спарен со електромотор со максимална сила од 177 коњи и батерија од 22 kWh (нето).


Audi

Вкупниот износ е 639 коњи и 825 Nm вртежен момент, што овозможува забрзување до стотка за 3.6 секунди и максимална брзина од 285 км/ч (со Audi Sport пакетот). Електромоторот користи 400V архитектура, и ќе може да се наполни за два и пол часа на класичен полнач од 11 kW. 


Разликата во перформанси меѓу новиот RS5 и стариот не е многу голема, но тоа е затоа што новиот RS тежи околу 2.4 тони; некои 400 кг повеќе од стариот. Да се разбереме сега, 0-100 за 3.6 секунди не е во никаков случај споро, но тука повторно имаме соочување со тажната реалност дека плаг-ин хибриден погон, какви и да има бенефити, не може никако да се вгради без сериозно зголемување на тежината. 


Audi

Сепак, инженерите на Audi Sport знаат што прават, и откако слушнав од човек кој имал искуство со новото BMW M5 дека одлично ја крие тежината, сепак сум оптимистичен.


Со плаг-ин хибридниот погон доаѓа нешто ново; динамичко векторирање на вртежниот момент во комбинација со стандардниот Quattro погон на сите тркала. На задната оска распределбата на вртежен момент ќе се одвива електромеханички (за прв пат во индустријата), и системот ја калкулира дистрибуцијата на секои 5 милисекунди.


Audi

Ентериерот исто добива големи промени. Има екрани на сите страни и многу технологија, да, ама има и соодветни RS детали, како спортските седишта и црвените детали на повеќе места. 


Новото Audi RS5 е веќе достапно за нарачка, а првите испораки се очекуваат летово. Во Германија седанот почнува од 106.200 евра, додека караванот почнува од 107.850. Засега не се знае кога би стигнал кај нас или која би му била цената. Новата ера на Audi RS модели веќе изгледа одлично, а ова е само почетокот. 


© 2026 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page