Citroen Ami Buggy е сега достапен за сите
- Марко Соколовски
- May 2
- 2 min read
Ова може да е една од најдобрите и најрадосните вести оваа година, барем во склоп на автомобилската индустрија. Се сеќавате на Citroen Ami Buggy? Првично беше концепт верзија на малиот Citroen Ami направен за теренско возење, а потоа се решија за лимитирано производство.
Многу луѓе сосем оправдано беа разочарани дека ова беше лимитирана изведба, но Citroen ни ги слушна барањата.
Citroen Ami Buggy станува траен член на понудата

Citroen
Сега ќе може кој било купувач да си набави Citroen Ami Buggy и да ужива во идеален автомобил како за на плажа. Иако, за жал, новиот Ami Buggy не ги нуди A/T гумите на концептот, ги заддржува челичните цевки наместо врати, како и златните фелни кои се исто така челични.

Citroen
Достапна е и Palmeira изведба со дополнителни жолти акценти, односно во иста боја како Citroen логото на предницата, а во внатрешноста ќе ви прави друштво роботската фигура Andy, најверојатно крстен по Andre Citroen. Со оглед на тоа каков автомобил е Ami, мислам дека во случајов не се работи за ВИ асистент, не знам за вас.

Citroen
Освен Ami Buggy, и обичниот Ami добива малку освежен дизајн. Новото лого на Citroen како и кружни светла напред и позади (за оние кои не знаевте, предните и задните панели на Ami се потполно исти, само бојата на светлата е различна), а со тоа малку потсеќа на 2CV, т.е Спачек за сите нас балканци.
Моќноста и понатаму доаѓа од еден електромотор со 8 коњи и мала батерија од 5.5 kWh, што овозможува опсег од околу 75 километри. Бидејќи е мала батеријата, може да се наполни на обичен домашен штекер од 220V за околу 4 часа. Има и три различни color пакети кои доаѓаат со стикери и раткапни за да може секој сопственик да си го направи својот Ami малку поуникатен.

Citroen
Со Cargo пакетот се жртвува совозачкото седиште за до 340 литри багажен простор, а сега ќе биде достапен и Ami for All, односно верзија на Ami направена за полесен пристап за луѓе кои користат инвалидска количка.