top of page

Citroen го претстави новиот C5 Aircross

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • May 2
  • 3 min read

Неколку месеци по претставувањето на C5 Aircross концептот, ни доаѓаат вести од Citroen. Најголемиот SUV на брендот сега влегува во својата втора генерација. Ајде да видиме за што се работи.



Ова е новиот Citroen C5 Aircross

Citroen C5 Aircross 1

Citroen


Ретко се случува да сериската изведба од некој модел личи скоро исто како и концептот, но тоа е апсолутно случајот со C5 Aircross. Со исклучок на тркалата (да ви кажам искрено, на концептот повеќе ми се допаѓаа), надворешните промени во преодот од концепт до сериски автомобил се апсолутно минимални.


Предницата е во главно иста, профилот е ист во главно, дури и задниот дел со стоп светлата кои личат на крила. Од Citroen се свесни и горди дека личат на крила, затоа ги нарекуваат Citroen Light Wings, односно Citroen светлосни крила.


Citroen C5 Aircross 2

Citroen


Како што би очекувале, аеродинамиката беше на врв на приоритетите кај новата генерација, и новиот C5 Aircross е значително поаеродинамичен од досегашната генерација. Морам да издвојам дека и зеленава боја е одлична. 


Citroen C5 Aircross 3

Citroen


Сепак, најважните промени, како и што се очекува, се под каросеријата. C5 Aircross е поставен на новата STLA Medium платформа, која е исто така подлогата за други модели ширум брендовите на Stellantis. Еден од најважните бенефити од префрлањето на оваа платформа во однос на претходната EMP2 е поддршката за нови погонски системи.


C5 Aircross доаѓа во хибридни и електрични изведби


Citroen C5 Aircross 4

Citroen


Слично како и другите STLA Medium модели, C5 Aircross ќе се нуди како самополнечки хибрид, плаг-ин хибрид, или пак целосно електричен.


Самополнечкиот хибрид, односно C5 Aircross Hybrid, ќе ја користи познатата комбинација од 1.2 PureTech бензинец со три цилиндри и мал електромотор сместен во 6-степениот автоматик со двојна спојка, со вкупен износ од 145 коњи.



Citroen C5 Aircross 5

Citroen


Според WLTP, овој модел може да помине околу 950 километри кога сѐ е полно, а компанијата тврди дека може дури и половина од времето да работи исклучиво на струја. 


Потрошувачката освен што е за околу 15% подобра во однос на чист бензински мотор, наводно ќе биде помала и од претходниот C5 Aircross за некои 4%.


Citroen C5 Aircross 6

Citroen


Понатаму оди плаг-ин хибрдиот, односно Hybrid Rechargeable. 1.2 бензинецот се заменува со 1.6 бензинец со четири цилиндри, со базична моќност од 150 коњи. Вкупниот износ во комбинација со електромоторот и батеријата од 21 kWh изнесува 195 коњи. Тука исто имаме автоматик со двојна спојка, но овој пат со 7 степени.


Citroen C5 Aircross 7

Citroen


Citroen тврди дека овој модел може да помине дури 100 км исклучиво на струја во градски услови, а и полнењето ќе биде доста брзо. Ако го одберете вградениот полнач од 7.4 kW, можете да ја наполните батеријата за некои 3 часа, што е супер.


На крај, секако, го имаме електричниот C5 Aircross, односно ë-C5 Aircross. Две опции за батерија, 73 kWh или 97 kWh, две опции за електромотор со 210 или 230 коњски сили.



Citroen C5 Aircross 8

Citroen


Верзијата со поголема батерија наводно ќе може да помине огромни 680 километри, додека помалата батерија 520, што е исто одлично. Максимум јачина на брзото полнење ќе биде 160 kW, и на таков полнач ќе може да се наполни за 27 минути. Од идната година, ќе биде достапно и vehicle-to-load за да ги полните вашите електронски и електрични уреди со помош на C5 Aircross.


Океј, тоа се многу информации. Ајде да преминеме на ентериерот. 


Нешто што одма привлекува внимание во ентериерот е инфозабавниот екран, кој е вертикално поставен како водопад. Ова досега не сум го видел на STLA Medium возило, или пак на повеќето модели од брендовите на Stellantis, но морам да признаам дека изгледа интересно.


Citroen C5 Aircross 9

Citroen


Од друга страна, малку ме чуди контрастот: Citroen се посвети да нуди физички контроли за климата во C3 и C3 Aircross, но тука повторно имаме дигитални. Сепак, како што гледам тука, тие се секогаш на долниот дел од екранот.


Освен екранот, имаме и безжичен полнач за мобилен од 15W во средината, голем екран за возачот и голем heads-up display кој проектира на инструмент таблата. А да, освен што инфозабавниот систем има безжично поврзување за смартфон, доаѓа со вграден ChatGPT, за да ви дава предлози за рецепти кога сте во движење.


Citroen C5 Aircross 10

Citroen


Шала на страна, ентериеров изгледа одлично, а тука се и Citroen Advanced Comfort седиштата за да не заборавиме што е тоа што ги прави Citroen уникатни. Тие доаѓаат во комбинација со новата генерација на суспензија на Citroen наречена Progressive Hydraulic Cushions, односно прогресивни хидраулични перничиња.


Новиот Citroen C5 Aircross ќе се склопува во фабриката во Рен, Франција. Ќе почне да пристигнува во салони кон крајот на годинава, но засега не се знае колку ќе чини или кога би пристигнал кај нас. 



© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page