Citroеn Elo Concept ги менува правилата за мали автомобили
- Марко Соколовски

- 13 minutes ago
- 2 min read
Ако нешто може со сигурност да очекуваме од Citroеn, тоа е концепт автомобил кој начисто ги менува правилата. Тоа беше случајот со Oli концептот од пред пар години, а сега, Citroen повторно се решиле да го менуваат правилникот за тоа што значи мал автомобил и што може да прави мал автомобил.
Citroen Elo има место за шест патници во каросерија од 4 метри

Citroen
Прво нешто што ми текнува е репликата од еден легендарен скеч на К-15 кој верувам дека го знаете: „Четворица на тросед, а?“
Главната филозофија на Elo е максимално искористување на просторот во внатрешноста на мал автомобил. Тој муабет често го слушаме, но овој пат таа филозофија е доведена до екстремно ниво. Во автомобил долг 4.1 метри има место за шест патници, додека возачот седи во самата средина а ла McLaren F1.

Citroen
Колку за перспектива, Elo е само 10 cm подолг од тековниот C3, но собира до шест луѓе без проблем. Од Citroen тврдат дека Elo е ново замислување на дневната соба на четири тркала. Всушност, името на концептот е изведено од тоа. REst, PLay, WOrk (одмор, игра, работа).

Citroen
Стандардната конфигурација има простор за четворица, и возачот пак седи во самата средина, а има опција возачкото седиште да се сврти кон другите патници кога сте застанати, како на некои стари моноволумени. Тука се крие и другиот клуч за Elo; автомобилската индустрија, малку по малку, ги разгледува опциите и исплатливоста на враќањето на вистинските моноволуменски модели во понудата. Самите Citroen го потврдуваат тоа во своето соопштение за концептот:
Со својата храброст и познавање, Citroen разгледува интересни решенија за да го реинтерпретира духот на моноволуменските и миниван моделите кои ја формираа историјата на брендот.
Преводов не е многу директен, ама сепак, јасно е дека Citroen сака да ги врати моноволуменските возила во понудата, и сака тие да понудат што е можно повеќе во што е можно помал пакет.

Citroen
Засега нема некои други посебни информации за Elo, освен фотографиите, и морам да кажам дека концептов изгледа фантастично и многу, многу cute. Не знам дали ќе влезе во производство баш вака, но со сигурност ќе има влијание на идни модели на брендот. Враќањето на моноволумените може воедно да биде и мала пауза од лавината на SUV модели, и мислам дека на сите ни треба тоа.




