Dacia го претстави новиот Duster
- Марко Соколовски
- Nov 29, 2023
- 2 min read
Dacia Duster веќе подолго време е еден од најдобрите мали SUV модели, најмногу поради вредноста за парите. Тековната генерација е со нас од 2017 година, и понатаму се држи добро на пазарот поради сѐ што нуди за парите.
Сепак, дојде време за обнова. Oва е третата генерација на Dacia Duster.

Одма забележуваме промени во дизајнот. Од надвор, Duster е малку помодерен, и се гледа инспирацијата од концепт моделите на Dacia. Горниот дел од предницата е малку стеснет, а тука го гледаме и новото лого како и новиот дизајн на дневните светла.

Од страна профилот е покоцкаст од претходно, кваките на задните врати сега се скриени кај прозорците, а задниот дел е пофутуристички и вклучува нови триаголнести задни светла.
Освен освежениот дизајн, има и еден куп други вести за новиот Duster. Најпрвин, B0+ платформата на Renault групацијата оди во историјата, на нејзино место доаѓа помодерната CMF-B платформа, која ја наоѓаме и кај Renault Captur. Ова значи дека на Duster му се отвараат портите за електрифицирани погони.
Dacia Duster ќе се нуди како хибрид за прв пат

Новиот Duster го наследува Hybrid 140 агрегатот од моноволуменот Jogger. 1.6-литарски атмосферски бензинец како и два електромотори, еден од нив со 49 коњски сили, а другиот генератор. Вкупниот износ е, како што наведува името, 140 коњски сили, и овој агрегат е спарен со 6-степен автоматски менувач, каде што четири од степените се за моторот, а два од нив се за електричниот дел. Ако ова звучи познато, сме го виделе истиов распоред на други модели од Renault групацијата.

Освен хибридот, новиот Duster ќе се нуди и со TCe 130 агрегатот, за прв пат во модел на Dacia. Лајт хибридниот погон користи 1.2-литарски турбо бензинец кој работи на поефикасниот Милер циклус, што овозможува до 10% намалување на емисии и потрошувачка, поради лајт хибрид елементот, кој користи стартер генератор и може да ја собира енергијата која би се потрошила со кочење.

Третиот агрегат мислам дека ќе биде најзанимлив за македонскиот пазар. Се вика TCe BiFuel 100, или по нашки, бензин/плин. Dacia долго време ги нуди сите свои модели со фабрички плин, а некои од нив како Logan MCV се достапни и со метан (да, како тие на Cammeo). Со двата резервоари полни, новиот Duster BiFuel може да помине дури 1,300 километри според WLTP.

Новиот Duster повторно ќе се нуди со погон на сите четири тркала. Фабрички доаѓа со clearance од 217мм, што е најдобар во класата според Dacia. 4x4 верзијата на Duster е спремна да оди далеку од асфалтот. 31 степен агол на влегување, 36 степени агол на заминување, како и повеќе режими на теренско возење.

Ентериерот исто така добива добра доза на промени, но ги заддржува принципите на Dacia за сѐ она што треба, и ништо повеќе. За прв пат ќе се нуди со дигитална инструмент табла, како и голем 10.1-инчен екран за инфозабавните соддржини.
Материјалите се издржливи, но дизајнот и бојата не се заборавени. Кога сме кај материјалите, Duster воведува нов оддржлив материјал направен од рециклирана пластика.

Третата генерација на Dacia Duster ќе започне со производство на почетокот на 2024 година. Моментално не се достапни информации околу цените, но едно нешто што можам да кажам е дека изгледа одлично.