Fiat Tris - Најшармантното комерцијално возило за 2025
- Марко Соколовски
- 1 day ago
- 2 min read
Комерцијални возила доаѓаат во сите форми и големини. Од мали комбиња и Јапонските kei камионети, па сѐ до класични шлепери. На другите континенти во светот, секторот за транспорт е многу снаодлив и иновативен, со максимално искористување на малите возила кои им се достапни. Fiat очигледно сака да го награди и поддржи тоа. За што се работи?
Ова е Fiat Tris

Fiat
Мислам дека во главата ви одѕвонува зборот cute моментално, и со тоа морам да се согласам. Fiat Tris е најновото комерцијално возило од италијанскиот производител, и знам што ќе ме прашате, но ќе морам да ве разочарам. Овој модел не е наменет за европскиот пазар, но Fiat планира да го нуди во Африка и Блискиот Исток.
Иако разбирам зошто европјаните нема да го добијат овој модел, сепак малку ми е чудно, бидејќи еден од пионерите на мали комерцијални возила на три тркала, Piaggio Ape, доаѓа токму од Италија. Ама ајде, о том по том.

Fiat
Што е работата со Tris? Како што гледате, се работи за многу мало комерцијално возило со само три тркала. Многу потсеќа на тук-тук такси возилата кои се популарни во подалечниот Исток, и тоа воопшто не е лоша работа.
Ќе биде достапен во три изведби, пикап, шлепер (flatbed) и само кабина со празна шасија, за да додадете што вас ви треба. Се прашувам колку клиенти ќе стават затворена приколка за да продаваат сладолед во паркови. Ако кај нас успеа тоа, зошто да не?
Бруто масата на Tris изнесува 1.025 килограми, додека максималната дозволена носивост му е 540 килограми, што е сосем доволно. Моќноста доаѓа од еден мал електромотор со напон од 48V, како и мала литиумска батерија од 6.9 kWh. Максималната моќност е масивни(!) 12 коњи, а може да помине до 90 километри со полна батерија. Нешто слично како Citroen Ami или Fiat Topolino, максималната брзина е 45 км/ч.

Fiat
Кога сме кај полнењето, бидејќи од вакво возило се бара да биде во движење константно, нема барање специјални полначи за ЕВ: Tris доаѓа со обичен штекер од 220V, како што би имале дома. Полнењето од 0% до 80% трае 3.5 часа, а за да го наполните до горе ќе треба 4 часа и 40 минути.
Како што кажав погоре, Fiat Tris ќе започне прво во МЕА регионот (Близок Исток и Африка), а засега не се знае дали ќе дојде на другите пазари. Апсолутно треба да дојде, заедно со Grande Panda 4x4. Ајде Fiat, do it.