Jeep Grand Cherokee добива фејслифт и многу интересен мотор
- Марко Соколовски

- Oct 29
- 2 min read
Jeep Grand Cherokee е еден од најпознатите премиум SUV модели, и особено поради неговите теренски способности, кои го издвојуваат во својот сегмент. Иако моделот не е толку успешен во Европа како што е во Северна Америка, сепак повеќето од нас знаеме што е Grand Cherokee.
Jeep штотуку подготви еден фејслифт за овој модел, што исто значи и деби за нешто прилично интересно.
Новиот Jeep Grand Cherokee со нов турбо бензинец

Jeep
Досега имаше неколку достапни комбинации за Grand Cherokee, меѓу кои 4xe плаг-ин хибридната верзија, како и V6 и V8. Со фејслифтот, V6 моторот ќе биде заменет со турбо бензинец со четири цилиндри. Чекај, што?
Во повеќето пакети на опрема, наместо стариот Pentastar V6, на негово место доаѓа најновиот член на семејството Hurricane, наречен Hurricane 4. Како што наведува името, се работи за 2.0 турбо бензинец со четири цилиндри кој испорачува импресивни 324 коњи и 450 Nm вртежен момент. Уште поинтересен момент е тоа што овој мотор има т.н турбулентно вбризгување, односно turbulent jet injection.

Jeep
За време на процесот на внатрешно согорување, има момент каде што воздухот и горивото се тргаат настрана во посебна преткомора, каде што свеќичките создаваат уште една експлозија, а тоа доведува до многу покомплетно внатрешно согорување, подобрена термална ефикасност и подобрена потрошувачка и емисии.

Jeep
Да не заборавиме исто дека има 162 коњи за секој литар зафатнина, моментално најдобрата бројка во класата. Оваа технологија досега ја имало само во F1 болиди, како и во Nettuno V6 моторот кој го движи Maserati MC20.
Освен новиот мотор, Grand Cherokee добива и некои други промени и подобрувања; инфозабавниот екран е сега 12.3 инчи, а достапен е и екран за совозачот, и има минимални освежувања на предните и задните делови, како и неколку нови бои.

Jeep
Зошто е толку интересен новиот мотор кај Grand Cherokee? Па знаеме сите дека еден од клучните столбови на Stellantis е споделувањето на платформи и погонски системи. Долго време се мислеше дека следната генерација на Alfa Romeo Giulia и Stelvio ќе го добијат Hurricane моторот со шест цилиндри во линија, на пример.

Jeep
Во исто време, знаеме дека на многу потенцијални клиенти им е малку трн во око тоа што одбрани модели од Stellantis брендовите се нудат исклучиво со хибриден трицилиндрец.
Воедно, сигурен сум дека новиот Hurricane I4 е спремен да се вгради и во возила на STLA платформите. Мислам дека веќе сфативте каде води муабетов; не гледам зошто овој мотор не би можел да се појави во други модели на Stellantis, по готово оние кои се популарни во Европа.

Citroën
Океј, можеби нема на другите да им треба 300 и кусур коњи, ама еве, малку помалку коњи со намалување на притисокот на турбото (кое моментално може да оди до 2.4 bar фабрички), и некаква комбинација како тековниот хибрид со електромоторот сместен внатре во менувачот.
Со ова мислам дека може многу брзо и лесно да се привлечат повеќе клиенти, особено оние кои сакаат четири цилиндри и повеќе моќност без тоа да биде плаг-ин хибрид. Останува да се види каде ќе води ова, но според мене, ова би било најпаметната одлука.




