Korrmotive на Porsche Road Tour 2023
- Марко Соколовски
- Aug 22, 2023
- 4 min read
Од 2014 година, Porsche Македонија, односно Porsche Центар Скопје го оддржуваат Porsche Road Tour. Овој грандиозен настан се случува еднаш годишно, и во него учествуваат клиенти и автомобилските медиуми.
Сума сумарум на настанот е: учесниците имаат шанса да испробаат дел од моделите на фамозниот германски бренд, кој оваа година прославува 75 години постоење. За време на возењето до дестинацијата и назад, која оваа година беше хотелот Радика во Маврово, присутните неколку пати се менуваат, со цел да искусат што е можно повеќе модели.
За прв пат оваа година, Korrmotive присуствуваше на Porsche Road Tour, и можам да кажам со сигурност дека сите очекувања беа надминати!

Убавицата што ја гледате на фотографијата е 911 Turbo, која беше опремена со Heritage Pack. Тоа ги вклучува ретро тркалата, како и ретро тапацир на ентериерот со прекрасни детали.
Местото на тргнување беше Porsche Центарот во Скопје. Секако, пред да тргнеме, инструкторите Тобиа и Рикардо ни ги соопштија правилата на возење и нѐ запознаа со моделите на кратко.

Како и секоја година, вкупно 10 модели на Porsche беа присутни. Оваа година имаше три изведби на 911, имено Carrera Cabriolet, Targa 4 и Turbo.
Понатаму, присуствуваа пет различни изведби на Taycan, но двe од нив беа резервирани за инструкторите, што остави на располагање еден Taycan 4S Cross Turismo, еден регуларен Taycan Turbo и еден Taycan Turbo Cross Turismo.
На нив се придружија две изведби на 718, Cayman и Boxster GTS 4.0, како и Panamera GTS Sport Turismo и малиот SUV Macan S.

Првиот модел на Porsche кој го искусив беше Panamera GTS Sport Turismo. Sport Turismo значи дека се работи за караван изведбата на Panamera. GTS значи 4.0-литарски V8 со два турбополначи и вкупен износ од 480 коњски сили и 620 Nm вртежен момент.
Секако, почетокот на возењето беше во градските улици, каде што можев да го искусам луксузот кој го нуди Panamera GTS. Штом се отвори патот, Panamera GTS покажа дека мами со своите димензии, бидејќи немаше никаков проблем да намали неколку степени на PDK менувачот и едноставно да шиба.
Не можам да го изоставам звукот на Panamera GTS, но подобро е ако не ви го опишувам, односно подобро е ако сами го чуете.

Откако поминав малку време во совозачкото седиште на Taycan Cross Turismo, следно на ред беше 718 Cayman. Овој модел користи 2.5-литарски турбо боксер со четири цилиндри, со вкупен износ од 350 коњски сили и 420 Nm вртежен момент.
Иако имаше доста контроверзии околу префрлањето на 718 гамата на мотори четири цилиндри, имам само добри работи да кажам. Звукот навистина пријатно изненади, како и брзината и забрзувањето.
Иако многумина тврдат дека на овие модели повеќе стои мануелниот менувач, PDK автоматскиот навистина се покажа добро. Лопатките за менување брзини на воланот исто така беа одлични.

Откако ме разнесе ветерот и ме возбуди атмосферскиот звук на совозачкото седиште на прекрасниот 718 Boxster GTS 4.0, следен модел зад чиј волан седнав беше 911 Cabriolet.
Можеби би рекле дека ова е само основниот 911. Сепак, не е шега. 3.0-литарскиот боксер испорачува 385 коњски сили и 570 Nm вртежен момент, и отворениот покрив во комбинација со спортскиот издув, кој патем сите присутни (неелектрични) модели го имаа, звукот е вистинска уживанција.

За среќа, кога дојде редот на 911 Cabriolet, се исклучивме од автопатот, и возевме по свиоци како што се приближувавме до Радика. Оваа изведба на 911 Cabriolet е створена за такво возење, и сите параметри и контроли се на место.
Со 911 Cabriolet ја комплетиравме рутата до хотелот Радика, каде освен refreshments, исто добивме кратка презентација за освежениот Cayenne, кој претходно го направи своето македонско деби на концертот на Paul van Dyk во Охрид.

Новиот Cayenne воведува доста новитети, со подобрувања во перформансите, технологијата и безбедносните системи.
Потоа, дојде време да се вратиме назад. Откако направивме неколку фотографии со пејсажот на Маврово и Мавровско езеро во позадината, тргнавме повторно надолу. После кратко време на совозачкото седиште на уште еден Taycan Cross Turismo, редот дојде на мојата омилена изведба на 911, Targa.

Targa е совршената комбинација помеѓу купе и кабриолет. Конкретниот модел беше Targa 4, што значи исто 385 коњски сили и 570 Nm вртежен момент, но овој пат со погон на сите четири тркала.
Искуството беше многу слично како во 911 Cabriolet, што со еден збор се опишува како прекрасно.
На крај, после малку време на совозачкото седиште на изненадувачки брзиот Macan S, дојде редот за убедливо најимпресивниот автомобил од сите што ги возев: Taycan Turbo.

Во случајот на Taycan, иако нема турбополнач, Turbo значи два електромотори, погон на сите четири тркала, 680 коњски сили и 850 Nm вртежен момент.
Забрзувањето е навистина нешто невидено. Без разлика колку да притискате на педалата за гас, во ниеден момент не се губи снагата. Едноставно оди и оди, и не престанува да оди. Удобноста, технологијата и дизајнот се исто така исклучиво за пофалба.
Стабилноста е исто така доста импресивна, и тоа всушност можам да го кажам за сите од моделите кои ги возев. Во ниеден момент не влеваат страв во возачот, и овозможуваат да бидете самоуверени, но си бараат и претпазливост.

Со Taycan Turbo се вративме во Porsche центарот во Скопје, и со тоа ставивме крај на овогодинешниот Porsche Road Tour Македонија.
Porsche брендот се гордее со своите модели веќе 75 години. Се гордеат со тоа што максимално ги вметнуваат сите потребни состојки за возачот да ужива зад воланот и за да му стави насмевка на лицето. Се имаат докажано и покажано во секој поглед, и во речиси секој автомобилски сегмент.
Откако прв пат имав искуство со добра бројка на моделите на Porsche, можам со сигурност да кажам дека сега ми е уште појасно. Не само што беа остварени моите очекувања, туку беа далеку надминати.

Да го кажам со други зборови, не возев јас. Зад воланот на овие прекрасни модели беше шест-годишниот Марко кој возеше Porsche модели на Need for Speed и слично. Само така би можел да ги опишам емоциите зад воланот на Porsche.
Искрена благодарност до Porsche Центар Скопје за поканата на овој прекрасен настан. Подолу можете да погледнете и да уживате во други фотографии.