Претставена новата Mazda CX-5
- Марко Соколовски
- Jul 10
- 3 min read
Изминативе скоро 15 години, Mazda CX-5 изгази со продажба ширум светот. Од 2012, кога прв пат беше претставен моделот, до денес, Mazda успеа да продаде 4.5 милиони примероци, а од 2018 година до денес е најпродаваниот модел во портфолиото на јапонскиот бренд. Од тоа што сум разбрал, успехот на овој модел е сосема заслужен.
После скоро 9 години на пазарот, втората генерација на CX-5 оди во пензија. Ајде да видиме што ќе ја замени…
Ова е новата Mazda CX-5

Mazda
Mazda ја претстави третата генерација на мегапопуларниот CX-5, кој што ќе пристигне во Европа на крајот од 2025 година.
Вака на прв поглед, изгледа многу слично како досегашниот CX-5, но има еден куп новости што треба да ги продискутираме. Дизајнот на предницата е многу сличен, со исклучок на новата форма на светла, а тука е и прекрасната Soul Red боја на Mazda, за која цврсто останувам на мислењето дека е најдобра црвена боја во индустријата моментално.

Mazda
Од страна, иако потсеќа на досегашниот CX-5, сепак има доста јасни промени, и се гледа инспирацијата од другите два SUV модели на Mazda, CX-60 и CX-80. Задниот дел сега вклопува сосем нов дизајн на светла кои што, пак, потсеќаат на CX-60 и CX-80, а гледаме дека и Mazda се придружуваат на трендот на испишано име на петта врата наместо знак. Што толку мерак за тоа сите…

Mazda
Внатрешноста исто така трпи прилично големи промени. Воланот е ист како оној на CX-60 и CX-80, само што повторно имаме MAZDA во средина наместо лого. Имам чувство дека ова може да го очекуваме и од фејслифтот на горенаведените кога ќе дојде време за тоа.
Тоа што најмногу ме изненади (и не на добар начин) е огромниот инфозабавен екран во средината. Многу луѓе беа воодушевени од тоа што Mazda беше меѓу последните брендови кој нуди инфозабавен екран со физички контроли. Кога викам физички контроли, се мисли и за управување со самиот екран, а не само за климата.
За жал, CX-5 го отфрла тоа, сега има голем екран на допир за инфозабавните соддржини и сосема нов софтвер. Како што гледам тука, има и нов екран за инструмент таблата.
Интересна ми е комбинацијата на огромен инфозабавен екран, а малку подолу има класична рачка за автоматскиот менувач.

Mazda
А зошто е класична рачка? Бидејќи CX-5 прво ќе настапи на европскиот пазар со докажаниот 2.5 SkyActiv-G атмосферски бензинец, спарен со 6-степен автоматик. Ќе ги заддржи и Мекферсон предната суспензија и мултилинк задната суспензија, значи би требало да биде забавен и за возење. Овој мотор ќе дојде и стандардно со Mazda M Hybrid лајт хибрид системот.
Далеку поинтересни се погоните кои ќе се појават во CX-5 подоцна. Во 2027 година, освен што ќе се појави самополнечки хибрид, ќе го има и новиот SkyActiv-Z мотор на Mazda кој моментално го развиваат, и кој што ветува огромни постигнувања за моторот на внатрешно согорување.

Mazda
Со оглед на тоа што Mazda долго време се залага да му даде нов живот на бензинскиот мотор, ова не ме чуди, и многу ме интересира како ќе се покаже. Веќе го имам возено SkyActiv-X, и ме воодушеви, така да, во моментов само можам да кажам дека знаат што прават.

Mazda
Како што кажав погоре, новата Mazda CX-5 ќе пристигне кон крајот на 2025 година. Многу ме интересира како ќе оди ова и дали ќе остане уште популарен како што беше досега.
Мислам, океј, сигурно ќе остане, ама исто имам теорија дека многу од денешните купувачи на CX-5 го бираа, меѓу другото, поради неговиот по old school пристап кон ергономија. Ме интересира како публиката ќе реагира на префрлањето на голем екран во средината, но ако останат и возачките способности на CX-5, апсолутно не гледам зошто не би успеал на пазарот. Останува да видиме…