Mazda го шири електричното портфолио - ова е EZ-60
- Марко Соколовски
- Apr 11
- 2 min read
И покрај огромната верба во иднината на бензинските мотори, Mazda сепак полека сфаќа дека треба и да го шири портфолиото на електрични модели за да остане на површината, како и на глобално ниво, така и во Европа.
Пред неколку месеци ја видовме Mazda 6e, електричниот седан кој е де факто замена за Mazda 6 во Европа, развиен во соработка со Changan, кинескиот партнер на Mazda. Сега го имаме и вториот електричен модел од оваа склопка.
Mazda EZ-60 стига во Кина наскоро

Changan Mazda
Најпрво да се извинам за квалитетот на фоткиве, моментално нема конкретно соопштение за печат, само кратко видео споделено на кинеските социјални мрежи. Сепак, доволно е за да видиме за што се работи.
EZ-60 е вториот модел со Mazda знак развиен од Changan Mazda, и прво ќе пристигне во Кина. Според информации од Drive Австралија, EZ-60 ќе ја дели платформата со Deepal S07 електричниот SUV.

Changan Mazda
Сепак, EZ-60 има свој јасен идентитет. Многу потсеќа на CX-60 во поглед на линиите, дизајнот на фелните, како и помалите детали. Предницата е лесно препознатлива, но сега вклучува (погодете што!) превртени светла. Профилот особено потсеќа на CX-60 и CX-80, како и дизајнот на светлата позади. Добро изгледа и оваа виолетова боја, богами.

Changan Mazda
Засега нема многу информации околу EZ-60 освен клипчето кое го спомнав, но голема е веројатноста дека ќе се лансира надвор од Кина под името CX-6e, и ќе биде електричен пандан на CX-60. Интересното е што, според Drive Австралија, Mazda работи посебно (без Changan) на електрична верзија на CX-5 која би требало да се појави до 2027 година.

Changan Mazda
Немаме инфо за димензиите на EZ-60, но доколку пристигне во Европа, мислам дека ќе се нудат паралелно. Со оглед на тоа дека 6е седанот ќе стигне во Европа, не гледам зошто овој модел не би се нудел. EZ-60 е на истата EPA1 архитектура како 6е и многу Deepal модели, и најверојатно ќе се нуди како чист електричен модел или пак со бензински генератор.

Changan Mazda
Патем, Mazda EZ-60 ме потсети да спомнам дека ова е, всушност, генијална стратегија. Знаеме дека европската авто индустрија се труди максимално да ги спречи кинезите да влезат, но ова е совршен пример дека кинезите можат да се потпрат на своите стратешки партнери кои веќе имаат долгогодишно присуство во Европа за да ги нудат нивните модели тука. Genius.
Повеќе информации околу Mazda EZ-60 ќе дознаеме на саемот во Шангхаи, кој започнува на 23 април 2025.