top of page

Mazda: Синтетичките горива ќе ја спасат MX-5

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • 6 days ago
  • 3 min read

Знаеме дека Mazda е целосно посветена на нова генерација на легендарната MX-5. Иако нема да ја видиме барем уште неколку години, и покрај тоа што тековната генерација влегува во својата дванаесетта година на пазарот, Mazda не се откажува од нова генерација на овој бестселер, и инсистираат да биде со заден погон, да има минимална тежина и да има рачен менувач.


Mazda неоддамна спомна уште некои други ситници за следната генерација на MX-5, меѓу што и она важното; како ќе преживее овој модел со построгите регулативи? Ова е една од опциите.


Mazda го гледа спасот за MX-5 во синтетичките горива


Mazda

Да, лесно е следната генерација на MX-5 да биде хибрид. Да, лесно е да биде целосно електрична. Сето тоа би било многу полесно, но тоа не е поентата. Mazda инсистира дека најдоброто решение за MX-5 да доживее уште една генерација во ерата на Euro 7, а воедно да биде направена по стариот добар рецепт е ако моторот работи на синтетички горива. 


Mazda

Иако има уште многу време додека синтетичките горива да достигнат индустриско производство како нафтата, освен што Европскиот парламент попушти за нивната употреба за моторите за внатрешно согорување и после 2035, Mazda е еден од истакнатите инвеститори и членови на Алијансата за е-горива, каде што исто членува и Porsche.


Mazda

Mazda е еден од малкуте производители кои не се спремни да кренат раце од моторите со внатрешно согорување. Океј, сега веќе никој не е спремен да крене раце, ама Mazda го има овој став со години, дури и кога целата индустрија беше убедена дека за неполни 10 години сите ќе возиме автомобили на батерии.


Со оглед на тоа дека целата таа приказна доби друг крај, и дека сфатија повеќето производители дека не бива откажување од бензинците и дизелите само така, може сето тоа навистина да ѝ оди во корист на следната MX-5. Ако мене ме прашувате, јас мислам дека ќе се најде начин синтетичките горива да се произведуваат во поголеми, индустриски количини.


Mazda

Веројатно се случува и нешто зад сцената што ние не го знаеме и не го гледаме, и ќе го дознаеме со тек на време, и мислам дека истото важи и за водородот и неговата потенцијална употреба како гориво, наместо како производител на струја во горивна ќелија.


Што и да се случи со следната генерација на MX-5, Mazda афирмира дека тековнава генерација ќе тера уште некоја година сигурно, и тоа е океј. Да бидеме реални, не дека ѝ фали нешто на тековната генерација, и мислам дека чекаат и се спремаат за правиот момент, за да можат да го изиграат тоа како што треба и новата MX-5 точно да ја исполнува визијата на Mazda. 


Воедно ова е еден вид афирмација од Mazda; и покрај турбуленциите и несигурностите, тие и понатаму ја развиваат следната генерација. Ова ја ублажува болката од бескрајните предизвици со кои се соочуваат во обидот да го вратат роторскиот мотор во спортски RX модел.


Mazda

За крај, уште една мала, интересна новост од Mazda е што ќе применат лекции научени од своите кинески партнери. 6е и CX-6e, два електрични модели кои се базирани на платформи на кинескиот Changan, се еден вид најава за што може да очекуваме за следното ЕВ на Mazda кое ќе биде исклучиво нивен дизајн. Вака добро изгледаат и двата модели, така да, сигурен сум дека нѐ чека нешто интересно и во таа категорија.






© 2026 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page