Новото Renault Clio дебитираше на IAA Mobility 2025
- Марко Соколовски
- Sep 13
- 3 min read
Пак ме немаше некое време, а додека ме немаше, се оддржи IAA Mobility, или по нашки Саемот за мобилност (читај: автомобили) во Минхен. Таму имаше неколку интересни премиери на нови модели, меѓу кои и оваа доста изненадна премиера. Ајде да видиме.
Ова е новото Renault Clio

Renault
Од нигде никаде, без некаква најава или hype однапред, Renault ја претстави новата шеста генерација на легендарното Clio во Минхен. Иако е поставено верзија на платформата која ја користат 5 и 4 E-Tech, една од главните вести за Clio е тоа што нема да се нуди целосно електрична изведба.
Со оглед на тоа дека Renault веќе има два, наскоро три модели во класата на мали ЕВ, и со оглед на тоа дека името Clio значи нешто и кај old school купувачи, а и да не заборавиме генералната промена во вкусовите на купувачите ширум индустријата, ова е исправна одлука. Сепак, прво мора да кажеме нешто за дизајнот.

Renault
Искрено, и мене ми беше малку чуден дизајнот кога прв пат го видов, но мислам дека тоа е најмногу затоа што, освен што не изгледа како другите модели на Renault, некако се навикнавме на Renault модели со ретро дизајн, а новото Clio не е ни малку ретро, а и ги отфрла многуте денешни трендови, како комбинацијата заден light bar и испишано име на брендот.

Renault
Како што видовте од фотките, нема ни тоа ни тоа. Поминаа веќе неколку дена, и некако ми легна дизајнов. Интересно и модерно, и малку поразлично од тоа што досега сме го виделе од Renault. Моделот на фоткиве е со поспортскиот Esprit Alpine пакет, и многу убаво му стои, а богами и црвенава боја е доста впечатлива.
За прв пат само бензин и хибрид

Renault
Како што спомнав погоре, Clio нема да се нуди со електричен погон, но нема да се нуди ни со дизел за прв пат. Претходната генерација нудеше дизел кратко време, па и тој го тргнаа, но сега во старт нема да има дизел.
Бензинецот е 1.2 со три цилиндри и 115 коњи, во комбинација со мануелен менувач или пак EDC автоматик со двојна спојка. Подоцна ќе се придружи и бензин-плин верзија на овој мотор со 120 коњи и исклучиво автоматски менувач, и тоа мислам дека ќе биде популарна опција кај нас.

Renault
Сепак, најважниот погон кај новото Clio е ревидираниот E-Tech Full Hybrid. Тоа во превод значи самополнечки хибрид, кој спарува 1.8 атмосферски бензинец со мал електромотор и мала батерија. Стандардно како за еден хибрид, ама вкупниот износ е 160 коњи, што е значително повеќе од конкурентните модели со хибридни погони.
И покрај поголемата моќност од досегашниот Full Hybrid, сепак емисиите и потрошувачката се намалени. Конкретно, само 89 г/км CO2, и само 3.9 литри бензин потрошени на 100 км.

Renault
Овој погон доаѓа стандардно со еден малку поинаков автоматик, со два степени за електромоторот и четири степени за бензинецот, вкупно шест. 160 коњи во мал автомобил и 160 коњи во комбинација со атмосферски бензинец би требало да значи дека Clio E-Tech Full Hybrid ќе биде прилично брз, или стартен како што би се рекло по нашки.
Ентериер од новата гарда на Renault

Renault
Делење механика со Renault 5 и Renault 4 значи дека Clio добива сличен ентериер, кој воедно е сосем различен и многу помодерен од сегашниот. Графиката на инструментите и инфозабавниот систем е слична, и фала богу, ги заддржува физичките контроли за климата. Секако, има и многу рециклирани материјали, како и гепек со одлични 391 литри простор.

Renault
Се чини дека infotainmentот е истиот Android Automotive систем кој го пробав во Megane E-Tech, што би требало да значи дека ќе биде фантастичен и многу лесен за користење, но тоа останува да се види допрва.

Renault
Новото Renault Clio се чини многу интересно. Мислам дека ќе биде одлично продолжение на легендарното име во B-сегментот. А да, кога сме кај тоа, новото Clio доаѓа во одлично време, бидејќи во 2025 година Clio слави 30 години од своето прво појавување на пазарот во 1990.
Засега нема инфо за цените или кога би пристигнал кај нас, мојата претпоставка е на пролет 2026. Новото Clio е и уште еден доказ дека B-сегментот е жив, и ми се допаѓа мултиенергетскиот пристап на Renault. Во моментов, тоа е најисправната одлука.