Peugeot го освежи 408
- Марко Соколовски

- Jan 12
- 3 min read
Среќна Нова Година! Се надевам дека сите си поминавте убаво за празнициве и сите се одморивте.
Годинава ја почнуваме со вести од Peugeot, и мислам дека на нашата полиција ќе ѝ биде малку криво за оваа работа.
Peugeot подготви фејслифт за 408

Peugeot
Неколку месеци откако го видовме освежениот 308, Peugeot сега подготви мал фејслифт за 408. Прво нешто што сум сигурен дека го забележавте е новата зелена боја наречена Flare Green. Секогаш ќе одобрувам храбри нови нијанси како оваа, и навистина изгледа многу симпатично. Знаејќи ги Peugeot, има големи шанси ова да биде стандардната боја без доплата на 408.
Предницата добива значително освежување, и многу добро го адаптира новиот дизајнерски стил од 308, со наопачките светла и дневните светла во линија над Peugeot знакот, кој е сега исто осветлен.

Peugeot
Од страните сѐ е генерално исто, со тоа што има само еден нов дизајн на фелни. Искрено, очекував целата лепеза на опции за фелни да биде освежена, но ќе има само еден нов дизајн, другите си остануваат исти, а тоа ги вклучува и 19-инчните без краци кои ги видовме и кога 408 го имаше своето деби пред пар години.

Peugeot
На задниот дел имаме освежени светла, кои се сега закосени како и кај други Peugeot модели и, за прв пат, осветлен Peugeot натпис. Некои од странските медиуми го нарекоа францускиот Lamborghini Urus, и иако не можам да се согласам со тоа, отсекогаш ми се допаѓал дизајнот и особено импозантноста на 408, и тоа е и понатаму случајот.

Peugeot
Во внатрешноста сѐ си е генерално исто, дизајнот е многу сличен на тој кај 308, но сега инфозабавниот систем може да добива over the air ажурирања, односно не треба да се оди до сервисен центар за да се ажурира софтверот.

Peugeot
Инфозабавниот систем сега вклучува и стандардно безжично поврзување за Apple CarPlay и Android Auto, но има и вградена TomTom навигација и ChatGPT. Последново не ми е баш јасно, ќе видиме во пракса за што ќе служи. Исто така ќе бидат достапни седишта сертифицирани од AGR. Ова ми се виде интересно, бидејќи обично таа работа беше резервирана исклучиво за Opel модели, а секогаш сум бил импресиониран од AGR седишта, така да, очекувањата за тоа ми се високи.

Peugeot
Има и неколку новости за погонските единици. Електричниот 408 сега има малку поголема батерија од 58.2 kWh, и за прв пат сега ќе нуди V2L (vehicle-to-load) функција, односно ќе може да ја користи високонапонската батерија за да снабди електрични и електронски уреди со струја.
Тоа може да е бела техника, полнач за лаптоп, итн. Батеријата е со NMC хемија (никел-манган-кобалт), и ќе овозможи опсег од 456 км според WLTP циклусот. Самиот електромотор, поставен на предната оска, има 213 коњи. Најбрзото возможно полнење на DC полнач е 120 kW, со што може да се наполни батеријата од 20% до 80% за околу половина час.

Peugeot
Исто така, освежениот 408 за прв пат ќе биде достапен со познатиот самополнечки хибрид, кој спарува 1.2 бензинец со три цилиндри и мал електрмотор сместен во 6-степениот DCT автоматик, со вкупен износ од 145 коњи. Peugeot тврди потрошувачка од 5 литри на 100 км, и според моето искуство со овој погон, тоа е сосем реално.

Peugeot
Што се однесува до плаг-ин хибридот, тој сега има 240 коњи, батерија од 14.6 kWh и 8-степениот класичен автоматик се заменува со 7-степен DCT. Ќе може да помине до 85 км на струја (во град), што е одлична бројка.
Peugeot не спомна други погонски единици, но многу е веројатно дека други пазари, како нашиот, ќе добијат варијанта од 1.2 PureTech, и можеби повторно ќе го видиме 1.6 THP со 215 коњи, но ништо не е потврдено сега за сега. За оние кои сакаат дизел и се повикуваат на тоа дека 308 ќе го заддржи дизелот, да ве потсетам дека уште од самиот почеток не беше достапен дизел мотор на 408.
Моментално нема информации за кога би пристигнал новиот 408 кај нас. Искрено, фејслифтов изгледа добро. Го дотера малку, и му даде нов живот на еден од најзанимливите модели на францускиот бренд. Навистина ме интересира како ќе биде зад волан.




