Peugeot Polygon Concept – Кој рече дека возењето не треба да биде интересно?
- Марко Соколовски

- Nov 13
- 2 min read
Вчера, преку livestream на YouTube, Peugeot претстави уште еден концепт автомобил со кој најавува некои интересни новости поврзани со своите идни модели. Ајде да видиме.
Ова е Peugeot Polygon Concept

Peugeot
Некој сигурно ги примети сличностите меѓу Polygon и стариот 205 GTI, и тоа не е случајност. Polygon навистина личи како ретро хот хеч, и дефинитивно потсеќа на својот дедо, конкретно во предниот дел и во генералната форма, како и дизајнот на тркала на едниот од трите верзии на Polygon кои Peugeot ги претстави.
Бидејќи концепт автомобилите служат да покажат што можеме да очекуваме од сериските модели во блиската или далечната иднина, што всушност најави Polygon? Првата важна работа е тоа што Peugeot мисли дека класичниот волан е демоде.

Peugeot
Hypersquare го имаше своето деби во Polygon, а со тоа и новиот steer-by-wire систем, односно целосно електронско управување. Кога викам целосно електронско, нема физичко поврзување од воланот до тркалата со традиционална летва, туку е сѐ целосно електронско. Ова значи дека паралелно паркирање може да се направи со половина вртење, наместо со две и пол, а на автопат ќе биде многу полесно и поприродно за престројување.

Peugeot
Иако не сум сигурен баш за формата на Hypersquare, технологијава звучи интересно. Ако и на вас ви звучи интересно, ќе ве израдувам; Peugeot модели со Hypersquare и steer-by-wire ќе бидат достапни за купување од 2027 година. Тоа што мене најмногу ми се допадна во целава работа е што Peugeot никако нема да го запостават искуството зад воланот; сакаат и автомобилите во иднината да бидат забавни за возење, и максимално ќе се погрижат тоа да биде случајот.
Да ви кажам искрено, откако се изнаслушавме муабети за автономно и полуавтономно возење и ADAS, ова е доста освежително.
Друга важна работа што ја претставија кај Polygon е иднината на Peugeot i-Cockpit. Кај Polygon концептот, сите информации се проектирани на шофершајбната, а има огромен екран на горниот дел од контролната табла, така да, информациите можат да се прочитаат јасно и од надвор.

Peugeot
Исто го издвојија и користењето на рециклирани и чисти материјали, како и можноста едноставно да ги замените сунѓерите на седиштата доколку не ви се допаѓаат.

Peugeot
Иако на сите ни е малку здосадено од муабетите со рециклирани материјали, треба да се сложиме дека тоа е сепак добро; дури и ситно намалување на користењето на штетни материјали ќе се собере и ќе направи поголема разлика. За крај, светлата може да бидат по желба на возачот; и предните и задните светла се всушност mini LED панели кои можат да проектираат карактеристичен светлосен потпис, по избор на возачот, или можеби и совозачот.
Додека Polygon сам по себе нема да влезе во сериско производство, да бидеме реални, Peugeot го постави камен-темелникот за следната генерација 208 со овој дизајн. Ако следниот 208 изгледа приближно вака, тоа би било одлично. Во меѓувреме, Polygon Concept служи како showcase за технологија што ќе ја видиме во Peugeot модели многу скоро, а се надевам исто и дека ќе видиме верзија на тој сериски 208 во теренска и спортска изведба.




