Polestar повлекува 28.000 возила поради проблеми со камерата за паркирање
- Марко Соколовски
- 23 hours ago
- 2 min read
Polestar, подбрендот на Volvo за електрични возила, падна во непожелни проблеми. Мислам дека ова е класичен пример, а и предупредување за опасностите од потпирање премногу на технологијата. Ајде да видиме за што се работи.
Скоро 28.000 примероци на Polestar 2 повлечени поради проблеми со паркинг камера

Polestar
Според информации пренесени од Carscoops, Polestar е принуден да повлече 27.816 примероци на електричниот Polestar 2 поради проблеми со камерата за паркирање и возење наназад.
При менување во рикверц, сопствениците тврдат дека наместо да се појави видео сигнал од камерата, се појавува порака „Камерата е привремено недостапна.“ Проблемов го засегаат примероци на Polestar 2 произведени од 2021 до 2025 година.

Polestar
Пред скоро година дена, Polestar исто така повлече околу 26.000 примероци на истиот модел за истиов проблем, но додека тој можеше да се реши со over-the-air ажурирање на софтверот, овој пат возилата ќе мораат да одат во сервисен центар. Од Polestar тврдат дека се работи за грешка во синхронизирање помеѓу инфозабавниот систем и камерата.
Океј, сигурно си викате дека не е толку страшно, особено ние балканците кои долги години се ослонувавме исклучиво на ретровизори и нашиот возачки осет. Проблемот е што еден од моделите на Polestar, електричниот SUV Polestar 4, воопшто нема задна шофершајбна.

Polestar
Не, не се шалам. Polestar 4, првиот купе SUV на брендот, сосема ја трга задната шофершајбна, со што морате да се ослоните исклучиво на камерата како за прегледност, така и за паркирање.
Гледате сега каде е проблемот? Додека едниот модел на Polestar нуди само камера за прегледност и паркирање и тотално ја исфрла задната шофершајбна од приказната, еве го Polestar 2 од кој 28.000 примероци треба да одат на сервис токму поради проблеми со таа камера за рикверц.

Polestar
Е сега, замислете на вашиот Polestar 4 да се случи проблем со камерата за рикверц. Што се прави во таа ситуација?
Некои од технолошките напредоци во новите автомобили се стварно за пофалба, но мора до некаде да се стави точка. Ова е многу добар пример за што може да се случи ако автомобилските компании премногу се потпираат на технологијата за најосновните работи.
Ако мене ме прашувате, EuroNCAP и неговите еквиваленти ширум светот треба да се вмешаат тука. Шофершајбна си е шофершајбна.