top of page

Porsche нагло се предомисли – 718 и идниот K1 SUV сепак ќе нудат бензинци

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Sep 24
  • 2 min read

Како вчера да беше кога речиси целата авто индустрија гордо изјави дека до следната деценија ќе се префрли целосно на струја, и сега сите еден по еден се повлекуваат од тие планови. Мислам дека уште 10 објави ми почнуваат вака, така да, да не должам.


Тука ќе се фокусираме на едно од поновите вакви повлекувања, кое доаѓа од еден добро познат бренд од Штутгарт.


Porsche делумно се повлече од електрични 718 и K1 SUV


ree

Porsche

На кој начин се повлече? Да видиме малку подетално. Веќе неколку години знаеме дека наследниците на 718 Boxster и Cayman ќе бидат целосно електрични. Нема никакви промени таму, но сега знаеме дека најсилните изведби од двата модели ќе имаат мотори на внатрешно согорување. Барем на тоа алудира новата продукт мапа на Porsche, каде што се потврди сево ова.


ree

Porsche

Додека основните изведби на 718 Boxster и Cayman остануваат електрични, нивните најсилни изведби (од типот GTS, GT4, Spyder RS) ќе бидат со бензинци.


Тука би сакал да додадам една мала корекција. Ако мене ме прашувате, со тек на време, сите изведби на 718 ќе бидат бензинци, и електричните ќе си бидат посебна приказна како екстремно niche производи само по специјална нарачка.


ree

Porsche

Иако од Porsche страсно инсистираат дека електричните 718 ќе бидат одлични и многу забавни, не знам колку ќе трае моментот со само врвните изведби да бидат бензинци. Со тек на време ќе воведат и, да кажам, обични изведби со бензинци, и електричните ќе си бидат посебни. 


Освен тоа, Porsche најави и една друга интересна промена. Пред неколку години открија дека работат на SUV знаменосец кој ќе биде поголем од Cayenne, и тој ќе биде исклучиво електричен.


ree

Porsche

Планот се смени, сега и K1 ќе се нуди како хибрид и со мотори на внатрешно согорување. Сепак е уште рано да зборуваме за останатите детали за K1, бидејќи не ги знаеме, но сепак, оваа промена во планот вреди да се спомне.


Не се менува планот за електричниот Cayenne, тој ќе пристигне во 2026, и веќе е при крај со тестирање. 911 нема да стане електричен, но со тек на време ќе видиме повеќе хибридни изведби. За крај, предвиден е и пандан на електричниот Macan со бензински мотори, кој можеби и нема да се вика Macan, ама и за тоа треба да почекаме малку.


ree

Porsche

Оваа промена на планот ги чинеше Porsche околу 2 милијарди (!) евра во однос на профит, и Volkswagen групацијата малку крена паника. Сепак, ова беше очекувано. Можеби не за K1, но за 718 конкретно знаев дека ќе се смени планот и дека сепак ќе се нудат бензински изведби. 


ree

Porsche

Пазарот за електрични спортски возила е премногу мал како и да е, а не па за електрични спортски возила со Porsche знак. Можеби ова ќе биде контроверзно, но мислам дека тој пазар во моментов не ни постои.


Сега останува малку да се стрпиме и да видиме што ќе зготви Porsche во текот на оваа деценија. Што и да се случи, мислам дека сѐ ќе заврши добро за сите страни.

© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page