top of page

Porsche Cayenne Electric – 1.156 коњи и индукциско полнење

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Nov 20
  • 3 min read

Porsche јасно се има изјаснето за својот став према моторите на внатрешно согорување, и планира да инвестира во нив и понатаму. Сепак, сегментот на електрични возила не треба да се запостави, и Porsche штотуку најави нов член на своето електрично семејство. 


Ова е Porsche Cayenne Electric


ree

Porsche

Како директен одговор од Штутгарт за Lotus Eletre, Porsche Cayenne Electric е третиот електричен модел на брендот, и ќе им се придружи наскоро на Taycan и Macan Electric. Тука е важно да спомнам дека Cayenne Electric не го заменува регуларниот Cayenne, ќе се нудат двата модели истовремено.


Cayenne Electric дебитира во две изведби, од која што едната е само Cayenne (сива), а другата е Turbo (зелена). Двете верзии користат два електромотори и погон на сите четири тркала, важната разлика меѓу нив е во моќноста.


ree

Porsche

Додека регуларниот Cayenne испорачува 408 коњски сили во нормални услови, и 442 со launch control, Cayenne Turbo Electric има максимален износ од 1,156 коњски сили. Со тоа, Cayenne Turbo Electric официјално станува најмоќниот сериски модел во историјата на Porsche, и го надминува дури и 918 Spyder.


ree

Porsche

Меѓу другото, ова значи дека Cayenne Turbo Electric стигнува до стотка за 2.5 секунди, исто време како 911 Turbo S (и тоа новиот со 700+ коњи), додека максималната брзина му е 260 км/ч. Да се разбереме, и регуларниот Cayenne Electric не е спор во никаков случај, со забрзување до стотка од 4.8 секунди. 


Дизајнот е типичен за електричните модели на Porsche, и дефинитивно е препознатлив како Cayenne. Малку е поаеродниамичен (коефициент 0.25, одлично за еден голем SUV), и малку е поразличен од регуларниот Cayenne, но сепак, не би го помешале со нешто друго.


ree

Porsche

Мислев дека ќе ми биде чуден дизајнот, но го погодиле. Кај Turbo моделот има малку повеќе активна аеродинамика, со лопатки кои буквално излегуваат од задниот браник кога ќе вклучите launch control. Сте ги гледале Taxi филмовите? На тоа ме потсеќа.


Cayenne Electric е базиран на архитектура од 800V, што значи многу брзо полнење; ќе поддржува полнење до 400 kW, што би значело полнење на батеријата од 10% до 80% за околу 16 минути. Со други зборови, може да додадете до 325 километри опсег за околу десетина минути. Побитен момент е тоа што Cayenne Electric ќе може да се полни индукциски. Чекај, што?


ree

Porsche

Да, исто како многу смартфони денес, Porsche ќе нуди индукциски полнач за Cayenne Electric; ваше е само да паркирате правилно врз полначот, и тој од таму превзема (погледнете ја насловната фотографија). За жал, како и повеќето безжични полначи за мобилни, овој метод полни со мала моќност од 11 kW, но сепак, интересна финта. Ова може да биде корисно рецимо во ситуација кога ќе го оставате возилото дома неколку дена од било каква причина, па да биде наполнето кога ќе затреба. 


ree

Porsche

Максималниот опсег на струја е, според Porsche, 642 километри, што е прилично импресивно. Од Porsche исто истакнуваат дека Cayenne Electric се стреми да биде предводник во класата во однос на регенеративно кочење; во секојдневни услови, електромоторите вршат 97% од кочењето, а достапни се и керамички кочници, односно PCCB. 


ree

Porsche

Ентериерот го воведува новиот Porsche Driver Experience, со сосема нов, но сепак соодветен дизајн, како и новиот Flow Display, воедно најголемиот дисплеј што некогаш сме го виделе кај Porsche. Ветуваат многу простор за патници, 781 литри багажен капацитет позади (со седиштата горе!), како и дополнителни 90 литри под, да кажеме, хаубата.


ree

Porsche

Персонализацијата е исто истакната, со еден куп достапни комбинации на бои. 13 стандардни каросериски бои (а сигурно ќе има и Paint to Sample) и 12 комбинации на ентериер, заедно со по пет пакети на акценти и целосни пакети за ентериер.


ree

Porsche

Porsche Cayenne Electric е достапен за нарачка уште сега, но моментално нема информации кога би пристигнал кај нас. И покрај тоа што глобалните чувства кон електричните возила, по готово големите и луксузните како новиот Cayenne Electric се прилично сменети, сепак мислам дека има простор во понудата на Porsche за ваков модел. Taycan докажа дека не мора баш секогаш да има бензински мотор за да го заслужи Porsche знакот, и мислам дека тоа ќе биде случајот и со Cayenne Electric.





 

© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page