Ова е ентериерот на Porsche Cayenne Electric
- Марко Соколовски
- Oct 2
- 2 min read
Веќе знаеме дека наскоро ќе ни стигне целосно електричниот Porsche Cayenne Electric. Да кажам уште во старт, електричниот Cayenne нема да го замени тој со внатрешно согорување, едноставно двата модели ќе си постојат истовремено и ќе привлекуваат различна демографија.
Porsche се подготвува конечно да ни го претстави електричниот SUV, а тоа го започнува со тоа што ги објави првите фотографии од ентериерот. Што викате да направиме една анализа?
Вака ќе биде во внатрешноста на Porsche Cayenne Electric

Porsche
Во еден сосем неизненадувачки потег, главното нешто што привлекува внимание во ентериерот на Cayenne Electric е зголеменото присуство на екрани, но и воедно тоа дека е заддржан познатиот естетик на Porsche.
Мислам дека на сите погледите ви се свртеа кон централниот екран за мултимедија, кој е подсвиткан на долниот дел како Motorola Razr или било кој друг телефон на склопување од времето. Porsche го нарекува овој 14.25-инчен екран Flow Display, од очигледни причини.

Porsche
Секако, имаме и комплетно дигитална инструмент табла која личи на комбинација од онаа во тековниот бензински Cayenne и онаа во Taycan, а има и голем екран за совозачот кој може да покажува дополнителни информации.
Освен тоа, Cayenne Electric ќе нуди AR (проширена реалност) heads-up display со ефективна големина од 87 инчи. Телевизорите што ви фаќаат око во Нептун? Отприлика колку нив е ефективната големина.

Porsche
Искрено, мене најмногу ми привлече внимание детаљот за сончевиот покрив. Освен што е најголем што некогаш се појавил во модел на Porsche, има една технологија што ја гледаме сѐ повеќе и би сакал да ја гледаме уште повеќе: подесива проѕирност и матираност (?). Поради течните кристали во стаклото, можете да подесите колку е проѕирно стаклото, како и дали е мат или не.
Има и еден куп нови бои и комбинации за седиштата и целиот ентериер, меѓу кои и некои неочекувани комбинации како лаванда. Инфозабавниот систем исто така има и поразвиен AI асистент кој може да разбере покомплицирани команди.

Porsche
Викендот пред да го напишам ова беше Porsche Road Tour 2025, па со тоа што неоддамна поминав малку време во повеќе различни Porsche модели, можам да кажам дека ентериеров е интересна комбинација од иднината, но и познатиот дизајн на Porsche на кој веќе сме навикнати. Плус, гледам по некоја физичка контрола за климата, а тоа автоматски значи бонус поени.
Не ми е многу Porsche-овски сето ова, но мора да земеме во предвид дека не може сите модели на Porsche да бидат 911, и сепак се гледа дека Porsche ја знае таргет публиката за овој модел. И да ви кажам искрено, дизајнов е подобар од што очекував. Интересен е.
Засега толку од мене и од Porsche, Cayenne Electric ќе биде претставен до крајот на годинава (2025).