РЕКАПИТУЛИАЦИЈА: Автомобилски новитети од февруари
- Марко Соколовски
- Feb 22, 2024
- 4 min read
Февруари беше полн со интересни новитети од автомобилската индустрија. Време е пак за Korrmotive рекапитулација, да ги поминеме сите најважни новитети од месецов.
Lancia го претстави новиот Ypsilon

Фамозниот италијански бренд Lancia конечно претстави нов модел на пазарот после повеќе од една деценија. Новиот Ypsilon е само почеток на стратегијата на Stellantis да го врати Lancia на врвот.
Новиот Ypsilon е базиран на CMP платформата на Stellantis. Ќе дебитира во електрична изведба на почетокот, со истиот setup како останатите модели на платформата, односно 54 kWh батерија и предно поставен електромотор со 156 коњски сили.
Првата серија на Ypsilon се вика Edizione Limitata Cassina („едиционе лимитата касина“), во соработка со италијанскиот бренд за мебел Cassina. Само 1.906 примероци од овој модел ќе бидат произведени.
Skoda ја освежи Octavia

После долго време тизери и скриени фотографии, Skoda конечно ја претстави фејслифтираната Octavia. Бестселерот на Skoda доби неколку новини со цел да ја заддржи добрата позиција на пазарот.
Предната маска доби темелно освежување, со нови светла и нов дизајн на браник, а и на задниот дел има суптилни промени. Освежувањето исто важи и за караван изведбата, како и двете RS (vRS) изведби.
Има и мали освежувања кај агрегатите, вклучувајќи и нов 2.0-литарски TSI бензинец со 204 коњски сили, кој ќе биде достапен со погон на сите тркала. Внатрешноста исто добива суптилни промени, меѓу кои и новиот ултра-респонзивен инфозабавен систем.
Подобрен ентериер и технологија за Nissan Juke

Тековната генерација на Nissan Juke е со нас веќе подолго време, и останува една од најпосакуваните опции во сегментот на мали кросовер возила. За 2024 година, Nissan воведува мало освежување кое се фокусира првенствено на ентериерот.

Освен новиот поголем екран за мултимедија соддржините, Juke сега добива и дигитална инструмент табла. И двата екрани веќе сме ги виделе кај другите Nissan модели како X-Trail. Со ова освежување, Nissan цели Juke да остане свеж и компетитивен во жешкиот пазар на компактни кросовери.
Темелно освежување за Dacia Spring

Dacia Spring веќе долго време ја носи титулата за најефтиниот електричен автомобил достапен во Европа. Се нуди на сите европски пазари веќе подолго време, а сега доби темелно освежување со дизајн инспириран од поголемиот Duster.
Новиот Spring добива нов дизајн на предница со нови дневни светла, како и многу невообичаен дизајн на предната маска, кој се гледа и на задниот дел. Исто така имаме и нов дизајн на тркала и значително освежен ентериер.
Промени околу големина на батеријата, силината или пак опсегот за струја овој пат нема. Претпоставувам дека наскоро ќе ги видиме овие дизајнерски детали и на другите модели на Dacia.
Cupra Born VZ е електричен хот хеч со 325 коњски сили

За оние кои не знаат, Cupra е spin-off бренд на Seat кој се фокусира на автомобили со високи перформанси. Born е компактниот хечбек модел базиран на VW ID.3, односно на MEB платформата.
Cupra штотуку го претстави Born VZ, хот хеч верзијата на Born со дури 325 коњски сили. Таа бројка е постигната, меѓу другото, благодарение на малку поголема батерија (79 kWh во споредба со 77).
Забрзувањето до стотка трае 5.7 секунди, додека максималната брзина е 200 км/ч. Сепак, ефикасноста не страда, со максимален опсег на струја од 570 километри, и можно полнење од 10% до 80% на DC полнач за околу 30 минути.
Volkswagen го претстави ID.7 Tourer

Електричните каравани доаѓаат, полека, но сигурно. Новиот ID.7 Tourer е караван изведбата на електричниот ID.7, кој неоддамна го имаше своето деби во Македонија.
Освен караван каросеријата, дизајнот е во глобала идентичен, и морам да кажам дека навистина изгледа добро како караван.
Бидејќи е ова караван, целиот бизнис е позади. Багажникот нуди 605 литри капацитет со задните седишта горе, и дури 1.714 литри со седиштата преклопени.
86 kWh батериската кутија останува иста, а Volkswagen ветуваат DC полнење со дури 200 kW. Технологијата во понудата е експанзивна, со обемен број на безбедносни системи и ChatGPT интеграција во инфозабавниот систем.
Porsche претстави две plug-in верзии на новата Panamera

Третата генерација на Porsche Panamera дебитираше пред неколку месеци, и секако, најсилните изведби беа претставени први. Сега дојде време да видиме и две електрифицирани изведби.
Porsche претстави две плаг-ин хибридни верзии на новата Panamera, 4 E-Hybrid и 4S E-Hybrid. Panamera 4 E-Hybrid нуди вкупни 470 коњски сили од хибридниот систем, кој го соддржат 2.9-литарски V6 во комбинација со електромотор. Максималниот опсег на струја е дури 96 километри, а забрзувањето до стотка е само 4.1 секунди.
4S E-Hybrid го користи истиот хибриден систем, но тука вкупната сила е 544 коњски сили, со забрзување до стотка за 3.7 секунди. Сепак, максималниот опсег на струја е 92 километри. Импресивни бројки, како што би очекувале од Porsche.
Освежување за Porsche Taycan со повеќе километри и помалку секунди

Малку пред новите изведби на Panamera, Porsche го претстави и освежениот Taycan. Освен минималните промени во дизајнот, има значајни промени во опсегот на струја, и можеби најважното, перформансите.
Максималниот опсег на струја е сега 670 километри. Полнењето е побрзо, со максимални 320 kW, и можност да повлече константни 300 kW дури 5 минути. Најголемата батерија сега изнесува 105 kWh.
Перформансите се друга приказна. Porsche тврди дека новиот Taycan Turbo S забрзува до стотка за 2.4 секунди, што значи дека ова е најбрзиот модел во историјата на Porsche. Со новиот Launch Control систем, максималната моќност на Turbo S е 952 коњски сили, што е речиси 200 повеќе од претходниот Turbo S. Обично избегнувам да користам вакви термини, но тоа е навистина лудо.
Секаде каде што се спомнува опсег на струја, пишаната бројка е според европскиот WLTP циклус.