Renault веќе го освежи Espace
- Марко Соколовски
- Mar 28
- 2 min read
Како завчера да се појави тековниот Renault Espace, но сепак, Renault веќе подготви фејслифт за најголемиот SUV во понудата. Ајде да видиме за што се работи.
Новиот Espace добива освежен преден и заден дел

Renault
Претпоставувам како и на некој од вас, ми беше и мене криво што Espace мораше да стане SUV и да ја напушти таа класична моноволуменска форма. Кога викам класична, Espace буквално го започна сегментот во Европа (наскоро ќе има и Во Фокус за тоа).
Главните новости кај новиот Espace се освежените преден и заден дел. Сега малку потсеќаат на Rafale, што воопшто не е лоша работа, ако мене ме прашувате. Тука се вклучени и вертикалните дневни светла, како и дијамант дизајнот на маската.

Renault
Задниот дел исто црпи малку инспирација од Rafale, со многу слична форма на стоп светла и додатни детали околу браникот кои личат на канали за воздух. Секако, сега е достапен и Esprit Alpine пакет со освежениот Espace. Мислев дека името на моделот ќе биде напишано ракописно, како кај Rafale, но за жал тоа не е случајот :(
Espace го добива најголемиот панорамски кров од сите модели на Renault

Renault
Ентериерот има малку посуптилни освежувања, но сепак приметливи. Renault тврди дека Espace сега го има најголемиот сончев кров, односно Solarbay, од сите нивни модели.

Renault
На официјалните фотографии исто ја гледаме оваа многу убава комбинација на бел и црн тапацир. Да ми кажеше некој дека Renault ќе личи на луксузна кола пред десетина години, не би поверувал.
Renault исто се пофали дека новиот Espace добива дури 32 нови безбедносни системи. Ништо не е спомнато околу погонот на сите четири тркала, но Espace ќе биде достапен со 4Control системот, односно управување на сите четири тркала.
Овој систем сме го виделе неколку пати кај Renault модели, и овозможува подобро маневрирање на ниски брзини, а поголема безбедност во кривините на повисоки брзини.

Renault
Сега за сега, headline погонот е E-Tech Full Hybrid, што значи 1.2 турбо бензинец со три цилиндри и електромотор со вкупен износ од 200 коњи. Според мене, Espace многу ќе го личи плаг-ин хибридот со 4x4 кој е достапен во Rafale, но засега не се знае дали ќе се нуди таа комбинација.
E-Tech Full Hybrid е во склад со Euro 6E Bis регулативите, и Renault тврди потрошувачка од само 4.8 литри и вкупен опсег од дури 1,100 километри. Браво!

Renault
Новиот Espace ќе пристигне подоцна во 2025 година, како и во Европа, така и на нашиот пазар. Засега нема информации околу цените, но морам да ви признаам, дизајнов е стварно интересен, и ентериерот изгледа многу убаво.