Наскоро доаѓа Skoda Elroq RS
- Марко Соколовски
- Apr 1
- 2 min read
Можеби памтите дека Skoda неоддамна ни го покажа Elroq, засега почетната точка на понудата на ЕВ, барем додека не се појави Epiq. Elroq е базиран на MEB платформата како и повеќето други ЕВ на VAG, а сега имаме и една интересна новост за Elroq за оние кои сакаат да одат малку побрзо.
Skoda Elroq RS ќе биде претставен на 3 април

Skoda
Наскоро стига врвната изведба на Elroq, Elroq RS. Како што наведува името, појачана варијанта наменета за оние кои стварно уживаат во возењето. Засега имаме една фотка и видео кое ни покажува одредени детали, но пак се гледа доволно.
Доволно за да знаеме дека Skoda Elroq RS ќе биде малку понизок со поспортска амортизација, ќе има украсни каросериски делови, и ќе има нов дизајн на фелни кои што ми се чинат за нијанса поголеми од вообичаеното. Ко што гледам, ќе дебитира во таа препознатлива Mamba Green зелена боја на RS моделите.

Skoda
Skoda исто покажа некој детал од внатрешноста, каде што се гледа дека има RS знакче на седиштата, како и израмнет трокрак волан со знакче на долниот крак. Еден поситен детаљ кој можеби не се гледа на прв поглед е тоа што RS знакчето сега има Mamba Green акцент наместо црвен акцент.

Skoda
Сега за сега, толку знаеме за Elroq RS. Нормално, Skoda уште не кажале информации за погонскиот систем. Знаеме дека Elroq 85 е моментално најмоќниот модел, и тој има 286 коњи. Најголема е веројатноста дека Elroq RS ќе го добие истиот систем како Volkswagen ID.3 GTX и Cupra Born VZ, односно 300 и нешто коњи од единечен мотор поставен на задната оска.

Skoda
Знам дека ова не е директно поврзано, но во најновиот update за инфозабавниот софтвер, Volkswagen додаде опција за гасење на контролата за стабилизација (ESP). Да се надеваме дека и Elroq RS ќе ја добие таа опција, би било многу интересно.
Во меѓувреме, ни останува да чекаме до 3 април за повеќе инфо. Премиерата е закажана во 10 наутро во Милано за време на Design Week.