Топ 10 обични автомобили со необични агрегати
- Марко Соколовски
- Jul 17, 2023
- 4 min read
Сите знаеме дека една од најважните компоненти на секој автомобил е агрегатот. Во денешно време, тоа може да значи мотор со внатрешно согорување, а тоа може да значи и електромотор.
Во изминатиот век и кусур, сме ги виделе сите можни видови на агрегати, со сите видови распореди, броеви на цилиндри, и сл. Низ историјата тоа значело неколку навидум обични автомобили со релативно необични агрегати. Токму тоа е темата на првото издание на Сѐ по Список!
10. Ford S-MAX 2.5T (ST)

Откако го раскинаа партнерството со Volkswagen за моноволумените близнаци Galaxy и Sharan, Ford влегоа во моноволумен играта сами. Освен новата генерација на Galaxy, се појави и помал моноволумен со спортски дух наменет за љубителите. Тоа беше S-Max.
S-Max се појави во 2006 година, и иако моноволуменскиот сегмент се намали драстично, сѐ уште се нуди на пазарот во својата втора генерација. Во првите неколку години од животот на S-Max, тој беше достапен со 2.5-литарски турбо петцилиндрец од Mk2 Focus ST, како и разноразни Volvo модели. Во S-Max агрегатот произведуваше 217 коњски сили, и беше спарен исклучиво со 6-степен мануелен менувач.
9. Suzuki Grand Vitara 3.2 V6

Третата генерација Grand Vitara се појави во 2005 година, и беше еден од најголемите Suzuki модели дотогаш. Знаменосецот на брендот траеше до 2017 година, и го направи способниот теренец пристапен за многу купувачи.
Grand Vitara беше домаќин на повеќе различни агрегати, меѓу кои 1.9-литарски турбодизел од Renault. Поради големината и платформата со погон на задните тркала, имаше простор и за доста поголеми агрегати. Во 2008 година, 2.7-литарскиот V6 беше заменет со 3.2-литарски V6 од General Motors, со 231 коњски сили, речиси ист како оној во Cadillac CTS.
8. Skoda Superb 3.6 FSI

На сите ни е позната Škoda Superb. Знаменосецот на Škoda e со нас речиси 20 години, и е наменет за оние кои што бараат максимална вредност и максимална корисност од својот Д-сегмент автомобил.
Втората генерација Superb се нудеше со голем број агрегати од Volkswagen групацијата, и многу од тие ни се познати. 1.9 TDI, 2.0 TDI, 1.4 TSI, знаете како оди. Меѓутоа, втората генерација исто така беше достапна со 3.6-литарски FSI VR6 мотор, кој буквално беше намалена верзија од моторот на Passat R36. Во Superb, овој агрегат испорачуваше 260 коњски сили до сите четири тркала, и забрзуваше до стотка за 6.5 секунди!
7. Audi Q7 V12 TDI

Пред деценија ипол, Audi растураше на Le Mans трката со прототипите опремени со TDI агрегати. Секако, се работеше за посебен вид на TDI агрегат со 12 цилиндри. Поради успесите, Audi сакаше да направи специјална верзија на R8 со таков агрегат, но немаше простор.
Единствениот автомобил во гамата на Audi во овој период кој имаше простор за V12 TDI беше Q7. Иако тоа звучи налудничаво, Audi сепак се решија да направат специјален Q7 V12 TDI, кој испорачуваше 500 коњски сили 1000 Nm вртежен момент. Како што би претпоставиле, не се продадоа многу примероци, и Q7 V12 TDI е сега навистина редок автомобил. Следен пат ако ви се жали 1.9 TDI сопственик (како авторот) дека е скапо за оддржување, раскажете им ја приказната за Q7 V12 TDI.
6. Subaru Forester 2.5XT

Во доцните 90ти, јапонските брендови речиси го започнаа трендот на софт-роудер. Во превод, SUV возило кое е повеќе фокусирано на динамичките способности на асфалтот, отколку на чакал и тумби. Toyota RAV4 и Honda CR-V беа меѓу првите, а подоцна се појави и Subaru Forester.
Forester го засили софт-роудер статусот со каросерискиот дизајн, наменет да биде познат за љубителите на караван возила. Како и сите Subaru модели, Forester се нудеше со лепеза на боксер мотори, но меѓу најинтересните беше 2.5XT. На некој начин, ова беше лајт верзија на Forester STI, кој се нудеше само на јапонскиот домашен пазар. Со 230 коњски сили и забрзување до стотка за 6.5 секунди, Forester 2.5XT можеше да засрами хот-хечбек модели од тоа време.
5. Renault Espace 3.5 V6

Ако има еден автомобил кој е заслужен за моноволуменската класа, тоа е дефинитивно Renault Espace. Првиот модел во 1984 година беше поставен на автомобилска платформа (на Renault Fuego), но поради висината и ширината, имаше простор за многу повеќе луѓе.
Четвртата генерација се појави во 2002 година, речиси непосредно откако Renault го засолнија Nissan под својот чадор. Поради ова, на Renault им се отвори избор за агрегати. Renault Espace беше достапен со повеќе различни агрегати, меѓу кои и 3.5-литарски V6 бензинец, познат под интерната шифра VQ35DE. Да, тоа е речиси истиот мотор како Nissan 350Z.
4. Toyota Mark II

Многумина можеби не знаат, но Toyota отсекогаш нуделе еден куп интересни модели само на својот домашен пазар во Јапонија, и многу од нив, за жал, не стигнаа до глобалните пазари. Еден од нив е Mark II.
Луксузниот седан беше поставен над Camry во гамата, и беше сериозен конкурент за E-Class и BMW 5 Series. Освен тоа што јапонците секогаш имале интересен пристап кон луксузните автомобили, особено на нивниот домашен пазар, тоа што го издвојува Mark II е агрегатот. Всушност, се нудеа повеќе, но меѓу нив беше и 3.0-литарски шест-цилиндрец познат под името 2JZ-GE. Минус турбополначот, истиот агрегат од Mk4 Supra.
3. Lancia Thema 8.32

Првата Lancia Thema беше една од четирите сестри поставена на Tipo Quattro платформата, заедно со Fiat Croma, Alfa Romeo 164 и Saab 9000. Најдобрата верзија убедливо беше достапна само како Lancia, конкретно Thema 8.32.
Lancia реши дека знаменосецот заслужува V8 агрегат, и решија да го позајмат 3.0-литарскиот V8 од Ferrari Mondial, но со попречно коленесто вратило, за повеќе да одговара на апликацијата на луксузен седан. Thema 8.32 испорачуваше 215 коњски сили, и беше првиот сериски автомобил со активен заден спојлер. Исто така, Thema 8.32 беше член на флотата на Enzo Ferrari.
2. Fiat Bravo HGT

Првата генерација Fiat Bravo се појави во 1995 година, заедно со малку подолгата Brava. Малиот семеен автомобил одлично се снајде на европскиот пазар, и главна конкуренција му беше VW Golf. Секако, како и повеќето автомобили од истата класа, хот хеч верзија се појави набргу.
Во овој случај, тоа беше Bravo HGT. Освен додатоците на екстериерот и уникатните тркала, тоа што го издвои Bravo HGT беше агрегатот. Под поклопецот беше 2.0-литарски турбо бензинец со пет цилиндри, кој испорачуваше од 147 до 155 коњски сили.
1. Volvo XC90 V8

Во минатата деценија, Volvo се трудеше максимално да се издигне на пазарот на луксузни автомобили. Набргу решија дека тоа што им фали на нивните модели е V8 агрегат, бидејќи тоа го нудеа речиси сите од конкуренцијата.
Volvo остварија соработка со Yamaha за нов V8 агрегат кој може да биде поставен трансверзално. Резултатот беше 4.4-литарски V8, познат под интерната шифра B8444S, кој испорачуваше 315 коњски сили до сите четири тркала. Само првата генерација XC90 и втората генерација S80 се нудеа со овој агрегат, и до ден денес е единствениот V8 агрегат на Volvo.