Ова е новиот Toyota Land Cruiser FJ
- Марко Соколовски

- Oct 22
- 2 min read
Во Toyota ги бива за многу работи, меѓу кои мора да ги истакнеме теренските и товарните возила. Легендарните Land Cruiser и Hilux и понатаму остануваат прв избор за многу купувачи кои бараат таков тип на возило, поради нивната издржливост и способност.
Сепак, една нивна заедничка карактеристика се димензиите, кои што се оправдани, но сепак може да бидат малку преголеми. Toyota сега подготви решение и за тоа.
Toyota Land Cruiser FJ - Land Cruiser во мало пакување

Toyota
Сладок, нели? Пред некој ден Toyota го претстави својот најнов теренец, малиот Land Cruiser FJ. Целта е да се пополни празното место во понудата кое го остави FJ Cruiser пред десетина години кога заврши неговото производство. Додека FJ Cruiser нималку не може да се нарече мал автомобил, друга е приказната со Land Cruiser FJ.

Toyota
Во однос на димензиите, долг е 4.5 метри и широк околу 1.8м. Далеку е пократок од Land Cruiser и Hilux, а со Hilux воедно ја дели платформата, а тоа го прави отприлика исти димензии со Corolla Cross, која, како што верувам знаете, е SUV од B сегментот. Вистински теренец со димензии на компактен SUV? Примамливо звучи.

Toyota
Како што кажав, платформата ја дели со Hilux, како и со ултра достапниот Hilux Champ, кој засега е достапен само во Јапонија. Под хаубата на Land Cruiser FJ има 2.7 турбо бензинец, исто позајмен од Hilux, кој испорачува 160 коњи и 245 Nm вртежен момент преку 6-степен автоматик и привремен 4WD.

Toyota
Друга финта што ја позајмува од поголемиот брат Land Cruiser е тоа што ќе биде достапна верзија со кружни фарови. Тоа беше уникатен момент за првите неколку Launch Edition изведби на регуларниот Land Cruiser 250, и претпоставувам дека истата приказна ќе биде и тука.

Toyota
Ентериерот е многу сличен со Land Cruiser 250, двата модели го делат истиот волан и истата рачка за менувач, а од Toyota тврдат дека контролната табла е поставена доста ниско, за да се подобри прегледноста низ шофершајбна.

Toyota
Toyota исто се пофалија дека LC FJ ќе нуди многу персонализација, а еден од достапните аксесоари е еден многу мал електричен бицикл (на сликата горе) кој ќе може да стои во багажникот, многу слична приказна како Honda Motocompo.

Toyota
Иако велат дека моделов прикажан на фотките е прототип, Land Cruiser FJ официјално ќе биде достапен од 2026 година. Засега е потврдено дека ќе се нуди во Јапонија, Австралија и Блискиот Исток, но според мене, Toyota би направиле огромна грешка ако не го нудат овој модел во Европа.
Меѓу другото, ова е вистински теренец со димензии кои далеку повеќе одговараат за европскиот пазар, и со оглед на тоа дека теренците секогаш ќе бидат кул, ова мислам дека може многу добро да пројде во Европа. Останува да видиме каква одлука ќе донесат.




