ВО ФОКУС: Honda Legend
- Марко Соколовски
- Jun 25
- 7 min read
Што значи за вас луксузен автомобил? Претпоставувам дека многумина одговорија дека е нешто германско, нешто долго, некаков седан, и сл. Германските брендови долго време имаа, и сеуште имаат монопол на луксузниот сегмент на автомобили во Европа, но пред четириесетина години, јапонските производители решија дека тоа треба да се смени.
Сите знаат за Lexus како одговорот нa германскиот луксуз директно од Јапонија, но Lexus не беше прв. Првиот настап со луксузен подбренд од јапонски производител беше Honda со Acura, а првиот луксузен модел со кој нападнаа носеше едно многу гордо име:
Legend

Honda
Honda Legend пристигна на америчкиот пазар во 1986 година како Acura Legend, со што започна со работа и Acura, премиум брендот на јапонскиот гигант Honda. Legend се појави истовремено со Integra, премиум компактен автомобил базиран на добропознатиот Civic.
Legend го заддржа Honda брендингот во остатокот од светските пазари, вклучувајќи го и европскиот. Освен што беше првиот луксузен модел на јапонскиот бренд за глобални пазари, Legend воведе и еден друг многу важен новитет: првиот сериски V6 мотор на јапонскиот производител.

Honda
Првата генерација Honda Legend беше плод од заедничкиот труд на Honda и Rover, откако двата брендови ги споија силите во раните 80ти за заменик за Rover SD1, што исто така би овозможило и луксузен модел за јапонскиот бренд. Првиот Legend има многу заеднички делови со Rover 800.

Honda
Legend прво дебитираше со 2.5 V6 бензинец, а подоцна coupe верзијата доби поголем 2.7 V6, кој набргу потоа пристигна и во седан верзијата. Во Јапонија беше достапен релативно мал 2.0 V6 мотор, кој користеше турбо со варијабилна геометрија, пак нешто што дотогаш беше комплетно невидено. Се нудеа мануелен и автоматски менувач, мануелниот со пет степени, а автоматскиот со четири.
Дизајнот беше многу современ за декадата, но и доста суптилен. Legend не се трудеше да биде нешто што не е, но сепак беше јасно дека станува збор за луксузен автомобил.

Honda
Поради своето позиционирање на пазарот, Legend беше многу богато опремен. На јапонскиот пазар, тоа вклучуваше автоматски клима уред, што беше нешто невидено за 80тите, ABS кочници и напред и позади, како и воздушно перниче на возачката страна.
Воедно, Legend беше првиот јапонски автомобил во САД и Канада кој нудеше воздушно перниче за возачот, и тоа едно десетина години пред владата во САД да го вклучи воздушното перниче во регулативите за безбедност, а Legend се издвои во светот на луксузни автомобили со тоа што се нудеше само еден пакет на опременост, и тој имаше сѐ; на купувачот му остануваше само боја и менувач.
Втората генерација на Legend го појача темпото

Honda
На почетокот од 90те се појави втората генерација на Honda Legend, која и понатаму го носеше името Acura Legend во САД и Канада. Странските колеги објаснуваат како инженерите на Honda ја развиле оваа генерација да биде малку поспортска од претходната, која што доби многу пофалби за квалитетот на амортизацијата и општиот комфор зад воланот.
На полоши патишта, втората генерација била малку потврда, а и автоматскиот менувач бил малку компромитиран. Сепак, со оваа генерација, Honda покажаа колку се сериозни за оваа работа.
Иако овој модел не пројде баш во Европа, во 1992 година, 49.000 примероци на Acura Legend добија сопственици, што е огромен успех за бренд кој дотогаш не беше целосно етаблиран во светот на премиум автомобили.

Honda
Исто една важна новост беше под хаубата. Првата генерација користеше мотор развиен во соработка со Rover, но втората генерација доби уникатен мотор дизајниран исклучиво од Honda. 3.2 V6 бензинецот со ознака C32A е далечен роднина на моторот кој се вгради во првата генерација на Honda NSX, и имам чувство дека многу сопственици на оваа генерација Legend се фалеле со тоа на времето.

Honda
Првата т.н фаза на овој мотор имаше 212 коњи, додека втората имаше 235, што значеше 0-100 за околу 8 секунди и максимална брзина од преку 225 км/ч. Моторот беше поставен лонгитудинално, иако Legend ги вози предните тркала. Ова е еден од ретките примери за лонгитудинален мотор и преден погон, заедно со некои модели на Audi.
Во Јапонија, Honda Legend нудеше меѓу првите сериски системи за навигација. Имало време кога тоа било една огромна иновација. Не дека би знаел, не постоев тогаш, ама можам да замислам каков новитет било навигационен систем во автомобил. Како што знам, тој систем никогаш не беше достапен на експорт верзиите на Legend.
Третиот Legend минимално се одвојува од својот амерички пандан

Honda
Третата генерација на Legend се придружи во доцните 90ти, т.е октомври 1995. Тука веќе почна моделот да се издвојува малку од верзијата за Северна Америка. Како и конкуренцијата, Acura се реши за едноставен алфанумерички систем за именување на моделите. Со тоа, додека Honda Legend остана со истото име ширум светот, во Америка стана Acura 3.5RL.
Покрај оваа промена, другото беше во глобала исто меѓу нив. Тоа исто значеше укинување на coupe верзијата (звуци на неодобрување), со што остана само седан верзијата. Оваа генерација исто доби и покласичен дизајн, да покаже малку заби на европската конкуренција.

Honda
Сѐ океј, ама штом кренете хауба, ќе видите една голема грешка во проценка на таргет пазарот. Оваа генерација на Honda Legend се нудеше исклучиво со 3.5 V6 бензинец и 4-степен автоматик.
Мислам дека не треба да ви кажувам, и избегнував да го спомнам ова досега, ама некој требал да каже на одборот. Влегување во сегмент доминиран од E-Class, BMW 5er и Audi A6 без дизелски (дури и помали бензински) мотори и мануелни менувачи? Само во една насока може да тера таа работа.

Acura
Сепак, не треба да го изоставиме делот дека името и знакот Honda, барем во Европа, немаа престиж каков што има, и уште имаат, воспоставените луксузни брендови на Стариот Континент.

Honda
Иако Legend беше поефтин од конкуренцијата, и веројатно е дека V6 моторот ќе издржеше исто толку работа како и, рецимо, ОМ612 во современиот E270 CDI, просечниот европски купувач на премиум седан не виде доволно причина да одбере Legend преку било што друго кое германците веќе долго време го нудеа.
Со ова веќе почна да се испишува тажниот крај за Legend, но Honda не беа спремни тукутака да се откажат.
Последен обид за Honda Legend во Европа

Honda
Очигледно е дека неуспехот на третата генерација многу ја повреди Honda, па затоа кога се појави четвртата генерација во 2005 година, одма стана јасно дека ни дeнар не бил заштеден за развојот. Моделот познат како Acura RL во САД доби Honda и Legend значки, и со тоа започна приказната на четвратата генерација на Honda Legend во Европа.
Друго нешто што одма беше јасно е тоа што Honda се чинеше дека имаа научено многу лекции. Оваа генерација на Legend беше значително поголема, и иако во САД се водеше како средна класа на големина, во Европа комотно влезе во категоријата на најголемите луксузни автомобили, заедно со неколку други чудаци како Citroen C6.

Honda
Слично како и C6, Honda ни денар не заштедија во развивањето и инженерството за оваа генерација на Legend. Оваа генерација стандардно дојде со погон на сите четири тркала, односно SH-AWD или Super Handling All Wheel Drive, во буквален превод погон на сите четири тркала со одлични динамички способности. Знам, и јас се нервирам што немаме директни преводи.
Освен што SH-AWD може да го распредели вртежниот момент меѓу предните и задните тркала, тоа што го издвои од другите системи е способноста да распредели и меѓу левите и десните тркала.

Honda
Соодносот беше 70/30, а можеше и 100% од силата да биде испратена до било кое од задните тркала за да се намали подуправувањето (understeer). Со други зборови, ова беше една од најраните форми на векторирање на вртежниот момент.
Под хаубата имаше 3.5 V6 атмосферец, качен значително на 300 коњи. Конечно Legend ги имаше перформансите кои ги заслужуваше, а богами и добар звук вадеше овој мотор на 7.000 вртежи каде што беше редлајнот.

Honda
За прв пат, моторот беше поставен трансверзално и аголот меѓу главите беше 60 степени наместо 90, веројатно за да се направи простор за погонот. Силата стигаше до тркалата преку 5-степен автоматик. Со фејслифтот кој се појави кон крај на 2000ти, моторот се зголеми на 3.7 литри, а имаше и мало освежување на дизајнот и опремата.

Honda
Нештедењето на Honda продолжи и со безбедносните системи. Legend беше меѓу првите модели на пазарот со систем за заддржување во коловозна лента, како и night vision систем кој може да препознае пешаци, како и хауба што се крева доколку, не дај Боже, удрите пешак.

Honda
Автомобилските медиуми имаа само пофални зборови за оваа генерација на Honda Legend, се чинеше како Honda конечно да има вистински конкурент во овој сегмент. За жал, не испаднаа баш така работите. Последната генерација Legend се соочи со речиси истите проблеми како и претходниците.
Прво, Honda немаше никаков престиж во светот на луксузни автомобили. Toyota ова го изигра како што треба, бидејќи го воведе Lexus брендот во Европа официјално, додека Honda не пројави интерес да го претстави Acura на европјаните.

Honda
Понатаму, многу слично како Citroen C6, димензиите на Honda Legend предизвикаа мало збунување, бидејќи беше некаде измеѓу E-Class и S-Class, но со пониска цена. Иако беше многу сериозен луксузен автомобил со многу сериозна опрема и механика, многу е веројатно дека таргет публиката не знаеше дали треба да го проценува како таков, додека јасно се знаеше кон што целат етаблираните германци.

Honda
За крај, повторно, огромна грешка беше нудење само еден мотор, а камо ли голем V6 бензинец во овој сегмент. Honda и онака никогаш не биле нешто многу по дизел моторите, но во овој сегмент, дизел е секогаш многу битна работа.
Видоа, не видоа, Honda сфати дека работава нема да ја биде. Во 2012 година фабриката во Сајама во Јапонија ја напушти последниот примерок на Legend, како и америчкиот Acura RL, и со тоа заврши приказната на Honda Legend во речиси сите експорт пазари. Јапонија доби нова генерација во 2014, и тој модел стигна до Америка под името Acura RLX, но за Европа, четвртата генерација Legend беше последна.

Honda
Класичен пример за фантастична идеја и многу добро изведување, но и погрешна проценка за таргет купувачите, и неколку погрешни одлуки кои го доведоа овој модел до пропаст. Сепак, првиот вистински обид на Honda за прав луксузен автомобил за европскиот пазар е исклучиво за пофалба. Навистина се потрудија, и иако многу луѓе не го ценеа нивниот труд, сега е време малку повеќе да го цениме.