top of page

Volkswagen ID.Every1: Електричен VW за сите

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Mar 6
  • 2 min read

Долго време ни ветуваат Volkswagen дека наскоро на ЕВ понудата ќе се придружи мал, ефтин и подостапен електричен автомобил, како одговор на конкуренцијата која наскоро почнува да напаѓа на европскиот пазар со ултра достапни ЕВ.


Сега, конечно добивме идеја како тоа отприлика ќе изгледа. Ајде да видиме за што се работи.


Ова е Volkswagen ID.Every1

Volkswagen ID.Every1 1

Volkswagen


Глеате колку сум креативен со насловот? Не? Океј… Ова е концептот Volkswagen ID.Every1, и како што наведува името, ова ќе биде Volkswagen ID модел за сите. Ова е визијата на Волфсбург за А-сегмент електричен автомобил кој ќе чини околу 20.000 евра кога ќе пристигне серискиот модел во 2027.


Volkswagen ID.Every1 2

Volkswagen


Со ова Volkswagen ќе ја пополни дупката во понудата која ја остави е-up! пред неколку години, со тоа што ID.Every1 е значително поголем од e-up!. Сепак, должината е нешто помалку од 3.9 метри, но Volkswagen тврди дека внатре ќе биде исто просторно како Polo, значително поголема кола. Тоа важи и за багажникот, кој наводно ќе нуди 305 литри простор. Да ви ја доловам таа бројка, e-up! имаше 251 литри простор, додека Polo има 351 литар. Директно измеѓу.


250 километри опсег и 94 коњи


Volkswagen ID.Every1 3

Volkswagen


ID.Every1, според колегите од Motor1, ќе го носи името ID.1 кога ќе пристигне во сериска изведба. Ќе користи малку изменета верзија од MEB платформата. Додека во повеќето модели базирани на MEB, како Skoda Enyaq, моторот е поставен на задната оска, во ID.1 и поголемиот ID.2 ќе биде на предната, и нормално, ќе ги врти предните тркала.


Моторот ќе испорачува 94 коњи, што е сосем доволно за кола од овој тип. Според VW, максималната брзина ќе биде 130 км/ч, а со полни батерии ќе може да помине околу 250 километри.



Volkswagen ID.Every1 4

Volkswagen


Очигледно е дека метрополите и градските улици ќе му бидат домашна територија на ID.Every1, и во тој контекст, тој опсег на струја според мене е апсолутно доволен. Нема информации сега за големина на батеријата или брзина на полнење, но ако тоа го средат како што треба, 250 километри опсег за градска употреба е дури и повеќе од доволно.


Volkswagen ID.Every1 5

Volkswagen


ID.1 ќе пристигне во Европа во 2027 година, една година после малку поголемиот ID.2. Volkswagen има цел да ID.1 започнува од само 20.000 евра. Дали ќе чини толку кога ќе дојде кај нас? Многу веројатно не, но сепак, електричен автомобил способен за автопат за 20.000 евра и Б-сегмент просторност во А-сегмент димензии е импресивно само по себе. Плус, ако мене ме прашувате, дизајнов е доста кул.


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page