Следниот Volkswagen T-Roc ќе има самополнечки хибрид?
- Марко Соколовски
- 3 days ago
- 2 min read
Можеби веќе знаете, но кај Volkswagen Group, електрифицраните модели се многу едноставни. Имате лајт хибрид, плаг-ин, или целосно електричен, ни повеќе ни помалку. Досега не сме виделе некоја интересна комбинација, но тоа изгледа ќе се смени летово.
Новиот Volkswagen T-Roc ќе има самополнечки хибрид

Volkswagen
ЗАБЕЛЕШКА: Моделот на фотографиите е тековниот T-Roc
Ваков твист не очекував, да ви кажам право. Според информации пренесени од колегите од Autocar, новиот Volkswagen T-Roc ќе има класичен самополнечки хибриден погон. Втората генерација на T-Roc ќе ја видиме во август годинава, и како што нѐ потсетуваат од Volkswagen често, ова ќе биде последниот модел на брендот развиен за мотори на внатрешно согорување. После ова, сѐ ќе оди на струја.

Volkswagen
За тоа ќе видиме, ајде да се фокусираме на T-Roc. Малиот кросовер базиран на Golf е со нас скоро 10 години, и уште од самиот почеток па сѐ до денес ужива во огромен успех. Со оглед на тоа дека речиси сите модели на Volkswagen добија или нова генерација или темелно освежување, и на T-Roc му доаѓа време да настапи со нова генерација.
Од Volkswagen потврдуваат дека овој хибриден погон наскоро ќе пристигне кај Golf и Tiguan, кога викам „наскоро“ мислам откако ќе дебитира T-Roc. Премиерата е закажана за засебен настан во август 2025, а потоа ќе биде официјалната премиера за јавноста на Саемот за автомобили (односно мобилност, нели) во Минхен, кој ќе се оддржи во септември.

Volkswagen
Извршниот директор на Volkswagen Томас Шефер изјави дека оваа одлука е донесена бидејќи многу пазари полека одат кон ваков тип на хибридни возила, особено два од најклучните пазари за T-Roc, Јужна Америка и Кина.

Volkswagen
Што се мени тиче, ова звучи занимливо. Ваков хибриден погон не сме виделе кај VW модел, барем не на европскиот пазар, и многу ме интересира како сето тоа ќе биде балансирано и штелувано. Најмногу ме интересира дали Volkswagen ќе развие нов CVT менувач за оваа работа, или пак ќе се решат за некоја DSG комбинација. Самополнечки хибрид со DCT не е невозможно, управо таква комбинација има во Peugeot 3008, и таму си функционира топ. За сега, само ни останува да чекаме да дојде август.