top of page

Освежување за Volvo XC60

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Feb 21
  • 2 min read

Втората генерација на Volvo XC60 е со нас од 2018 година. И покрај тоа што е подолго време на пазарот, сѐуште изгледа свежо. Сепак, Volvo влегува во нова ера на дизајн, и после освежувањето на XC90 минатата година, сега дојде на ред и XC60. Ајде да видиме што има ново


Мал фејслифт за Volvo XC60

Volvo XC60 1

Volvo


Ова е всушност вториот фејслифт на XC60 за оваа генерација, претходниот се појави пред пар години. И овој пат нема некакви огромни промени, и тоа не е лоша работа. Дури и најпрвите, да кажам, модели од оваа генерација изгледаат модерно до ден денес. Добро се носат за годините.


Сепак, дојде време за уште еден фејслифт за XC60 да го доведе во ред со новиот XC90. Како што гледате, тоа значи нова предна маска со линии во спротивни насоки. Ова сѐуште ми е некако чуден детаљ, и на XC90 уште не сум го навикнал, но сега го имаме и тука. Линиите до знакот на Volvo одат надоле, а после знакот одат нагоре. Интересно, дефинитивно, но не знам дали е мој cup of tea.


Volvo XC60 2

Volvo


Thor's hammer предните светла се сѐуште тука. Нормално, кај ќе бидат? Се работи за еден од најпрепознатливите дизајни на светла во цела индустрија. Од страна можеби ги приметивте новите дизајни на тркала, а позади нема некои големи промени, само светлата се малку потемни.


Ентериерот на XC60 исто со минимални промени

Volvo XC60 3

Volvo


Отвараме врата, и внатре гледаме една честа надградба кога доаѓа време за фејслифт: нова мултимедија, секако. Екранот е малку поголем, и малку поиспакнат на контролната табла, а има нов интерфејс. Volvo тврди дека возачот може да го подеси за поедноставен пристап до сите најважни функции.


Системот на Volvo е на Android база веќе подолго време, а тоа значи вградени Google Maps, Google Assistant, и нормално, Play Store за симнување на нови апликации. Има и побрз Snapdragon процесор.


Volvo XC60 4

Volvo


Apple CarPlay можеби и нема да ви треба, но сепак е достапно. Освен тоа, ентериерот има повеќе звучна изолација, а достапни се и ламинирани странични прозорци. Спарете го сето ова со еден од плаг-ин хибридните погони, кои многу веројатно и понатаму ќе се нудат, и постојат големи шанси дека ќе заборавите дека има свет надвор. Ми се допаѓа многу и присуството на Orefors Sweden кристалниот менувач.


Достапни се и три нови каросериски бои, меѓу кои и прекрасна темнозелена наречена Forest Lake. Темнозелени бои ми се слаба точка, така да, го одобрувам ова целосно.


Volvo XC60 5

Volvo


Освеженото Volvo XC60 ќе пристигне во салоните ширум светот кон крајот на оваа година. Моментално нема точни информации за какви погони ќе се нудат, ниту пак за цените. Volvo XC60 ми е еден од омилените SUV модели на пазарот, и иако нема ништо лошо со тековната генерација во ниеден случај, ова освежување добро ќе му дојде. 


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page