НОВИТЕТ: Porsche 718 Spyder RS
- Марко Соколовски

- May 11, 2023
- 2 min read
Updated: May 21, 2023
Дебитирањето на одредени нови модели на Porsche предизвикува екстремно позитивни и сосема оправдани реакции, како и кај љубителите на Porsche, така и кај љубителите на спортски автомобили општо. Истото можам да го кажам и за најновиот член на 718 фамилијата, и убедливо најекстремниот досега. Porsche штотуку го престави спектакуларниот 718 Spyder RS!
Најекстремниот член на 718 фамилијата
Porsche
Подолго време знаеме дека во блиска иднина, наследникот на 718 моделите ќе користи целосно електричен погонски систем. Додека да му дојде редот на електричниот наследник, Porsche подготвија уште еден, последен 718, кој со сигурност ќе го разниша сегментот на спортски автомобили.
Значајни промени во агрегатот на 718 Spyder RS
Porsche
Што всушност е 718 Spyder RS? Се работи за поекстремна, побрза и посилна верзија од познатиот 718 Boxster Spyder, со поголем фокус на високи перформанси на тркачките патеки. Најпрво, тоа значи посилен агрегат. За прв пат на било каков Boxster модел, агрегатот е превземен директно од тековниот 911 GT3. Тоа значи имаме атмосферски 4-литарски хоризонтално поставен (боксер) шест-цилиндрец, кој испорачува 493 коњски сили и 450 Nm вртежен момент кон задните тркала. Само како потсетување, овој агрегат врти сѐ до 9,000 вртежи во минута!
Сите други аспекти на 718 Spyder RS се подготвени за огромна забава зад воланот!
Porsche
Дизајнот на екстериерот е сличен како 718 Boxster Spyder, но има дополнителни аеродинамични елементи, на предниот дел, од страните, и на задниот дел, каде што исто така гледаме нови издуви. Фелните користат механизам со централно заклучување, исто како поголемиот дел на RS моделите на Porsche.
Ова е прв пат на кабриолет модел како Boxster агрегатот да е превземен од 911 GT3. Овој агрегат, заедно со самиот 911 GT3 постојано добиваат пофалби од сите кои имале искуство со него, па нема сомнеж дека и 718 Spyder RS ќе ви остави огромна насмевка на лицето зад воланот. Забрзувањето до 100 км/ч се случува за само 3.4 секунди, додека максималната брзина е 308 км/ч.
Со фокусот на возење на патеки, Porsche го ставија 718 Spyder RS на диета. Тој е 40 кг полесен од 718 Boxster Spyder, и 5 кг полесен од 718 Cayman GT4 RS. Како и секој друг RS модел на Porsche, 7-степената PDK автоматска трансмисија е единствениот избор кај Spyder RS.
Porsche
Акитивниот менаџмент на суспензијата (Pоrsche Active Suspension Management) е стандардна опрема кај Spyder RS, како и векторирање на вртежниот момент, и механички диференцијал со ограничено пролизгување. 718 Spyder RS исто ќе нуди и уште поекстремен Weissach пакет за уште подобри перформанси на патеката.
Полесен и пофокусиран ентериер
Porsche
Ентериерот на 718 Spyder RS е видно различен, со обемни количини алкантара, јаглеродни влакна, и нови ултра-лесни седишта. Воланот не е мултифункционален со што е и полесен, но Spyder RS сѐ уште има сѐ она што ви треба од опрема. Рачката за менувачот, како што би очекувале, е директно превземена од 911 GT3.
Porsche
Porsche 718 Spyder RS ќе ја има својата премиера во јуни оваа година (2023). Неговото деби ќе биде за време на настаните кои Porsche ги има подготвено за прослава на својата 75 годишнина, во Штутгарт-Цуфенхаузен каде што се наоѓа и нивната фабрика. Цените (во Германија) започнуваат од €155,575.
Како модел што ќе го затвори поглавјето на помали Porsche спортски автомобили со мотори со согорување, 718 Spyder RS e дефинитивно најдобар начин да се направи токму тоа.




