Пред извесно време ја видовме најновата трета генерација на Audi Q7, модел кој досега беше знаменосецот на Инголштад во Европа. Сега, Audi сфати дека сепак може и малку повеќе.
Ајде да видиме…

Ако Q7 не е доволно голем и грандиозен, сега е тука Q9. Бидејќи, нели, Q7 не е воопшто голем, Q9 е уште поголем. Со должина од 5.3 метри и ширина од 2.2 метри, Q9 парира поблиску на америчките фаворити GMC Yukon и Cadillac Escalade, за кои ќе биде конкуренција во САД и Канада. Иако, во принцип, Q9 ќе биде поголем фаворит во САД и Канада, интересниот момент е што сепак ќе се нуди и во Европа. За жал, тоа не ја опфаќа SQ9 изведбата со битурбо V8 мотор – тоа си останува за Северна Америка. Затоа, ајде да се фокусираме на тоа што ќе ни биде достапно на нас европјаните.

Дизајнот потсеќа многу на новиот Q7, но веднаш се гледа дека Q9 има повеќе авторитет, што се должи на зголемените димензии. Сите познати дизајнерски елементи на Audi се тука, вклучувајќи ја препознатливата маска, препознатливите дизајни на алу фелни, како и OLED технологијата во светлосните групи, која сега користи закривени OLED елементи, за прв пат во автомобилската индустрија. Единствено нешто на кое што уште не се навикнав е тоа дека регистарските таблички се сега сместени во браникот, а не на петтата врата. Малку чудно изгледа, но верувам дека ќе може да се навикнеме после неколку средби во живо со Q9.

Како што спомнав погоре, SQ9 нема да се нуди во Европа воопшто. Разбирливо? Да. Разочарувачки? Апсолутно. Сепак, да се фокусираме на тоа што ќе биде достапно за нас. Слично како Q7, Q9 ја започнува својата европска авантура со турбодизел V6 мотор. 3.0-литарскиот V6 е исто спарен со лајт хибрид технологија, и ќе испорачува 299 коњи и 630 Nm вртежен момент до сите четири тркала – иста комбинација како и кај Q7. 8-степен Tiptronic автоматик и Quattro доаѓаат стандардно.

Во одредени европски пазари (а тоа обично ја опфаќа и Македонија) ќе има опција со 245 коњи и 500 Nm вртежен момент. Дали тоа значи дека лајт хибридот ќе биде отстранет, или пак моторот ќе има малку поразлична конфигурација во однос на притисок во турбините или мапите, сѐуште не знаеме. Според информации пренесени од колегите од Motor1, со тек на време ќе има бензинец V6, како и плаг-ин хибрид. Бензинецот веројатно ќе биде истиот кои ги движи другите S и RS модели.

Ентериерот е полн со премиум материјали, што воедно беше една од фокусните точки за Q9 кога Audi го претстави ентериерот пред пар месеци. Го има новиот инфозабавен систем, како и новиот екран за возачот. Панорамскиот покрив зафаќа површина од 1.5 метар квадратен, со подесива проѕирност и опција за осветлување.

Исто така, ќе има второ ниво полуавтономно возење – возачот треба да го држи воланот и да гледа што се случува, но Q9 ќе помага со престројување и следење на патот. Стандардно доаѓа со седум седишта, но ќе има опција и за шест, каде што тие во вториот ред ќе бидат фотељи со електрично подесување. На крај, вреди да се спомне дека ќе има автоматски врати за прв пат на Audi модел.

Audi Q9 ќе започнува од 108.400 евра во Германија. Многу е веројатно дека таа цена ќе биде за нијанса повисока кога моделот ќе пристигне на нашиот пазар; засега не знаеме кога би било тоа. Вака на прв поглед, Q9 изгледа многу импресивно и грандиозно, само мислам дека ќе пројави многу поголем успех во САД отколку во Европа. Не дека нема да има успех во Европа, но сепак е доста niche модел.