Верувам дека многу од вас ја знаете приказната. Европските автомобилски производители постепено се повлекоа од А-сегментот на возила, бидејќи стана неисплатливо да се произведуваат понатаму, полека сфатија дека тоа беше огромна грешка, и сега после извесно време и извесен притисок врз законодавците, ЕУ се смилува и почна да го развива E-Car сегментот, т.е M1E сегментот како што се вика официјално.
Веќе почнавме да ги гледаме првите неколку модели развиени за овој сегмент, или пак модели кои одговараат на регулативите. Но кои се тие регулативи? Што можеме да очекуваме од М1Е?

Е-Car, т.е М1Е сегментот, има неколку важни правила. За еден автомобил да ги исполнува регулативите, мора да биде долг 4.2 метри или помалку, мора да е целосно електричен, и мора да биде склопен во една од 27те земји членки на Европската Унија. Модели како Skoda Epiq и VW ID.Polo секако го исполнуваат сето тоа, како и Kia EV2 (на сликата горе), кој се склопува во Словачка, ама модели како Hyundai Ioniq 3 не одговараат – Ioniq 3 се произведува во Турција.

Верувале или не, ако Great Wall Motor (GWM) создаде електрично возило пократко од 4.2 метри и го склопуваат во фабриката во Бугарија што ја оживуваат, најверојатно би се сметало како M1E. Истото би важело ако, на пример, Geely го префрли производството на малиот EX2 во фабриката во Валенсија преку партнерството со Ford.

На Renault триото ретро електрични модели исто влегува во оваа категорија, како и Megane E-Tech (за само еден милиметар!). Освен споменативе модели, има и уште кои допрва треба да ги видиме, како Dacia панданот на новото Twingo, а има и гласини дека ќе има и Nissan модел базиран на таа платформа кој ќе влече инспирација од еден од Pike моделите, што е многу, многу јако.

Fiat подготвува нова Panda за М1Е сегментот, неповрзана со Grande Panda, Citroen ќе го враќа 2CV, а исто има претпоставки дека Leapmotor ќе има свој конкурент во сегментов со оглед на тоа дека Leapmotor ќе има пристап до производствените капацитети на Stellantis во Европа.
Една од поволностите за брендовите се замрзнување на регулативите 10 години, со цел да имаат доволно време да ги развијат овие возила и да ги дебитираат на пазарот, како и т.н супер кредити со цел побрзо намалување на флотниот просек на CO2 емисии, што ќе им овозможи да продолжат да произведуваат возила со мотори на внатрешно согорување. Според колегите од Motor1, додека обичните електрични возила се сметаат за еден зелен кредит, М1Е возилата ќе се сметаат како 1.3 кредити; зголемување за 30%.

Како што знаете, поради промените во климата низ целата индустрија, ќе мора да се продолжи и со хибриди и општо мотори на внатрешно согорување. Сепак, до 2035 година ќе мора да се намалат флотните емисии за 90% во однос на 2021, а преостанатите модели со бензиниски и дизелски мотори што ќе останат ќе мораат да користат некаков вид биолошки горива – дали тоа значи синтетски горива како што развиваат Porsche и Mazda, мотори на метанол како Horse (Renault и Geely), или пак мотори на водород како што развива Toyota, останува да видиме допрва. Сепак, овој муабет да го оставиме за друг пат.

Поради димензиите кои се бараат од M1E сегментот, генијалните kei автомобили на јапонските производители исто би одговарале тука. Јапонските производители треба да си одредат дали би се нафатиле да ги подготват тие модели за волан од лева страна, како и да го преселат производството во една од членките на ЕУ. Тешко тоа, ако мене ме прашувате, но, како фан на kei возила, тоа би било супер.

На крај, еден од главните бенефити на M1E сегментот – пристапност. Видоа, не видоа, речиси сите брендови сфатија дека ако сакаат да ја забрзаат електричната транзиција, одговорот е во мали, попристапни, поисплатливи, и барем според мене, пологични мали електрични автомобили. Извршниот директор на Citroen, Хавиер Шардон, самиот кажа дека исчезнувањето на ефтиниот автомобил е еден од најголемите пропусти на европската авто индустрија, и ветува дека следниот 2CV ќе им ја врати куповната моќ на европјаните, исто како стариот 2CV што направи своевремено.
Мал електричен автомобил секогаш, ама баш секогаш ќе има многу повеќе смисла отколку огромен и релативно неефикасен електричен автомобил. Со тоа што ЕУ сега го стимулира производството на вакви автомобили, едвај чекам да видиме што спремаат европските (а можеби и азиските) производители.
НОВОТри од десетте најстари возни паркови во Европа се на Балканот

Пет погонски системи за петтата генерација BMW X5

Новиот знаменосец на Skoda доаѓа со седум седишта и до 640 км досег на струја