Многу често знаеме да слушнеме сосема валидни дискусии за тоа колку ни е стар возниот парк во Македонија. Ограничена куповна моќ, релативно лабави регулативи за што смее да влезе во државата од увоз, како и речиси никакви субвенции или било какви официјални поволности за купување ново возило, без разлика дали се вклучува на полнач или не, не е баш комбинација од соништата. Исто така, како народ, често носиме многу дефинитивни заклучоци дека „ова кај нас е најлошо.“
Интересно прашање е, во секој случај – кои држави имаат најстари возни паркови?

Ова истражување беше спроведено од страна на компанијата eCarsTrade. Се собираа возила во три категории; постари од 20 години, постари од 10 години, и помалку од 5 години стари. Со собраните податоци секоја држава доби Fleet Age Score, т.е скор (оцена) на старост на флотата. Максималниот скор е 100; што поблиску до 100, толку повеќе стари возила се движат по патиштата на таа држава.
Албанија е на прво место, со Fleet Age Score од 93.6. Возилата постари од 20 години се со 43% застапеност, а најголемиот број се возила постари од 10 години. Возила стари 5 години или помалку опфаќаат само 3.08%, додека само 0.01% од флотата на Албанија се плаг-ин хибридни возила, а 0.74% се електрични.

На второ место е Грузија, со скор од 93.5%. Тука возилата постари од 20 години се повеќе застапени, со 51%, а возила стари 5 години или помалку се само 4.64%. Во 2024 година се регистрирани 8.473 нови возила во Грузија, а само 0.57% се целосно електрични возила.
Романија е предводник во Европската Унија со најстар возен парк, со скор од 78.2, а возилата постари од 20 години опфаќаат 36% од флотата. Понатаму доаѓа Србија со скор 76.9, па Полска со 73.2, Црна Гора со 71.9, Естонија со 70.2, Литванија со 67.4, Финска со 66.5, и на крај Летонија со 65.8.
Податоциве се занимливи за читање, да, но сигурно се прашувате каков скор добивме ние? Вистината е дека Македонија воопшто не е опфатена во ова истражување. Според методологијата, тоа може да е (и најверојатно е) поради нецелосни податоци.

Со оглед на тоа дека Албанија, Србија и Црна Гора се опфатени во првите 10, голема е веројатноста дека и на Македонија скорот не би бил многу подобар или полош од нивните.
Не би сакал многу да навлегувам во тоа како би можело тоа да се подобри и да се промени, бидејќи тоа се веќе политички дискусии, а Korrmotive е портал за автомобилизам и исклучиво за автомобилизам, ама мислам дека веќе знаеме сите; поволности за нови возила, посилна контрола за тоа што доаѓа од Западна Европа и останатите фаворити за увоз на половни возила, како и некако вид субвенции за електрифицирани возила, па дури и да е скалесто во зависност од степенот на електрификација.
Фактот дека Македонија не се појавува на списоков може многу од нас да го гледаат како успех, ама пак ќе кажам, три од топ десетте држави во истражувањево се на Балканот, а разлика во флотата од една балканска држава до друга не е нешто голем. Кој редовно оди во Србија, Хрватска, Албанија, Косово, итн. верувам дека го знае ова и ќе се согласи.
НОВОМалку подетална анализа на новиот E-Car автомобилски сегмент

Пет погонски системи за петтата генерација BMW X5

Новиот знаменосец на Skoda доаѓа со седум седишта и до 640 км досег на струја