Да бидеме реални, Ford е малку резервиран во европскиот пазар. Порано беше еден од најпродаваните брендови во Европа, со модели кои се појавуваа на врв на сите видови листи за продажба, како Fiesta и Focus.
За среќа, им дојде памет, и сега се спремаат одново да го превземат европскиот пазар со нови модели. Ајде да видиме…
И тоа, богами, моделиве изгледаат доста интересно. Клучниот момент е што од овие седум нови модели, само два се комерцијални, а другите сите се патнички.

Едниот од нив, како што веќе знаеме, ќе биде наследникот на Fiesta базиран на AmpR Small платформата на Renault, на која се засновани малите електрични модели на Renault, како и Alpine A290 и Nissan Micra. Не знаеме дали ќе се вика Fiesta, но нема никаква смисла да се вика поразлично.
Освен тоа, на истата платформа ќе има и електричен кросовер кој ќе биде де факто замена за Puma Gen-E. Соопштението испратено од Ford неколку пати спомнува рели педигре, т.е сите овие модели ќе нудат и квалитетно динамично возење. Треба и една спеицјална варијанта со Movistar/Valvoline дизајн, или можеби Castrol Ultimate/Abu Dhabi (кој знае, знае).

Понатаму, ќе има уште два „мултиенергетски“ кросовери (читај: хибрид или целосно електрични), и двата ќе бидат веројатно замени за Kuga и за регуларната Puma.
Најинтересното е; заедно со малиот електричен модел, во 2028 ќе стигне нова варијанта на Bronco приспособена за европскиот пазар. Ветуваат дека и овој Bronco (кој го гледаме најлево на насловната фотографија) ќе биде мултиенергетски, и ќе се склопува во фабриката во Валенсија.
Патем, Ford го искористи моментот со оваа најава за конструктивно да ја искритикува Европа и регулативите околу електрификацијата и бензинските мотори. Како што вели претседателот на Ford of Europe, Џим Баубик,
Најбрзиот пат до нула емисии е оној по кој што луѓето навистина ќе тргнат.
Посочи дека Европа треба и понатаму да ги зема во превид плаг-ин хибридите и EREV (електричните возила со продолжен опсег), треба да се има реални цели за флотните емисии и за инфраструктурата за полнење, а додаде и заштита за малите бизниси; барање нереални просечни емисии удира по џебот на „луѓето кои ја придвижуваат европската економија.“

Кога сме кај комерцијални возила, Ford пред неколку месеци го најави целосно електричниот Transit City, кој е развиен во соработка со Jianling Motors од Кина, а на него ќе му се придружи пикапот кој направи огромни бранови во Австралија и уште неколку други пазари; Ranger Super Duty, кој има способност да влече до 4.5 тони, како и да транспортира до 2 тони во багажниот простор. Многу веројатно ќе треба Ц-категорија за кај нас.

Искрено, ова ме радува; конечно нешто ново и интересно од Ford. Сега е клучниот момент повторно да се влезе во игра во европскиот пазар, по готово со сите нови играчи од Кина. Ми се допаѓа дека пристапот е мултиенергетски, а не само целосно електрични. Ќе следиме ситуација блиску, и едвај чекам да видам што спрема Ford, па потоа и зад волан да седнеме.