Верувам дека многу од вас сте чуле за Hennessey Performance, по готово ако почитувате видео игри со возење. Тексашката компанија започна со тјунирање на разноразни спортски автомобили, па потоа го запали светот со Venom GT, првиот производ на Hennessey Special Vehicles, изграден врз Lotus Exige, но со LS V8 од General Motors, две турбини, и максимална брзина од преку 435 км/ч.
Акутелниот модел на Hennessey моментално е Venom F5, првиот целосно нивен модел кој неоддамна доби верзија со мануелен менувач. Да, мануелен менувач на автомобил со 2.031 коњи.
Сега, Hennessey го претстави својот најнов модел, и овој пат, фокусот е малку поразличен.

Драматично, во позитивна смисла на зборот. Пред било што друго да кажеме, вреди да се истакне името. Blackbird името доаѓа од воениот авион Lockheed SR-71 Blackbird, и Hennessey не одат на ризик со тоа – имаат официјална дозвола да го користат името, а како што верувам дека забележавте, дизајнот на Hennessey Blackbird влече многу инспирација од имењакот. Целата каросерија е карбонска, а истото важи и за самата архитектура, што му овозможува релативно ниска тежина од околу 1.400 кг.

Најинтересните моменти, барем за мене лично, се издувите позади, инспирирани од експерименталниот Bell X-1 авион, а исто и, да кажеме, крилата над нив. Нешто слично како крилата на Pagani Huayra, почнуваат да се движат над 114 км/ч за поголема стабилност и уште подобра аеродинамика.

Додека Venom F5 е фокусиран на неуморната мисија да биде најбрзиот автомобил во историјата, Blackbird е фокусиран на возачкото искуство, ама малку повеќе од што би очекувале. Под поклопецот позади имаме 6.2 атмосферски V8. Нема турбо, нема суперполнач, нема хибрид, ништо, само чист мотор. Засега не се знае моќноста точно, но Hennessey целат кон само 800 до 850 коњи. Таман за на автопат, значи. 0-100 ќе биде возможно за помалку од 3 секунди, додека максималната брзина ќе биде, како што целат Hennessey, повеќе од 350 километри на час.

Иако е со иста зафатнина како многу од LS моторите на General Motors, Hennessey тврди дека е развиен исклучиво за Blackbird, заедно со Ilmor Engineering, познат снабдувач за NASCAR. Силата оди до задните тркала преку 6-степен мануелен менувач со целосно видлив механизам, нешто како Pagani Huayra или првата генерација Audi R8.

Со ова имаме еден убав премин до другата занимлива работа за Blackbird – old school пристапот. Рачниот менувач е единствената опција, погонот на задните тркала е единствената опција, ама има уште. Во внатрешноста на Blackbird има, секако, прекрасни метали и кожни површини, ама нема ниту еден екран. Имате држач за мобилен, како основните изведби на Citroën C3 или Opel Frontera, и тоа е тоа.

Другото сѐ е вистинско копче, и нема ниту копче за вклучување; се пали со клуч, како што личи за еден аналог суперавтомобил. Нема ни да има многу електронска асистенција, освен основните работи. И покрај сето тоа, од Hennessey исто ветуваат дека Blackbird ќе има повеќе фокус на подолгите патишта, со поудобна суспензија и повеќе простор за багаж.

Hennessey малку подрани со премиерава; официјалното производство на Blackbird ќе започне околу 2029 година, а можеби и 2030. Како што претпоставивте, количините се ограничени; само 71 примерок од Blackbird ќе бидат произведени за цел свет, секоја од нив со скромна цена од 2.5 милиони долари, или 2.17 милиони евра по среден курс.

Ова е доста важна вест од светот на суперавтомобилите, и е еден вид индикатор дека целта веќе не е највисоката можна брзина. Како што електрификацијата и системите за асистенција стануваат сѐ позастапени и посилни, љубителите на аналогните возачки искуства со длабоки џебови сѐ повеќе сакаат вакви работи. Тоа е супер, и се надевам дека ќе остане така, а дури и мислам дека одиме полека, но сигурно до еден вид демократизација на овој тип на автомобил, т.е подозволиви варијанти.