Hyundai Tucson е еден од најпопуларните SUV модели во портфолиото на корејскиот бренд, и Korrmotive неоддамна дозна зошто е тоа така. Сепак, тековниот модел е со нас од 2021 година, и веќе е време за нова генерација. Hyundai ги објави првите фотографии од новата генерација, како и некои нови информации. Да видиме?

Овој дизајнерски стил го видовме пред пар месеци на Avante, компактниот седан за кој се верува дека ќе стигне во Европа со името Elantra. Со тоа е јасно дека идните модели на Hyundai со мотори на внатрешно согорување или хибридни погони ќе го носат овој дизајнерски јазик, додека електричните ќе бидат малку издвоени.
Искрено, дизајнов ми е многу интересен, и иако мислам дека сите го навикнавме тековниот модел за многу кратко време откако се појави, овој дизајн ми има повеќе авторитет. Квадратестите форми и вертикалните светлосни елементи најмногу придонесуваат до тоа, а и со оглед на тоа дека е поголем новиот модел, верувам дека ќе има многу авторитет во живо.

Признавам, малку доцнам со овие фотографии, но сега има и повеќе за дискутирање; на инвеститорскиот состанок на Hyundai Motor Group, брендот објави повеќе информации околу погонскиот систем на новиот Tucson. Главниот новитет е нов хибрид, кој ќе користи 1.6 турбо бензинец со директно вбризгување, нешто слично како досегашниот модел, само што ќе има повеќе коњи; 242 коњи и 380 Nm вртежен момент, значителни подобрувања од моменталниот Tucson Hybrid. Исто така ќе го користи новиот хибриден менувач на Hyundai, кој за прв пат се појави на Palisade Hybrid, големиот SUV кој не е достапен во Европа. Според тест циклуси за корејскиот пазар, Hyundai тврди потрошувачка од 5.7 литри на 100 км, што е одлична бројка за еден голем SUV.

Е сега доаѓа интересното – верувам дека многу од вас мислите дека петтата генерација на Tucson ќе се нуди исклучиво како хибрид, но не е така. Ќе има и чист бензинец кој ќе го користи истиот мотор, со минимално намалување во силата и вртежниот момент. Овој модел нема да е толку ефикасен, но сепак е добра опција за многу пазари (вклучувајќи го и нашиот, секако) кои преферираат бензин.

На крај, да го погледнеме ентериерот. Tucson ќе биде вториот модел на Hyundai во Европа со новиот Pleos Connect инфозабавен систем. Голем дел од физичките контроли се пензионирани, но сепак ги има најважните. Освен тоа, Tucson се придружува и на новиот тренд на мал волан поставен пониско, додека инструмент таблата е на повисоко. Некогаш ова решение не е оптимално, но тука ми изгледа како да би било океј. Морам да издвојам дека материјалите и општиот дизајн на ентериерот изгледаат одлично на фоткиве.

Петтата генерација на Hyundai Tucson ќе пристигне во салоните на својот домашен пазар до крајот на 2026 година, додека европското деби ќе биде на почетокот на 2027. Засега нема инфо кога би пристигнал кај нас, но вака на прв поглед ми изгледа како да вреди да се почека.