Се вчитува…
Се вчитува…
Да, имаше едно време кога MG беше целосно британска марка и своите модели ги произведуваше во Европа. Знаеме дека сѐ повеќе од кинеските производители се подготвуваат да ги склопуваат своите модели во Европа од еден куп различни причини. MG е најновиот бренд кој се приклучува во оваа офанзива, па да видиме.
Шпанија навистина се покажа како одличен играч во целава работа; ги отвора своите врати за странски инвестиции за повеќе кинески производители (без разлика дали тие фабрики се на некоја друга компанија), а најновиот од нив е MG.
Брендот подготвува фабрика во Галисија, која ќе започне со работа во 2028 година. Ќе отвори 2.000 нови работни места, а инвестицијата се проценува на околу 200 милиони евра. Тука би сакал да напоменам дека ова не е договор помеѓу MG и европски производител; оваа фабрика ќе биде целосно на MG.
Погонот ќе има капацитет од 120.000 возила годишно, а како што наведуваат од MG:
Комплексот ќе ги обедини истражувањето и развојот на возила, напредното производство, снабдувањето со клучни компоненти и интелигентните логистички операции, создавајќи целосно поврзан индустриски екосистем.
Инаку, MG неоддамна го обележа своето милионито испорачано возило во Европа, а во подготовка се доста новитети. Освен S5 EV електричниот кросовер, кој е веќе достапен кај нас, во Европа веќе пристигна големиот S9 плаг-ин хибрид со седум седишта.
Наскоро би требало да ги видиме и освежениот MG 4, како и (неповрзаниот) MG 4 Urban, со кој MG ќе се придружи на новиот бран на мали, ултра достапни електрични возила како Renault Twingo E-Tech, Dongfeng BOX и, наскоро, оживеаниот Citroen 2CV и засега неименуваниот модел од Fiat.
Што се однесува до електрификацијата, MG е еден од првите брендови кој стави полуцврста батерија во производство, наречена SolidCore.
Вилијам Ванг, генералниот директор на MG за Европа и Велика Британија изјави:
Од технолошки иновации до локализација на производството и истражувањето и развојот низ Европа, поддржани од вистинско глобално портфолио на производи, MG продолжува да ги поместува границите на можното – правејќи ја напредната технологија и одржливата мобилност подостапни за повеќе луѓе од кога било досега.
Ги поздравувам MG за иновациите и за овој голем потфат за европскиот пазар, и ги честитам јубилејите! Верувам дека во скоро време на Korrmotive ќе можеме да ги испробаме сите овие електрифицирани новитети кои ги спомнав погоре, но до тогаш, повелете тестовите за HS (се отвора во нов таб) и ZS Hybrid+ (се отвора во нов таб).