Е па, драги мои читатели, по готово Alfisti, ајде малку да се радуваме на оваа одлична вест. Знаеме дека дел од планот за Alfa Romeo според FaSTLAne 2030 стратегијата е нов C-SUV кој ќе биде сместен меѓу Junior и Tonale. На презентацијата го немаше ова, ама имаме официјално потврда за…

Како мало потсетување, се простивме од Alfa Romeo Giulietta во 2021 година, кога се продадоа и последните залихи. Тоа беше последниот хечбек модел на Alfa Romeo, конкуренција за VW Golf и дружината.
Долго време се води разговор во автомобилските кругови дека на Alfa Romeo им треба еден добар хечбек модел, како што беше Giulietta, но одговорот од Alfa Romeo секогаш се движеше помеѓу „Не е вистинско време“ и „Можеби, ама би било кросовер.“

Сега, откако најавија два нови модели за време на FaSTLAne 2030 презентацијата, Alfa Romeo потврди дека на регуларната понуда, освен C-SUV поставен меѓу Junior и Tonale, ќе има и нов хечбек модел. Ништо конкретно не беше потврдено, освен темна слика од нешто што личи на концепт модел, но првично за тоа се мислеше дека е концепт за новиот C-SUV.

Засега нема некои големи информации околу новиот хечбек. Ќе биде базиран на STLA One платформата, за која сум убеден дека е еден вид консолидација на сегашните STLA Small, Medium и Large, бидејќи и оваа е мултиенергетска и може да биде подлога за возила од B до D сегмент. Мултиенергетска значи дека ќе биде достапна и со бензински, и со хибридни и со електрични погонски системи.

Искрено се надевам дека бензински, во случајов, опфаќа нешто што е надвор од 1.2 Turbo 100 моторот. Не дека има нешто лошо со тој – а и да бидеме реални, и тој сигурно ќе се нуди – ама би било фино да има и некој турбо четирицилиндрец, макар да е и лајт хибрид. Новиот хечбек на Alfa исто ќе го користи STLA Brain централниот софтверски систем.
Од Alfa само кажаа дека ќе ги искористат максимално мултиенергетските способности на платформата. Засега не знаеме како ќе се вика новиот модел, но според мене, има смисла повторно да се вика Giulietta. Исто уште не знаеме кога би можеле да го очекуваме. Доколку е возможно, мојот предлог е што е можно побрзо.