Светот на пикап и товарни возила во Северна Америка е драстично поразличен од овој кај нас. Во Европа, товарните возила се токму тоа, и дури и сега почнаа да се појавуваат малку поцивилизирани модели со повеќе луксуз и дополнителна опрема.
Во Америка, пикапот е начин на живот. Изминативе петнаесетина години, америчката Голема Тројка на производители се фокусираше најмногу на ултра луксузните и теренските пикап модели. Ford Raptor, RAM TRX итн.
Сега е време за нешто друго.

По повод успесите на RAM во NASCAR Truck шампионатот, како и враќањето на Hemi V8 моторот во понудата, сега се придружува и RAM Rumble Bee за моделска година 2027. За разлика од TRX, кој е наменет за сѐ што не е асфалт, Rumble Bee е наменет конкретно за асфалт, а тоа вклучува и тркачки патеки.

Всушност, Rumble Bee ќе се најде на три различни модели, секој од нив со HEMI V8. Понудата почнува со просто наречениот Rumble Bee (сивиот), со 5.7-литарски HEMI V8 со 395 коњи. Потоа доаѓа Rumble Bee 392 (црвениот), каде што 392 се однесува на кубните инчи зафатнина на моторот, кој инаку сега го викаат Apache.

За сите нас во Европа, тоа значи 6.4 литри, како и 470 коњи и 0-100 за 5.2 секунди. На врвот на понудата е SRT Rumble Bee (жолтиот), со 6.2 V8 кој доаѓа со компресор. Многу од вас веќе сфативте, но ова е, во секој поглед, street верзија на стариот RAM TRX. Пазете ги сега бројкиве; 777 коњи, 0-100 за 3.2 секунди, 400м за 11.2 секунди, и максимална брзина од 273 км/ч. Таа брзина сега за сега е уште таргет, но ако ја постигнат, RAM 1500 SRT Rumble Bee ќе може да се прогласи за најбрзиот пикап во историјата. Таа титула ќе ја превземе од својот дедо, RAM SRT-10.

Според RAM, Rumble Bee SRT фаќа кривини со 0.89g, и тоа на all-season гуми. Да се разбереме, луѓе, станува збор за пикап кој тежи 3 тони со траен 4x4. На сите модели четирите гуми се со 325mm ширина, и доаѓаат стандардно со 22-инчни фелни, а морам да признаам и дека нивниот дизајн е одличен. И да, можеби има 4x4, но ќе има 2WD режим за да може да го дрифтате и да правите стартови со вашиот тритонски пикап. :)

SRT Rumble Bee е единствениот кој доаѓа со воздушна суспензија, која во Track режимот (исто така ексклузив за SRT изведбата) се спушта околу 4 cm, за пониско тежиште и за подобро однесување во кривините. Понатаму ќе биде достапен и диференцијал со ограничено пролизгување, за оние кои навистина сакаат да рушат рекорди на тркачки патеки. Уште еднаш напоменувам, пикап/товарно возило. Дури и мислам дека се доволно тешки и доволно широки да бараат Ц-категорија возачка кај нас.

Една работа што вреди да се спомне е дека сите три верзии на Rumble Bee ја користат Quad кабината, што значи малку пократко меѓуоскино растојание и помали задни врати. Да, малку губите на простор позади, но ако беа сите со целосната Crew кабина, ќе беа премногу големи за дури и малку да се чувствуваат како спортски пикапи. Како што би очекувале за ваков модел од ваков бренд, ќе бидат достапни неколку ударни бои на каросерија, како и дополнителни украсни стикери. На хаубата си стои знакче кое јасно кажува кој мотор сте го одбрале.

Ентериерот е многу сличен како кај тековните RAM модели, но стандардната опрема се менува врз основа на моторот кој сте го одбрале. SRT доаѓа со кожа и Harman/Kardon озвучување, додека другите модели ќе нудат помалку луксуз, но сепак нема да биде без ич, да кажеме. Основниот Rumble Bee ќе се појавува по салоните ширум Америка и Канада до крајот на годинава, а 392 и SRT ќе пристигнат во првата половина од 2027. Мислам дека не е потребно да ви кажувам дали ќе се нудат во Европа или не. Евентуално преку некој од увозниците за овие марки во Германија или Холандија.

Искрено, секоја чест. Ова е огромен контраст од сето она што автомобилската индустрија го нуди и го најавува, и иако реално може само да функционира во САД и евентуално Канада, ми се допаѓа дека RAM го превземале овој ризик, и мислам дека ова ќе ги отвори вратите за street truck кај другите од Големата Тројка. Би излажал ако би кажал дека не сакам овој модел да дојде во Европа, барем на кратко за да видиме како се однесува. Ова е само дел од новостите кај Stellantis, кој инаку од корен ја промени својата стратегија. Очекувајте нешто и околу тоа на Korrmotive наскоро.
НОВОFord подготвува седум нови модели за Европа до 2029, и пет од нив се патнички!

Korrmotive ја тестира освежената Toyota Corolla Cross

Lotus Type 135 пристига во 2028 со хибриден V8 и 1.000 коњи