top of page

Вака ќе изгледа ентериерот на електричното Ferrari Luce

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • 12 minutes ago
  • 3 min read

Нема бегање од реалноста – наскоро ќе го видиме првиот електричен модел на Ferrari. До сега, брендот го користеше името Elettrica, италијанскиот збор за електричен [автомобил].  Испадна дека тоа било само насловот на проектот, а сега освен што го имаме сериското име на моделот, знаеме и како ќе изгледа ентериерот.


Ferrari Luce го отвара историскиот каталог за овој ентериер


Ferrari

Можеби веќе забележавте, но ентериерот на Luce [светло на италијански] е прилично различен од она што сме го виделе во досегашните модели на Ferrari. Ретро тематиката владее на сите страни, конкретно во воланот, кој е инспириран од Nardi воланите кои се појавуваа во старите модели (Daytona и остало, кој знае знае), само што овој не е обвиен во дрво и има многу повеќе команди. Се чудите зошто има лопатки за менување брзини, нели? Ќе дојдеме и до тоа.


Ferrari

Инструмент таблата е дигитална, но сепак е дотерана да изгледа како да има три различни инструменти, и ме потсеќа на комбинација од F40 и F50. Инфозабавниот систем е завртен кон возачот, што малку ми е промашено, ама од официјалните видеа можеме да видиме дека може да се заврти кон средина. Друга важна работа што треба да ја издвоиме кај ентериеров е што физичките контроли доминираат на сите страни.


Ferrari

Приказната станува поинтересна кога ќе спомнеме чија помош ја побара Ferrari за овој дизајн. Не, не е Pininfarina, како што можеби очекувавте; компанијата LoveFrom е задолжена за ентериеров, а еден од клучните луѓе на LoveFrom е Џони Ајв, индустрискиот дизајнер познат, меѓу другото, за дизајните на првиот iPhone и iPod на Apple. 


Ајв е, меѓу другото, огромен љубител на коли, и Ferrari соработува со него и Марк Нусон, другиот клучен човек на LoveFrom, за речиси сите индивидуални елементи на Luce, но особено ентериерот. Не се гледа на овие фотки, но клучот ќе биде изработен од стакло. Ако се сеќавате порано кога клучевите на Aston Martin беа од сафир, кај Luce ќе биде сигурно нешто во тој стил.


Минимализмот и функционалноста со кои многумина ги асоцираат производите на Apple дефинитивно се познаваат и во дизајнот на ентериеров, и има некои ситни детали кои што апсолутно би ги очекувале од модели со овој знак. На инфозабавниот систем се издвојува и часовникот, кој со едното копче горе може да стане штоперица, нешто слично како Sport Chrono на Porsche. Исто така, дали сте виделе нешто по-Ferrari од иконата на копчето за отварање багажник да има слика од луксузен багаж, наместо силуета на кола со отворен багажник?


Ferrari

Освен што Ferrari го откри името и ентериерот на својот прв модел на батерии, афирмира дека клучните столбови за еден Ferrari модел нема да бидат запоставени. Секако, нема да има гласен V12 или V8 во кој ќе можат да уживаат среќниците што ќе можат да си го дозволат Luce, но Ferrari истакнува дека ова е ново поглавје во историјата на брендот, но тоа не значи запоставување на претходните; најважните елементи кај едно Ferrari ќе бидат запазени, само ќе дојдат во малку поразлична форма.


Ferrari

На пример лопатките за менување за брзини; во Luce ќе користат за возачот да може, во било кое време, да го промени аутпутот на вртежен момент од двете оски, за да може точно и прецизно да се конфигурира карактерот на Luce.


Освен класичниот Manettino прекинувач на воланот по кој Ferrari e познат, сега има и дополнителен E-Manettino прекинувач, кој додава три дополнителни режими за возење; Tour, Sport и Perfo (скратено од performance, секако).


Ferrari

Многу е интересен дизајнов, но не знам дали баш личи за еден SUV модел, а за Luce е речиси потврдено дека ќе биде SUV. Констатацијава ова особено важи за воланот. Мислам дека ќе беше подобра варијанта волан од еден од тековните модели на Ferrari (без команди на допир, секако), но другово да си остане. Од друга страна, може сѐ ќе си има смисла кога ќе го видиме целиот модел, и јас зборам предвремено; не би било прв пат, искрено да ви кажам.


Засега не се знае точно кога ќе го видиме Ferrari Luce, но со новиве фотографии од ентериерот и новиве информации, мислам дека нема да треба уште долго да чекаме.

© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page