KORRMOTIVE ТЕСТ: Hyundai Ioniq 6
- Марко Соколовски
- Sep 15, 2024
- 6 min read
Снемав начини за да ја фразирам информацијата дека електричната револуција е веќе тука. Го знаете тоа, така да ќе преминам на главното. Она што е заедничко за многу од денешните електромобили е што многу од нив се во форма на SUV. Без разлика на димензиите или колку се оддалечени од тлото (што честопати е не-премногу), добар процент на денешните електрични автомобили се кросовери или SUV.
Денес имаме нешто малку подруго. Сегментот на електрични седани веќе долго време постои, но сега токму тој сегмент има еден нов, многу сериозен предизвик.
Korrmotive го тестира Hyundai Ioniq 6

Korrmotive
Hyundai Ioniq 6 беше претставен пред пар години како првиот целосно електричен седан на корејскиот бренд. Да бидам попрецизен, првиот електричен седан поставен на E-GMP платформата на Hyundai Motor Group. Ioniq 6 е вториот Е-GMP модел на Hyundai после ретро-футуристичкиот Ioniq 5, кој пристигна на нашиот пазар пред пар години.

Korrmotive
Тестерот го носи Ultimate нивото на опременост, што во превод значи буквално сѐ што ви текнува и не ви текнува од опрема, ги има опционалните 20-инчни тркала, како и една од опционалнаните матирани бои. Освен тоа, ја имаме најсилната изведба на погонскиот систем што значи погон на сите четири тркала и два електромотори со вкупен износ од 321 коњски сили.

Korrmotive
Да, многу е брз, но за тоа малку подоцна. Прво да го продискутираме дизајнот.
И покрај тоа што Ioniq 5 е целосно дизајнерско дело на ретро-футуризмот, Ioniq 6 оди во малку поразлична насока. Секако, пиксел мотивите се уште тука, сепак се еден од најпрепознатиливите дизајнерски елементи кај Ioniq моделите. Но, Ioniq 6 не е многу квадратест, напротив, дизајнот е модерен и современ, и се гледа дека е оптимизиран за аеродинамика во секој поглед.

Korrmotive
Еден од највпечатливите детали е линијата на кровот, која се наклонува доста нагло надолу како што се доближувате до задниот дел, како и самиот заден дел со, да ги речам, два слоја. Многу луѓе веќе имаат кажано дека задниот дел многу наликува на Saab 900 од пред триесетина години, и со тоа дефинитивно се согласувам. И покрај тоа, Ioniq 6 си оди во своја насока со дизајнот. Light барот е полн со пиксели и изгледа фантастично.

Korrmotive
Како што можеби забележавте, најдолниот дел од каросеријата е во сребрена боја. Обично сме навикнати тоа да во бојата на каросеријата или пак во црна боја ако се работи за SUV, но овој тип на контраст ретко, па речиси воопшто не го гледаме. Тоа е особено интересно, затоа што на Ioniq 6 ептен добро личи. Секако, ќе биде во потемна боја ако одберете посветла боја на каросерија, но ова е уште еден од многуте начини со кои се истакнува Ioniq 6 со дизајнот.

Korrmotive
Пиксел светлосните групи навистина одговараат со дизајнот, и многу ми се допаѓа матираната боја иако е малку склона на прашина. Одличен и многу храбар дизајн. Секоја чест!
Електричен погон со многу коњи и многу опсег на струја

Korrmotive
Како што наведов погоре, ова е најсилниот Ioniq 6 во понудата, со два електромотори, погон на сите четири тркала и 321 коњски сили. Всушност, има три различни комбинации.

Korrmotive
Основниот модел има 151 коњски сили кои ги испорачува единечен електромотор поставен на задната оска, а тој мотор ја добива силата од батериска кутија од 53 kWh. Според WLTP циклусот, овој модел ветува опсег од 429 километри.
Истиот електромотор може да се спари со поголемата батерија од 77.4 kWh за 228 коњски сили и најдобриот можен опсег на струја според WLTP од дури 614 километри.

Korrmotive
Тестерот и неговите 321 коњи, во комбинација со 20-инчните тркала дозволуваат максимум од 519 километри според WLTP. Кога го земав на тест, батеријата беше наполнета до околу 80%, и системот тврдеше дека има околу 315 километри опсег останато.
Доколку сте штедливи со педалата за гас и, во зависност од годишното време, климата, сосем е возможно да се доближите до тие бројки. Сепак, доколку го сакате максималниот опсег, би ги препорачал 18-инчните тркала и RWD моделот со поголемата батерија.

Korrmotive
Како и другите Ioniq модели, Ioniq 6 има архитектура од 800V, што значи многу брзо полнење. На соодветен DC полнач, Ioniq 6 може да се наполни од 10% до 80% за околу половина час.

Korrmotive
На класичен полнач од 11 kW како оние на ЕВН, батеријата се полни за околу осум часа. Една дополнителна добра карактеристика е тоа што Ioniq 6 нуди vehicle to load, што во превод значи дека со помош на адаптер можете да снабдите електрични и електронски уреди (бела техника, лаптопи итн) со струја од 220V.

Korrmotive
Можеби ќе ве изненади ова(!), но Ioniq 6 е многу многу брз. Стотка се случува за некои 5 секунди (5.1, според Hyundai), и секако, забрзувањето е инстантно во Sport режимот на возење. И да мислите дека се спремни за што ќе се случи, верувајте ми, не сте. :)
Но, вратете го во Normal или Eco, и одговорот на гаста е малку одложен и општо целото искуство е далеку посмирено. Полесно е за возење во градски услови, ви штеди на опсегот на струја, и што е многу важно според мене, полесно е за возач на кој му е повеќе познат мотор на внатрешно согорување да се навикне.

Korrmotive
И покрај 20-инчните тркала, ме изненади комфорот дури и на доста неправилни патишта, а исклучиво добри зборови имам и за однесувањето во свиоци. Стокмено, способно, многу сигурно, со добри количини на фидбек и стабилност.

Korrmotive
Тука морам да го пофалам на Hyundai регенеративното кочење и возењето со една педала. Бидејќи се работи за електричен погон, Ioniq 6 има неколку нивоа на регенеративно кочење, кои се подесуваат со помош на лопатките зад воланот (како оние кои би менувале брзини на автоматски менувач). Со максималниот режим наречен i-Pedal, Ioniq 6 навистина можете да го возите со само една педала а тоа да се чувствува природно.
Внатрешноста е добра комбинација на старата и новата школа

Korrmotive
Кога влегуваме во Ioniq 6, прво нешто што нѐ пречекува е распоред на ентериерот кој не е многу различен од останатите модели на Hyundai. Тоа во суштина е и добра карактеристика; повторно се навраќам на муабетот дека ќе биде полесно за возач кој е навикнат на еден од другите модели на брендот прилично брзо да се навикне и тука.
Два екрани на контролната табла се задолжени за инструментите и за инфозабавните соддржини, а двата од нив се индустриски стандардната величина од 12.3-инчи. Под нив има посебни контроли за клима уредот, осетливи на допир но сепак се посебни. Само би сакал да има посебни копчиња за греењето и вентилацијата на седиштата, но до нив се пристапува доста лесно.

Korrmotive
Од интересни детали дефинитивно би ги истакнал четирите квадратчиња на воланот. Тие светат во разни бои кога го менувате режимот на возење (што исто се прави преку копче на воланот), и доколку има некаква опасност пред вас. Инаку, четирите квадратчиња во Морзеовата азбука ја пишуваат буквата Х (H), многу интересен детал!

Korrmotive
Кога сме кај седиштата, секако тие се електрично подесиви. Комфорот и поддршката се на доста високо ниво. Централната конзола е домаќин на копчињата за прозорците, нешто што оддамна не сме го виделе, и ќе треба краток период на навикнување, но тоа не е лоша работа.
Инструментите се јасни, имаат многу информации и графиката е одлична, и пофалби имам и за инфозабавниот систем, особено за неговата респонзивност и графика. Секако, тука се Apple CarPlay и Android Auto, ама не заборавајте кабел да понесете.

Korrmotive
Распоредот на ентериерот е многу логичен и лесен за навикнување, и ми се допаѓа дека контролите за клима уредот, иако се на допир, сепак се посебни од инфозабавниот систем. Единствениот исклучок, како што кажав погоре, се контролите за греењето и ладењето на седиштата.
Квалитетот на изработка е на многу високо ниво, со меки материјали на сите најважни места и чувство на цврстина и на внимавање на ситните детали. Седиштата се многу удобни, и нудат многу опции за приспособување за да ја најдете идеалната возачка позиција, а истото важи и за воланот секако.

Korrmotive
Што се случува со просторот на задните седишта? Иако Ioniq 6 е седан со прилично закосена кровна линија, ме изненади колку многу простор има на задните седишта.
Бидејќи Ioniq 6 е прилично долг и има големо меѓуоскино растојание, имате многу простор за нозете, но и за главата. И покрај претходно споменатиот кров, сепак има сосем доволно простор. Исто така, бидејќи Ioniq 6 е електричен, подот е целосно рамен и нема да биде толку страшно доколку треба да седнат тројца на задната клупа.
Багажниот простор е исто така солиден. Само да ви напоменам, Ioniq 6 не е лифтбек со петта врата, туку е класичен седан со класичен гепек. 401 литри со задните седишта горе, но тие се преклопуваат и тоа ви отвора доста повеќе простор. Достапна е и помала карго остава под поклопецот напред, но треба да го одберете моделот со погон на задните тркала за тој да биде максималната големина.
Hyundai си ја завршиле работата, и тоа како

Korrmotive
Да бидам искрен, имав доста високи очекувања за Ioniq 6. Мојата прва средба со него минатата година во Базел беше пократка, но и тогаш ми остави добар впечаток. Сега, откако поминав подолго време со него, можам да кажам дека… океј, нема поента да заобиколувам, само ќе кажам: ова е најдобриот електричен автомобил кој досега сум го возел. Доколку се размислувате за електричен седан, нема нешто подобро на нашиот пазар моментално. Браво Hyundai!
ОЦЕНА: 9.5/10
Hyundai Ioniq 6 започнува од 48.000 евра. Цената на тестираниот модел изнесува 65.300 евра. За повеќе информации, посетете ја веб страната на Hyundai Македонија, или пак продажните салони на Hyundai во Скопје (Гранд Ауто) и Битола (Бис Ауто). Цените се точни од времето на објавување.