Kia EV3 e официјално Светски автомобил на годината 2025
- Марко Соколовски
- Apr 24
- 2 min read
Вратете го времето едно дваесетина години, ќе видите дека сите купуваа Kia и Hyundai возила скоро исклучиво поради нивните ниски цени. Не би било доволно ако сега кажам само дека времињата се сменија.
За четврти пат по ред, наградата Светски автомобил на годината оди кај Kia/Hyundai групацијата, односно…
Светски автомобил на годината за 2025 година е Kia EV3.

Kia
Да, добро прочитавте. Титулава оди кај овој бренд веќе четврти пат по ред. Hyundai Ioniq 5 ја зема титулата во 2022, потоа Ioniq 6 во 2023, а лани ја доби големиот Kia EV9. Сега, малиот електричен кросовер Kia EV3 ја зема престижната награда. Секоја чест!
Извршниот директор на Kia, Хо Сунг Сонг, изјави:
„Огромна чест ни е на сите во Kia дека EV3 ја доби наградата Светски автомобил на годината за 2025 година. Оваа награда го истакнува глобалното лидерство на Kia во нудење решенија за мобилноста кои се одржливи, водени од дизајн и технолошки напредни, а исто така и карактеристиките на ЕV3, предводници во класата, кои го редефинираат корисничкото искуство за клиенти ширум светот.“

Kia
Инаку, EV3 беше еден од три финалисти за титулата, заедно со BMW X3 и Hyundai Inster. Inster ја зема титулата за Светски електричен автомобил за 2025, што значи повторно дупла победа за Hyundai Motor Group оваа година.
Според соопштението за печат издадено од организацијата, за да се квалификува еден автомобил за титулата, мора да се продава во минимум 10,000 примероци годишно на минимум два светски клучни пазари на два различни континенти (тоа вклучува Европа, Кина, Јапонија, Кореја, Јужна Америка, САД и Индија).

Kia
Исто така, не смее цената да спаѓа во луксузна категорија во примарниот пазар (очигледно X3 не спаѓа во луксузната класа на својот примарен пазар), и треба да е достапно за продажба во минимум два различни континенти во период од првиот ден од претходната година и 30 март годината кога се доделува наградата (во овој случај од 1 јануари 2024 до 30 март 2025).
Честитки до Kia за титулата. Минатата година имав прилика да го разгледам EV3 на Саемот за автомобили во Базел, и ми делува како навистина да ја заслужува наградата. Се надевам ќе пристигне и на тест за некое време, па ќе видиме за што точно се работи.