top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Chery Tiggo 8 Pro

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • 6 days ago
  • 6 min read

Updated: 2 days ago

Последен пат кога бев зад воланот на Chery модел, тоа беше урбаниот Chery FX пред пар години. Сега му дојде редот на најголемиот модел на Chery кој се нуди кај нас, барем сега за сега. Доволно голем да има трети ред седишта, а со тоа е првиот субјект на Korrmotive Тест со седум седишта. За што се работи?


Korrmotive го тестира Chery Tiggo 8 Pro


ree

Korrmotive


Пред да ме прашате, не, не знам зошто го има Pro суфиксот во името, и да, и јас мислам дека е непотребен, ама ајде. На тест кај Korrmotive пристигна Chery Tiggo 8 Pro, кој неоддамна доби еден значителен фејслифт.


Кога Chery пристигна кај нас пред пар години, Tiggo 8 Pro, Tiggo 7 Pro и FX беа првите три модели, а Tiggo 8 Pro прв доби фејслифт. Овој модел е со Luxury пакетот на опременост (читај: фул, со неколку мали исклучоци) и oваа неметалик сива боја. Искрено, малку ми е здосадено од ваквите бои, но во комбинација со црните фелни, интересно изгледа на Tiggo 8 Pro.


ree

Korrmotive

Што има ново кај фејслифтот? Па, повеќе работи. Не е, да кажеш, ако ептен се доближиш може ќе приметиш некоја нова ситница. Големите промени одма започнуваат од предницата, со новиот дизајн на предна маска која вклопува украсни елементи во вид на дијаманти. Ме потсеќаат на дијамантите во The Sims. Кој играл, ќе ги познае.


Предните светла имаат малку обновен дизајн, а фејслифтот воведе и трендовски осветлен знак на предната маска. Нормално.


ree

Korrmotive


Од страна, сѐ си е скоро исто, освен фелните кои ги спомнав претходно. Освен што се малку поголеми од претходно (19 инчи во однос на 18), сега имаат и дополнителни аеродинамични елементи. Aero covers, како што ги викаат.


Исто така, кинезите сфатија дека гумите се многу битна работа, особено кога си во конкуренција со европски брендови, па затоа, Tiggo 8 Pro доаѓа фабрички со етаблирани Continental PremiumContact гуми.


ree

Korrmotive


Позади, имаме light bar кој ги заменува регуларните штопови од претходната верзија, како и четири вистински издуви, два пати повеќе од претходно. Не сум сигурен за овој елемент баш, но не можам да кажам ни дека изгледа лошо.


Сѐ на сѐ, дизајнов ми се допадна многу. Мислам дека најмногу го личи темно зелената боја, која е новитет за освежениот модел, но и сивава добро му личи.


ree

Korrmotive


Новите дизајнерски елементи се во тек со трендовите, и ми се допаѓа што Tiggo 8 Pro има многу класична SUV форма, и успева да биде храбар и да се издвои сосем доволно без тоа да биде too much. Единствено нешто за кое не сум сигурен е хромираниот панел од страните, но сигурен сум дека кај и да е ќе се појави некаква опција за тоа да биде каросериски обоено или пак црно. Освен тоа, одличен дизајн.


А што го движи Tiggo 8 Pro?


Нов мотор кој не може да се суди исклучиво по бројките


ree

Korrmotive


Освежениот Tiggo 8 Pro носи и нов мотор, и како што гласи насловот на ова поглавје, бројките не ја кажуваат целата приказна.


Под хауба има 1.6 турбо бензинец со директно вбризгување кој испорачува 147 коњи и 275 Nm вртежен момент, кој оди до предните тркала преку 7-степен DCT автоматик. Моментално ова е единствената комбинација кај новиот Tiggo 8 Pro.


Е сега, сигурно си викате „147 коњи за толкаво возило? Па малку е бе…“ Знам, и јас бев скептик кога прв пат ги слушнав спецификациите. Но, освен тоа што приказната е друга во пракса, добар момент е да нагласам дека Tiggo 8 Pro тежи само 1.613 килограми. Тоа е отприлика иста тежина како мојот Lexus IS, кој е од 2009 година, има дизел мотор, и е компактен седан. Ова е D-сегмент SUV со седум седишта, а тежината им е речиси иста.


ree

Korrmotive


Ама ајде, цифрите се сепак само цифри. Да започнеме, како и вообичаено, со градска вожња. 


Во град, Tiggo 8 Pro се покажа одлично. Во Eco режимот на возење, софтверот на DCT трансмисијата не дозволува менување на брзини на повисоки вртежи, без разлика што правите. Да, Tiggo 8 Pro е доста големо возило, но немав чувство како да е преголемо за навикнување или снаоѓање.


ree

Korrmotive


Секако, тука ги имате стандардните системи за помош при паркирање, и тие доста помагаат, но од возачкото седиште, Tiggo 8 Pro не делува како да е толку голем.


Едно нешто што ме изненади на прв поглед беше внатрешниот ретровизор, кој користи друг вид на стакло за да можете и да гледате позади вас, но и да гледате што прават патниците. Сепак, прегледноста е сосема океј.


Што се однесува до амортизацијата, Tiggo 8 Pro е малку потврд. Иако суспензијата е доста софистицирана со мултилинк распоред позади, беше малку на тврдата страна, но не на лош начин. Сепак беше сосема океј со апсорбирање дупки, а потврдата амортизација исто беше корисна за однесувањето во кривините. Ова е голем SUV, и тоа се приметува во кривините, но сепак добро се држеше.


ree

Korrmotive


За потрошувачката само пофалби. Ова е еден од бенефитите на помалиот и навидум слабиот мотор; Tiggo 8 Pro комотно троши 7 до 8 литри бензин на 100 км, без разлика дали сте во град или на отворено. Да, овие бројки ги измерив со еден човек во колата, но добив потврда дека бројката не се менува премногу и кога се повеќе луѓе и повеќе багаж. 


ree

Korrmotive


И сега најважното, особено за скептиците; како е на отворено? Сосема способен. Океј, не лета, ама сепак има сосем доволно перформанси да развие автопатски брзини и да ги оддржува без мачење. Плус, во Sport режимот пријатно се изненадив од влечната сила. Да не заборавиме, луѓе, ова е сепак модерен турбо бензинец, сосема е друга приказната отколку што беше пред десетина години. 


ree

Korrmotive


Морам да ја пофалам и звучната изолација. Со исклучок на минимални звуци од ветер, што е очекувано со оглед на димензиите и дизајнот на Tiggo 8 Pro, на автопат сѐ си беше како што треба. На околу 2.000 вртежи во минута моторот скоро и не се слуша, малку станува погласен кога газите во Sport, ама тоа е исто очекувано. 


Значи, и вие и вашите патници, без разлика дали се млади или возрасни, ќе бидат среќни во Tiggo 8 Pro.


Радикално променет ентериер


ree

Korrmotive


Уште една голема промена кај Tiggo 8 Pro се забележува во ентериерот. Претходниот Tiggo 8 Pro некако делуваше како ентериерот да заостанува малку, но приказната е сега друга. Голем дел од деталите се позајмени од малиот FX.


Тоа значи два екрани од по 12.3 инчи, кои, искрено да ви кажам, имаат многу поубав интерфејс отколку тој на FX. Дизајнот на воланот е многу сличен со FX, како и рачката за менувачот, а ги има и touch контролите за клима од FX наместо посебниот екран како што беше претходно.


ree

Korrmotive

Единствената малку чудна работа која дојде од FX е тоа што половина од воланот е покриен во пијано црн материјал. Не ми е јасна оваа одлука баш, со оглед на тоа дека тоа е површина која ја допирате многу често, т.е скоро цело време, но ќе простам делумно бидејќи копчињата на краците се копчиња, а не touch панели или нешто такво.


И освен воланот, нема нешто многу сјајни површини. Другиот дел од таблата е покриен или со меки материјали, или пак со овој матиран дрво ефект материјал, кој изгледаше изненадувачки добро. Всушност, многу од копчињата и командите на ентериерот имаа некакво премиум чувство, особено тие на вратите.


ree

Korrmotive


Двата екрани си беа одлични, Apple CarPlay си работеше супер, и инфозабавниот е лесен за користење и доста респонзивен. Екранот за инструментите има опција посебни контроли за volume, кој всушност ја контролира јачината на трепкачите и предупредувањата од ADAS системите. Можам со сигурност да кажам дека вакво нешто не сум видел до сега, но интересно опција, дефинитивно.


Само убави зборови имам да кажам за кожните седишта. Многу поддршка, и многу добро изгледаат, а имаат и подесиво перниче во наслонот за глава, а ла S-Class. На највисокото Noble ниво, предните седишта доаѓаат и со ладење и возачкото има и меморија.


ree

Korrmotive


Централната конзола е доста широка, и тоа може малку да ве изненади кога ќе влезете првиот пат, но нема да имате проблем со простор и прегледност. Има многу места за одлагање на предмети, а и опрема колку сакаш, од ADAS до сончев кров и стандардни седум седишта.


Средната клупа има многу простор, и на надворешните и на средното седиште. Само не знам колку е паметно што има контроли за совозачко седиште на дофат на патниците од вториот ред. Знам зошто е тука, бидејќи од таа страна се пристапува до третиот ред седишта, но можно е одреден тип на патници да се решат да го тормозат совозачот со овие контроли.


Третиот ред е наменет за деца (или општо помали патници), и ќе ви се најдат од време на време.


Багажникот има 193 литри простор со сите редови седишта кренати, а воедно третиот ред е многу лесен за кревање и спуштање. Со третиот ред спуштен имате 739 литри капацитет, а со сите седишта спуштени имате вкупно 1.930 литри. 


Tiggo 8 Pro е една многу комплетна комбинација


ree

Korrmotive

Како народ, многу сакаме value for money. Многу сакаме нешто да ги вреди парите, и да добиеме многу работи за релативно малку. Chery Tiggo 8 Pro отсекогаш бил интересна понуда за парите, но фејслифтот го прави уште поинтересно.


Од опремата, до практичноста, до удобноста, многу ретко се наоѓа толку многу кола за релативно малку пари. Ако навистина ви треба еден голем, простран, практичен SUV со опрема колку сакаш, вреди да го ѕирнете Chery Tiggo 8 Pro.



ОЦЕНА: 8 / 10


Почетната промотивна цена, воедно и цената на тестираниот модел, изнесува 33.900 евра. Цените се точни од времето на објавување.

За повеќе инфо, посетете ја официјалната страна на Chery Македонија, или пак салонот во Скопје.


© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page