KORRMOTIVE ТЕСТ: Ineos Grenadier
- Марко Соколовски

- Jan 23
- 8 min read
Знаеме сите дека денешниот автомобилски свет го доминираат SUV моделите. Да речеме дека некој од вас мечтае за деновите кога терминот SUV не постоеше, и кога возилата од кои денешните SUV модели ја влечат инспирацијата за дизајнот беа вистински теренци со речиси неограничени способности.
Една компанија базирана во Германија, основана од бизнисменот зад една од најголемите светски компании за хемикалии, се реши да одговори на ова барање. Каков е резултатот? Ајде да видиме.
Korrmotive го тестира Ineos Grenadier

Korrmotive
На крајот на 2025 година кај Korrmotive пристигна Ineos Grenadier, конкретно N1 товарна верзија со црна боја на каросерија. Grenadier исто се произведува и како класичен патнички модел, и има и Quartermaster пикап верзија, но тие не се достапни кај нас од времето на објавување.
Прво, мора малку да навлеземе во ситните детали. Ве слушам од публиката како прашувате „Што е Ineos?“ Мислам, тоа би сакале да прашате, ама можеби прашањето излегува како „Кинезите да не прават теренци сега?“ Ineos не е кинески бренд. Основан е од Сер Џим Ретклиф, бизнисмен и извршен директор на компанијата Ineos, која инаку се бави со хемикалии.

Korrmotive
Освен тоа, Сер Џим е огромен фан на стариот Land Rover Defender, и има многу конекции во автомобилската индустрија. Пред десетина години, кога заврши производството на стариот Defender, Ретклиф понуди да ја откупи лиценцата и алатките за да продолжи да го произведува Defender, нешто во стилот на Caterham.
Land Rover ја одби понудата, па затоа Ретклиф реши да ги превземе работите во свои раце. За само неколку години се воспостави Ineos Automotive GmbH. Иако самата фирма е стационирана во Германија, ова е сепак британски изум, и е крстен по омилениот паб на Сер Џим во населбата Белгравија во Лондон. Производството се одвива во Ламбах во Франција, во погонот кој порано беше задолжен за Smart Fortwo. Речничка дефиниција за контраст.

Korrmotive
Ineos Grenadier е дефинитивно реткост во денешната авто индустрија, и мислам дека не би се доловила поентата ако едноставно го наречам old school. Прво, погледнете го. Дали гледате една мека линија? Grenadier не се труди да продава приказни за тоа што е, дизајнот јасно и едноставно искажува „Јас сум теренец. Take it or leave it.“

Korrmotive
Секако, инспирацијата од стариот Defender е многу јасна, но истовремено Grenadier има и свој визуелен идентитет, и кога се гледаат одблиску пофините детали, одма се гледа дека станува збор за нешто друго. Посвета со љубов, како што би се рекло.

Korrmotive
Еден детаљ од старата школа што многу ми се допадна, освен колку штрафови и нитни се познаваат по целата каросерија, се челичните фелни. Алуминиумски се достапни, секако, ама челичните му даваат посебен шарм. Секако, A/T гумите доаѓаат стандардно.

Korrmotive
Едно нешто што можеби нема да се гледа убаво на фотографииве е тоа што Grenadier не е особено долг. Отприлика иста должина е како еден семеен седан, и не е многу широк, но поради растојанието од тлото и висината од 2м (што значи нема да го собере во повеќето катни гаражи), тоа го прави малку погломазен. Сѐ на сѐ, многу впечатлив и многу macho дизајн, во позитивна смисла на зборот. Се чувствувате како да сте на врвот на светот цело време, и како да нема нешто што Grenadier не може да го совлада.
А кога сме кај тоа…
Етаблиран дизелски мотор и фантастични теренски способности

Korrmotive
Под хаубата на Grenadier има 3.0 турбодизел со шест цилиндри во линија, т.е B57 од BMW. Моторот испорачува 249 коњи и 550 Nm вртежен момент, и тоа оди до сите четири тркала преку 8-степен автоматик од ZF, трансмисија која оди во пакет со овој мотор како и да е, и перманентен 4х4 со 2.5:1 редуктор од Tremec.
Како што веројатно заклучивте, Grenadier е штелуван за вртежен момент и за теренски способности, и ќе дојдеме до тоа. Ова е сепак Korrmotive тест, така да, мораме прво да ги спомнеме градската вожња и вожњата на отворен пат. Прво градската вожња. Да се разбереме, ова не е семеен хечбек или мал SUV, и не се ни труди да го сокрие тоа. И покрај тоа што не би рекол дека градското возење му е силна страна на Grenadier, сепак беше многу подобро од што очекував.

Korrmotive
Веќе ја спомнав големината, но спомнав и дека не е особено долго возило. Да, малку е поширок, и дефинитивно е многу висок, но Grenadier е многу полесен за паркирање од што би очекувале.
Има предни и задни паркинг сензори, како и паркинг камера, но најкорисната работа за паркирање и маневрирање беа ретровизорите, кои се толку големи, што во секој момент гледате каде завршува задниот дел, без разлика каде ви е наместено стаклото.
Да, не го собира во голем дел од паркинг гаражите по град поради висината, но на отворено, нема да имате толку проблем со наоѓање место, а богами нема да имате ни толку проблем со протнување во тесни места.

Korrmotive
Едно нешто што треба да се спомне тука е радиусот на вртење и самиот волан; како што би очекувале од вакво возило, радиусот на вртење е прилично голем, што значи дека полукружна маневра која може обичен автомобил да ја направи од прва, може ќе треба малку напред-назад со Grenadier.
Понатаму, воланот не се центрира автоматски после вртење, бидејќи не е такво сервото. Секако, тоа е корисно за теренско возење, но ќе треба малку навикнување. Кога возите во град има малку повеќе бучава од вообичаено, но Grenadier е многу поспособен за возење во град отколку што би очекувале.
Што се однесува до потрошувачката на гориво, додека го имав Grenadier на тест мојот просек беше околу 13 литри дизел на 100 км, што со оглед на дизајнот и фокусот на Grenadier, тоа воопшто не е лошо.

Korrmotive
На отворен пат исто бев пријатно изненаден. Да, малку е погласно, но нема никаков проблем со развивање брзина и оддржување брзина на автопат, и да, погласно е малку внатре, но ни приближно како што мислев дека ќе биде. Очекував искуството на автопат да биде малку напорно, искрено да ви кажам, но тоа воопшто не е случајот.

Korrmotive
И на крај, теренското возење. Иако Grenadier е способен за многу потешко теренско возење од тоа што јас го правев со него, навистина нема што да се каже; Grenadier е створен за тоа, и тоа си го прави одлично.
Освен редукцијата од 2.5:1, Grenadier доаѓа стандардно со блокирање на централниот диференцијал, а достапни се и диференцијали за предната и задната оска кои исто вклучуваат опција за блокирање.

Korrmotive
Растојанието од тлото е 26 cm, аголот на пристап е 36.2 степени, додека аголот на заминување е 22.6 степени. Предната оска има артикулација од 9 степени, додека задната оска има артикулација од 12 степени, и Grenadier може да вози низ вода со длабочина до 80 cm (достапна е цевка за да дише моторот, секако).
Знам дека бројкиве на многумина од вас не ви значат ништо. Со зборови, Grenadier не само што може да се движи речиси секаде каде што нема асфалт, тоа го прави со самодоверба, и му дава самодоверба и на возачот. Дури и јас, кој што не сум баш вешт теренски возач, и кој што минимално се заглави во кал за време на тестот, дури и јас успеав да се извадам од таа ситуација.

Korrmotive
Ми се допаѓа и колку е old school пристапот на Grenadier; ќе ви треба доста сила во раката за да ракувате со менувачот за редукцијата, и ќе ви треба доста сила во рацете за да го ракувате воланот, но не можам да кажам дека беше непријатно или напорно. Сѐ на сѐ, доколку ги подесите очекувањата, Grenadier е сосема способен за речиси сите видови на возење, но особено теренско возење. Откако ќе се уходите со контролите и откако ќе се навикнете како да го третирате Grenadier, не само што ќе ве награди, туку ќе ви биде и забавно.
Ентериер од старата школа

Korrmotive
Често знаеме да го расфрламе тој термин, нели? Ентериер од старата школа бидејќи има две-три повеќе копчиња од тоа на кое сме навикнати. Во случајот на Grenadier, кога велам old school, навистина го мислам тоа.
Погледнете само колку многу копчиња има, и погледнете колку се сите едноставни за користење. Ова следново не можете да го погледнете, но чувството кога ги вртите тркалцата или ги притискате голем дел од копчињава е навистина посебен.
Екранот поставен на врвот на контролната табла е единствениот екран во ентериерот на Grenadier, и е домаќин и на инструментите, како и на инфозабавниот систем.

Korrmotive
Левата третина го зафаќаат виталните податоци, брзиномерот и мерачот за вртежи, мерачот за резервоар, и разноразни детали од патниот компјутер, додека другата страна се инфозабавните соддржини и, мојот омилен дел, дополнителните дисплеи за теренско возење. Надморска височина, колку степени се свртени тркалата, аголот на возилото при возење на нагорнини и надолнини итн.
Инфозабавниот дел од екранот може да се ракува со допир, или пак со тркалцето и шестте копчиња во централната конзола, што е многу корисно кога сте во движење. Истово важи и за Apple CarPlay/Android Auto, кој инаку си работеше одлично и без кабел.

Korrmotive
Под екранот имаме компас и уште еден дисплеј за надморска височина, а под тоа имаме огромен панел со разноразни конроли за климата, и за некои други работи. Во централната конзола е менувачот, кој верувам дека ќе ви биде познат, менувачот за редукцијата, како и рачната кочница, која е рачна во буквална смисла. Освен тоа, има огромен простор меѓу седиштата за одлагање предмети кој може да го заклучите.

Korrmotive
На панелот на таванот има исто еден куп копчиња и контроли, но многу од нив фабрички немаат никаква функција. Тие се оставени таму за на нив да поврзете разноразни додатоци, на пример макара или дополнителни светла, две работи кои се прилично важни за пролонгирано, посериозно теренско возење.
Зад воланот нема ниту екран ниту инструменти, само сијалички. Доколку се сеќавате на стариот Chevrolet Spark, распоредов е многу сличен. Квалитетот на ентериерот навистина пријатно ме изненади, и особено со оглед на тоа што Ineos е сеуште релативно нов играч. Сѐ има чувство како да е направено да трае, и тоа особено го забележав со потпорите на возачкото седиште.

Korrmotive
Тестеров имаше добри изминати километри, и покрај тоа што единствениот уреден начин да се излезе е лизгање на седиштето, беше во одлична состојба.
Кога сме кај тоа, тоа е една мала забелешка. За да се извади максимално растојание од тлото, Grenadier фабрички не доаѓа со скала. Треба малку акробации за да влезете од возачката страна, и можеби ќе треба заддржување за воланот. Од широката лепеза на аксесоари за Grenadier дефинитивно би додал и скала.

Korrmotive
Како што би очекувале, во Grenadier се седи навистина високо, но сепак има многу подесување во седиштето и воланот, така да, нема да имате проблем да си најдете комотна позиција. Прегледноста, како што кажав, е супер, но бидејќи страничните прозори се под прав агол, некогаш се случува спротивниот прозор да направи рефлексија, што може минимално да ве деконцентрира додека возите. Сепак, со тек на време, се навикнувате и на тоа.
Има многу простор за одлагање на предмети, на задната клупа исто има еден куп простор, а багажникот нуди 1.152 литри капацитет. Не, тоа не е максимумот со седиштата спуштени, тоа е со седиштата во нормална позиција. Доколку ги спуштите, добивате преку 2.000 литри капацитет, што е навистина одлична бројка, и особено корисна во комерцијалниот модел како што е тестерот.
Grenadier е прав old school теренец

Korrmotive
Нема бегање од тоа. За сите оние што сакаат право теренско возило, што нема да биде збунето или заглавено на ситни промени во теренот, нема да згрешите со Ineos Grenadier.
Самиот Grenadier си го доловува тоа многу убаво со натписот на плочката под шофершајбната: Built on Purpose, односно направен намерно. Grenadier е намерно направен да оди против сѐ што важи за моменталниот свет на SUV и теренски возила, и да нѐ потсети дека не е секогаш сѐ во стилот и во меките линии. Понекогаш, најважна е функцијата, а не формата. Ма да, морам да признаам, и формата е одлична.
ОЦЕНА: 8.5 / 10
Почетната цена на Ineos Grenadier изнесува 99.000 евра.
За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на Ineos Македонија.




