top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Opel Frontera

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Dec 28, 2025
  • 7 min read

Дали се сеќавате на старата Opel Frontera? Тоа беше прилично крут теренец кој, всушност, не беше Opel, туку Isuzu. Го носеше името Opel Frontera во Европа, и Vauxhall Frontera во Велика Британија. 


Пред некое време, Opel реши да го врати името Frontera за моделот кој го замени Crossland. Пристапот кон овој модел е доста различен во однос на другите модели на понудата на германскиот бренд, и да ви кажам искрено, многу е интересен овој пристап.


Ајде да видиме…


Korrmotive ја тестира Opel Frontera


Korrmotive

Кај Korrmotive на тест пристигна Opel Frontera, со максималното GS ниво на опрема, како и оваа интересна Kanyon Orange металик портокалова боја со контрастен црн покрив, како и појакиот хибриден погон. 


Иако ова е де факто замена за Crossland во понудата на Opel, за разлика од тој модел, Frontera е поголема од Mokka, но и поефтина. Тоа е многу важна работа за Frontera што треба да се каже пред било што друго; главните цели на Frontera е да понуди што е можно повеќе практичност и солидна технологија за не многу пари. До тие не многу пари ќе дојдеме покасно, да позборуваме малку за подлабоките детали.


Korrmotive

Opel Frontera е првиот модел на брендот поставен на новата Smart Car платформа на Stellantis, развиена во соработка со Tata Consultancy Services во Индија. Платформата е специјално дизајнирана за дозволиви возила за европскиот пазар, и ја користат и неколку други модели. Платформава е приспособена за бензински мотор, за хибрид и за целосно електричен. За разлика од некои од своите братучеди, Frontera не нуди опција за чист бензинец (барем сега за сега), доаѓа само како хибрид или како ЕВ.


Korrmotive

Дизајнот на Frontera е навистина интересен и впечатлив, ама многу ми е криво што овој модел не дојде со белите челични фелни кои се достапни како дополнителна опрема. Пропорциите се особено интересни, многу висока и многу квадратеста форма, дефинитивно многу впечатливо во споредба со другите Opel модели. Да, Grandland е исто квадратест, но не баш како Frontera.


Korrmotive

Напред го имаме Opel Vizor дизајнот, каде што би сакал Blitz знакчето да не беше црно, бидејќи воопшто не се познава поставено на украсната црна пластика. На задниот дел ги имаме овие интересни наопачки, да ги кажам, стоп светла, и името на моделот испишано на петтата врата, како што е сега стандардна приказна за Opel.


Korrmotive

Сѐ на сѐ, навистина интересен дизајн. Оддамна не сум видел/возел нешто со вакви занимливи пропорции, и мислам дека е дефинитивно еден од највпечатливите модели во понудата на Opel моментално. Уште еден доказ дека Opel се определи за boxy дизајни под чадорот на Stellantis, нешто што го видовме со Grandland.


А што ја движи Frontera?



Познат хибрид


Korrmotive

Под хаубата на тестерот имаше 1.2 хибрид, т.е турбо бензинец со три цилиндри, како и мал електромотор со вкупен износ од 145 коњи и 230 Nm вртежен момент, и тоа оди до предните тркала преку 6-степен DCT автоматик, и всушност, електромоторот е сместен внатре во трансмисијата. 


Korrmotive

Достапна е и верзија од хибридот со 110 коњи, како и целосно електрична Frontera, со еден електромотор од 113 коњи на предната оска и батерија со 44 или пак 54 kWh капацитет, со максимален опсег на струја до 408 километри. Се надевам дека ќе има интерес за електричната и кај нас, но мислам дека сите ќе се сложиме дека ќе биде најпопуларна Frontera Hybrid, како оваа што ја тестирав. Епа ајде, да видиме со што се пофали.


Korrmotive

Во град си беше топ. Овој хибриден погон сум го испробал многу пати претходно, вклучувајќи и во други Opel возила, и исто си беше и тука. Тивко, смирено, и ако сте внимателни со гаста, голем дел од времето воопшто нема да возите на бензин.


Korrmotive

Сето тоа си е јасно прикажано на дисплејот зад воланот; кога брзината е со сино, значи дека возите на струја, а ако е во бело, значи дека возите на бензин. Една друга интересна работа за Frontera е што има регенеративно кочење, што значи дека нема ни многу да ја користите педалата за кочење.


Малку е чудно првиот пат кога ќе се случи, бидејќи се слуша бензински мотор како работи, но има и регенеративно кочење како да е целосно електричен автомобил. Регенеративното кочење е доста ефективно, иако не може целосно да ја запре Frontera, но би сакал да имаше опција да се подеси јачината. Барем не успеав да најдам такво нешто.


Korrmotive

Кога сме кај подесување, би сакал за нијанса повеќе вертикално подесување на воланот. Но и покрај тоа, имаше многу подесување во возачката позиција, и особено ми се допадна колку многу простор имав за главата. Тоа е кога пропорциите си го прават своето.


Korrmotive

Иако седиштата не се одобрени од AGR иницијативата за здрави грбови, пак беа прилично удобни и со интересен дизајн. Прегледноста исто беше сосема добра, по готово од напред, поради исправената шофершајбна и високата возачка позиција. Кога сме кај тоа, возачката позиција е навистина висока, и тоа ѝ оди во корист на Frontera.


Како беше на автопат? Прилично добро. Во однос на количината на звучна изолација и пропорциите, звуците на автопат беа на сосем прифатливо ниво. Можеби некој од вас ќе си каже дека 145 коњи не е доволно, и иако не е брзо во права смисла на зборот, влечната сила е многу конзистентна; не се чувствува како да губи сила после одреден момент. Немам друг начин како да го објаснам тоа освен дека развива брзина многу линеарно. 


Korrmotive

Едно нешто што навистина пријатно ме изненади беше возењето во кривини. Да, не е спортски автомобил, и не се труди да биде, но динамичките способности на Frontera се многу подобри од тоа што би очекувале. Нема многу навалување, и контролите имаат сосем доволно фидбек. Се чувствува сигурно. 


Повторно ќе искористам реченица што сите си ја користиме народски: многу убаво вози. Компетентно и без драма. 



Ентериерот има сѐ што треба


Korrmotive

Ентериерот на Frontera го следи типичниот Opel формат. Pure Panel доаѓа стандардно, со голем екран за инструментите, како и инфозабавен систем со 10-инчен екран. Под екранот има физички контроли за климата, и овој пат нема дополнително мени за климата во инфозабавниот систем: сите контроли се физички, и за тоа има многу бонус поени.


Една работа што ја приметив за ентериерот е што навистина се чувствува пространо и големо. Има еден куп простор за глава, и општо сите елементи не зафаќаат многу простор, не се чувствувате како да треба да правите микроподесувања во возачката позиција за да ви биде сѐ како што треба. Само, пак ќе кажам, фали малку вертикално подесување за воланот. 


Korrmotive

Екранот за инструментите ви ги покажува сите најважни информации, само што фали опција за мерач на вртежи. Не ви треба, бидејќи менувачот нема режим за мануелно менување, ама би била корисна опцијата во секој случај. 


Инфозабавниот систем го користи најновиот софтвер на Stellantis, и со сигурност можам да кажам дека ова е најдобрата изведба до сега. Респонзивен, едноставен за користење, брзо си работи, и Apple CarPlay конечно работи беспрекорно со безжично поврзување. Порано знаеше да се буни малку ако нема кабел, но тоа не е веќе случајот. 


Korrmotive

Ми се допаѓаат и некои од ситните, но симпатични детали во ентериерот, како цртежите од Frontera интегрирани во држачите за чаши, и симболот за рециклирање на наслонот за рака на вратите, за кој верувам дека знаете зошто е таму. Исто ми се допадна што инфозабавниот екран има матиран слој за да не привлекува толку многу прашина и отисоци, и освен делот околу Pure Panel, сјајни материјали готово и да нема. Меѓу другото, тоа значи дека ентериерот скоро секогаш ќе изгледа чисто.


Една работа за ентериерот на Frontera која комплетно ја разбирам е употребените материјали. Со неколку исклучоци, тешко дека ќе најдете меки материјали во ентериерот. Тоа ја вклучува контролната табла, панелите на вратите, и централната конзола. Јасно ми е, меѓутоа би сакал да имаше барем уште по некој мал дел кој беше малку помек.


Korrmotive

Сепак, најбитните работи, како наслоните за раце, воланот и седиштата се прилично меки. Ми фалеше и малку поцврсто место за потпирање на колено во возење; со мојата возачка позиција се потпирав на ремчињата за држачите за чаши. 


Има доста места за одлагање на вашите предмети, и многу ми беше освежително да има толку многу физички контроли, меѓу кои и вистински копчиња за гасење на предупредувањето за сообраќајни знаци и системот за заддржување во лента. Обично до тие работи се пристапува преку централниот дисплеј, но тука имаше копчиња. Убедливо најхаризматичниот дел кој го приметив кај Frontera е звучникот за предупредувања. Чекај, што?


Korrmotive

Обично новите коли имаат доста мелодички предупредувања за појас, префрлување во рикверц, паркинг сензори и такви работи, но не кај Frontera. Сите тие работи кај Frontera звучат како стар мобилен телефон или можеби пејџер, но тоа не е воопшто лоша работа. Знам зошто тоа е така, ама звучи многу интересно, дефинитивно нешто од кое сме се одвикнале. 


Секако, има многу места за одлагање на вашите предмети, а и на задната клупа има многу простор. Висок сум 1.80м, и дури и со моите малку поголеми латерални димензии, сепак имав многу простор. Тука е добар момент да се спомне дека Frontera е достапна со седум седишта. Багажникот кај хибридот нуди 460 литри капацитет, а тоа станува 1.600 литри со преклопување на задните седишта. Доколку некој од вас е авантуристички дух, Frontera е достапна со шатор кој се поставува на кровот. Јако!



Frontera е убедливо најинтересниот Opel модел


Korrmotive

Вакво нешто не сме виделе од европски производител многу долго време. Цело време се чини како сите европски брендови да се во трка кој прв ќе направи попремиум модел, и со тоа некако ја запоставија категоријата на модели што многу ги вредат парите. Opel Frontera е доказ дека понекогаш е поважно да се фокусира еден модел на value, и богами, во однос на цената, Opel Frontera е многу солиден модел, и многу привлечна во однос на value. Дефинитивно најинтересниот Opel модел моментално.



ОЦЕНА: 8 / 10


Почетната цена за Opel Frontera изнесува 23.280 евра.

Промотивната цена на тестираниот модел изнесува 24.700 евра.

Цените се точни од времето на објавување. За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Opel Македонија.



© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page