top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Volkswagen Taigo

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Dec 16, 2025
  • 5 min read

Имам два факти да ви изнесам. Прво, знаеме дека B-SUV сегментот е и понатаму многу конкурентен и полн со разноразни модели, и второ, многу купувачи бараат нешто малку по old school. Во конктекст на овој сегмент тоа би значело нешто што е сепак кул со интересен дизајн, но и да биде нешто познато, нешто едноставно што не бара многу учење. Камо да постоеше модел што ги исполнува овие два критериуми…


Volkswagen тврди „Постои бе.“ Да видиме…


Korrmotive го тестира Volkswagen Taigo


Korrmotive

На тест кај Korrmotive пристигна Volkswagen Taigo, еден од најмалите и најефтините модели на сеприсутниот германски бренд. Го носи средниот Life Plus пакет на опрема, со добра количина додатоци, има 1.0 TSI мотор со автоматик, и оваа многу симпатична Visual Green зелена боја.


Еден интересен момент за Taigo е што има, на некој начин, спротивна животна приказна од T1, односно Бубата. Додека таа се произведуваше до кај 70те години во Германија, а потоа продолжи во Бразил и Мексико, Taigo започна како модел за тие пазари. Во 2020 година го имаше своето деби во Бразил под името Nivus, а во 2021 година пристигна во Европа како Taigo, кога започна и производството во Navarra погонот на Volkswagen во Памплона, Шпанија. Истата фабрика е задолжена за T-Cross и Polo, братучедите на Taigo.


Korrmotive

Taigo има повеќе заедничко со T-Cross, ефективно купе верзија на коцкастиот (во споредба) T-Cross. Како и горенаведените братучеди, Taigo е поставен на MQB A0 платформата. Малку е постара од MQB Evo, да, ама тоа овозможува попристапна цена и сите old school моменти до кои ќе дојдеме за кратко.


Korrmotive

Од напред, овој модел беше опремен со IQ Light LED светла, како и мал light bar кој ги спојува светлата со Volkswagen знакот во средина. Од страните највпечатливиот момент е закривениот покрив, а овој модел дојде и со малку пофенси 17-инчни тркала. На задниот дел имаме уште еден light bar, како и Taigo знакот на средината на петтата врата. Освен тоа, имаме и еден куп необоени украсни пластики, како што доликува на еден мал кросовер. За жал, Taigo не е достапен со AWD, платформата не поддржува таков распоред. 


Korrmotive

Како човек што не е, во принцип, голем фан на купе кросовери, мислам дека Taigo ефективно си ја завршува работата да биде впечатлив и интересен за гледање. Volkswagen обично не се занимавале многу со тие работи, но во овој сегмент, впечатлив дизајн е клучен. Ми се допаѓа што е препознатливо Volkswagen и доста класично, но сепак е малку поинтересно и позанимливо дури и од T-Cross, и дефинитивно повеќе од Polo.


А што го движи Taigo?


Штедлив, но и брз трицилиндрец


Korrmotive

Taigo е достапен со неколку различни мотори, но мислам дека овој во тестеров има најмногу смисла. Се работи за 1.0 TSI бензинец со три цилиндри и турбо кој испорачува 115 коњи и 200 Nm вртежен момент, и тоа оди до предните тркала преку, во случајов, DSG автоматик со 7 степени и двојна спојка.


Достапен е и 1.0 со 95 коњи, и тој доаѓа исклучиво со 5-степен мануелен менувач, а на врвот на понудата е 1.5 TSI со 150 коњи, единствената опција со четири цилиндри, и тој доаѓа исклучиво како автоматик.


Korrmotive

Што значи сето тоа во реалност? Да започнеме со домашната територија, односно возење во град. Генерално, немам лош збор да кажам за искуството во град, и понатаму тврдам дека за ваков автомобил е најсоодветно автоматски менувач. Го намалува стресот и ја олеснува работата во познатите скопски гужви.


Моторот си е тивок и изненадувачки рафиниран. Генерално, бензинците со три цилиндри имаат ист (одличен) звук, но овој беше малку поразличен. На дел од вртежите звучеше малку како V6 дизел (3.0 TDI, на пример), што ме изненади пријатно. 


Korrmotive

Нема посебни режими на возење, освен ставање на менувачот во S, што ги држи вртежите повисоко и ја заострува респонзивноста. Сепак, во град, Taigo си се чувствува како дома. Амортизацијата исто пријатно ме изненади, а паркирање и маневрирање нема да е никаков проблем. Единственото нешто што го приметив е задната прегледност, но не е многу страшно. Овој модел дојде и со камера за паркирање, како и паркинг сензори напред и позади, така да, сѐ си беше лесно.


На отворен пат се чувствуваат бенефитите од тие 115 коњи. Не лета, океј, ама има повеќе од доволно сила да развие и да оддржува автопатски брзини без многу драма, и во S режимот дури и малку ќе ве изненади со каква волја ги менува степените и развива брзина. Имаше малку звуци од патот, што ги должам меѓу другото на зимските гуми и на тоа што на дел од скопската обиколница има стар, рапав асфалт, но немаше други гласни звуци освен тоа.


Korrmotive

Што се однесува до потрошувачката, очекувајте околу 5.5 до 6 литри на 100 км, што се одлични бројки, и уште еден бенефит од имање толку мала зафатнина и само три цилиндри. Сепак, сигурен сум дека поаеродинамичната форма на Taigo исто има придонес тука.


Што се однесува до динамичкото возење, Taigo не е спортски автомобил, и барем со оваа опрема, не се ни труди да биде. Динамичките способности му се сосема океј, се снаоѓа во кривини, но има малку помалку фидбек од воланот од што би сакал. 


Korrmotive

Сѐ на сѐ, изненадувачки добро искуство зад воланот на Taigo, и особено многу го ценам пристапот; нема нешто посебно на кое што треба да се навикнете или да се адаптирате, сѐ е познато, стокмено и едноставно за користење.


Ентериер на место


Korrmotive

Со оглед на тоа дека Taigo е базиран на MQB A0 платформата, ентериерот е малку поразличен од она на кое навикнавме на другиве модели, како Passat и Tiguan. Дали е тоа добра работа? Според мене, апсолутно да.


Korrmotive

Екранот во инструмент таблата го зафаќа само средниот дел, со многу едноставен приказ. Ги нема touch контролите на волан, иако Volkswagen ги елиминира од другите модели како и да е, ги нема тука од старт. Едноставен мал екран за инфозабавните соддржини, кој сепак има сѐ што ви треба и безжично поврзување на смартфон, и, најважното, контроли за климата посебни од екранот.


Тие се осетливи на допир, и би сакал да имаа малку фидбек, како кога заддржувате икона на телефон, рецимо, ама добро е што се посебни во секој случај. Плус, кога последен пат сте виделе механички селектор за автоматски менувач и механичка рачна кочница?


Korrmotive

Нема многу да ја комплицирам работава, ентериерот на Taigo е навистина на место. Седиштата се доста едноставни, но се комотни и ергономски средени. Воланот е пријатен за држење, а технологијата си функционираше како што треба. Има и неколку различни дисплеи во екранот за инструментите, само малку ми беше збунувачки ресетирањето на патниот компјутер, ама кога го научив, имаше смисла.


Korrmotive

Инфозабавниот екран си е брз и респонзивен, во главно поради тоа што софтверот е малку поедноставен и без многу товар. Бидејќи е постариот infotainment на Volkswagen, ја има финтата каде што добивате дообјаснување на командите кога ќе го доближите прстот до екранот. 


Механичкиот менувач и рачна се исто така големи плусови, ако мене ме прашувате, и контролите и општата изработка си е на вообичаениот висок стандард на VW, а има и неколку саглам места за одлагање на предмети. На задната клупа има сосем доволно простор, и повеќе простор за глава отколку што мислев. Багажникот нуди 440 литри капацитет, што е фантастична бројка за оваа класа.


Taigo беше пријатно изненадување


Korrmotive

Како човек што не е нешто огромен фан на купе SUV форматот, особено ме интересираше како ќе биде кога тој формат е преточен во мал B-SUV. Да бидам искрен, бев малку скептик кога прв пат го видов Taigo пред неколку години на фотографии.


Сепак, скептицизмот испадна неоправдан. Volkswagen Taigo е многу силен конкурент во B-SUV класата, и многу го ценам тоа што нуди old school пристап кон работите; тоа го прави пристапен и едноставен за разбирање. Како да сака да каже „Седни си, не се плаши, сѐ ти е познато.“ Во време кога такво нешто сѐ повеќе и повеќе фали, според мене, за Taigo апсолутно има место во овој сегмент, и го оправдува тоа место.


ОЦЕНА: 8.5 / 10


Почетната цена за Volkswagen Taigo изнесува 25.917 евра.

Акциската цена за тестираниот модел изнесува 26.500 евра.

За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Volkswagen, или пак продажниот салон.


Цените се точни од времето на објавување.

© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page