KORRMOTIVE ТЕСТ: Ford Puma
- Марко Соколовски
- Nov 15, 2024
- 6 min read
Се сеќава ли некој на старата Ford Puma? Во доцните 90ти Ford го благослови светот со мал, лесен спортски автомобил базиран на Fiesta кој го носеше името Puma. Секогаш ме радува кога ќе видам еден од малкуте примероци останати по скопските улици.
Пред неколку години Ford ја оживеа Puma како B-SUV, повторно базиран на Fiesta. Иако имаше некои интензивни реакции за оваа одлука, Puma се покажа како солиден играч во жешкиот свет на B-SUV возила. Порано во 2024 година, во Македонија пристигна освежената Puma. Дали има што е потребно за да биде и понатаму силен конкурент во овој растечки и многу популарен сегмент? Ајде да видиме!
Korrmotive ја тестира новата Ford Puma

Korrmotive
На тест кај мене неоддамна пристигна освежената Ford Puma, со ST-Line пакет на опременост и 1.0-литарски EcoBoost бензинец со лајт хибридна технологија, како и оваа фантастична Cactus Grey каросериска боја која е без доплата. Мала дигресија, морам да кажам дека од денешните трендови во автомобилската индустрија, многу ми се допаѓа што најчесто најинтересните бои се сега без доплата.

Korrmotive
Puma е со нас од 2019 година, а промените во фејслифтот се посуптилни, барем од надвор, но сепак се забележуваат. Од напред, имаме малку освежени предни светла, а освежениот син овал (конечно) се сместува во средината на предната маска, наместо над неа. Од страна го гледаме новиот дизајн на тркала кој е карактеристичен за ST-Line моделот, а ST-Line X добива уште поинтересен дизајн.

Korrmotive
Позади, нема толку големи промени, со исклучок на новото Ford знакче и тоа дека името на моделот е сега испишано со црни букви на петтата врата. Морам да ви признаам, отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на Puma. Широките крила како и тоа дека предниот и задниот браник не стрчат премногу напред односно позади тркалата му дава еден интересен изглед кој јасно кажува дека Puma е поспортски автомобил кој сам наведува на подинамично возење.

Korrmotive
Предниот дизајн отсекогаш ми бил многу friendly, со големите вертикални светла и насмеаната маска. Само пофалби имам и за бојава, навистина изгледа одлично во живо. Одлично завршена работа со дизајнот.
Еден погон за сите

Korrmotive
Пред фејслифтот, Puma беше достапна и со регуларен бензинец без лајт хибрид, како и со дизелски мотор. Сега, понудата на агрегати е намалена и се нуди само еден мотор.
Се работи за високо наградениот и успешен 1.0-литарски EcoBoost турбо бензинец со три цилиндри, спарен со мала Li-ion батерија од 48V. Вкупниот износ е 125 коњски сили, а тоа се пренесува до (и само до) предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, или пак 7-степен Powershift автоматски со двојна спојка кој го имаме тука.

Korrmotive
Стотка се случува за солидни 9.5 секунди, додека максималната брзина е 191 километри на час.
Што значи сето ова во пракса? Да започнеме, како и по обичај, со градско возење. Градско возење е нешто што на Puma би требало, теоретски, да ѝ оди добро. Да ви кажам право, многу добро ѝ оди.

Korrmotive
Ми требаше малку време да ги навикнам прилично силните кочници, но откако ги навикнав, Puma беше едно доста пријатно искуство во градски услови. Автоматскиот менувач многу придонесува да биде целото искуство поедноставно и со помалку мачење, а моторот е многу рафиниран и речиси комплетно нечуен.

Korrmotive
Бидејќи е лајт хибрид, кога кочите и ја намалувате брзината, да речеме ако се приближувате до црвен семафор, на брзини помали од 10 км/ч моторот се гаси и стартер генераторот ја довршува неговата работа. Секако, ова придонесува за уште помирно искуство во град, но и за намалена потрошувачка.
А каква е всушност таа потрошувачка? Супер! Додека ја имав Puma на тест поминав секакви видови на услови. Во нормални градски услови, можете да очекувате околу 6 до 6.5 литри на 100 км, а на отворен пат може да се симне дури и до 5.5 литри. Навистина солидни бројки за класата, а дури и при малку подинамично возење, очекувајте нешто во повисоките децимали на 7 литри.

Korrmotive
Да преминеме на други ситуации. На отворен пат, Puma навистина ме изненади. Обично очекувам SUV возила да имаат минимални звуци од ветер од очигледни причини, но тука немаше речиси ништо. Моторот е многу тивок, и вибрациите и звуците општо се сведени на апсолутен минимум. Освен тоа, има и сосем доволно сила за да постигне повисоки брзини за релативно кратко време.

Korrmotive
Како што секогаш било случајот со Ford, при динамично возење Puma има со што да се пофали. Базирана е на платформата на Fiesta, кој според сите кои го имаат возено, е автомобил кој отсекогаш бил интересен за возење без разлика кој мотор ги движи тркалата.

Korrmotive
Навалувањето е минимално, и контролите се многу респонзивни со прилично добра количина на фидбек, како и добра реактивност доколку префрлите во Sport режимот на возење. Релативно за тоа што е, Puma е забавен автомобил за возење! Но, и покрај тоа што е забавна за возење, Puma успева да биде прилично комфорен автомобил кога патиштата (како што е случајот кај нас) ќе станат рапави.
Нов ентериер од корен

Korrmotive
Кажав погоре дека надворешноста има посуптилни промени како дел од фејслифтот. Ентериерот е сосема друга приказна, со комплетно нов дизајн и некои клучни елементи на сосем нови позиции. Ова ми е интересно, бидејќи обично е обратното: надворешноста има значителни промени, додека ентериерот добива малку посуптилни промени.
Претходно, Puma го делеше ентериерот со Fiesta, со инфозабавниот систем поставен на најгорниот дел од централната табла, волан со три краци, и истата инструмент табла. Сега, Puma добива нова 12.3“ инструмент табла, волан со два краци, новиот 13“ инфозабавен екран се симнува подолу и е полесен за дофат, и општо е обновен дизајнот. За жал, дизајнерите мораа да ги жртвуваат физичките контроли за клима уредот, но тие се секогаш достапни на долниот дел од екранот.

Korrmotive
Системот за навигација покажува знаменитости во 3D, многу добар детал!
Инаку, екранот е поддржан од најновиот SYNC 4 софтвер на Ford. Доста респонзивен, со добри анимации и добра графика, брз и едноставен за разбирање со оглед на тоа дека не се опциите премногу закопани во суб-менија.
Единствена забелешка што би ја дал е тоа што режимите за возење се менуваат преку екранот, јас лично би додал копче или некакво тркалце за таа работа. Секако, Apple CarPlay и Android Auto се присутни и можат да се користат безжично. Многу ми се допаѓа што имате избор меѓу USB-A и USB-C доколку сакате да се поврзете со кабел, а има и безжичен полнач за мобилен.

Korrmotive
Еден друг интересен момент кој многу ми се допадна е дека менувачот и рачната кочница се механички, нешто што сѐ помалку го гледаме. Менувачот нема мануелен режим, само Sport режим до кој се стига со ставање во S. Како што би очекувале, ги држи вртежите на моторот повисоко за целото искуство да биде поспортско, додека самиот Sport режим на возење забележливо (но не и вештачки) го отежнува управувањето и ја прави гаста многу пореспонзивна.
Екранот зад воланот е многу јасен и лесен за читање, а има и многу опции за конфигурации и прикази. Освен тоа, можете да одберете една од три различни теми, кои инаку може и да се врзат со режимите за возење. Другите два режими се Eco и Normal.

Korrmotive
Квалитетот на изработка е сосем задоволителен, со оглед на тоа дека Puma е самиот почеток на гамата на Ford. Од опрема тестерот имаше сѐ што треба и повеќе, брдо безбедносни системи, 360-степенска камера, паркинг сензори напред и позади, LED предни светла со асистенција за долги светла, автоматско отварање на петтата врата, но јас би додал греење на седишта и волан, кои се дел од Winter Pack пакетот.

Korrmotive
Кога спомнав седишта, тие се удобни, имаат доста добра поддршка, и добра количина на подесување. Истото важи и за воланот, но за мој личен вкус повеќе би претпочитал да е малку помал во дијаметар и да оди за нијанса повисоко. Сепак, нема да имате проблем да најдете соодветна позиција за возење во Puma. Имате и многу места, и отворени и затворени, за одлагање и чување на вашите предмети. Ми се допаднаа и црвените шевови кои се дел од ST-Line нивото.
На задната клупа, од лично искуство и од искуство на патниците кои седнаа, има изненадувачки многу простор. Да, покривот е малку наклонет, но има сосем доволно простор и за главата и за нозете.

Korrmotive
Багажниот простор дефинитивно не личи на B-SUV: Puma нуди 456 литри со задната клупа крената, а ако ја спуштите, добивате дури 1.216 литри простор. Ова се бројки кои би ги очекувал од поголемите C-сегмент хечбек модели, но еве ги на мал B-SUV. Браво!
Puma е повеќе од солиден пакет

Korrmotive
Морам да признаам, јас бев еден од тие скептици кога прв пат се појави Puma, претежно поради името. Со тек на време се загреав кон идејата, и многу ме интересираше што има да понуди најмалиот SUV на Ford. Сега можам да ви кажам дека има многу што да понуди. Забавно возење, многу опрема, и дизајн кој нема да остане незабележан. Во променливиот и високо конкурентниот свет на B-SUV возила, Ford Puma дефинитивно се истакнува!
ОЦЕНА: 8/10
Акциската цена на тестираниот модел изнесува 29.300 евра. Почетната цена (акциска) е 23.900 евра. За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Ford Македонија или пак еден од продажните салони. Цените се точни од времето на објавување.