top of page

KORRMOTIVE ТЕСТ: Geely Cityray

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Oct 2
  • 5 min read

Да речеме дека ве бендисува Geely Coolray, ама можеби не е доволно голем за вашите потреби. Имате школарци, одите на одмори и сл. Океј, тогаш можеби Geely Starray? Ама па тој е многу голем некако… и што правиме сега?


Досега немаше одговор на овие дилеми. Немаше модел во понудата на Geely што беше, на некој начин, комбинација од Coolray и Starray. Но сега има. Ајде да видиме за што се работи.



Korrmotive го тестира Geely Cityray


ree

Korrmotive


На тест кај Korrmotive пристигна Geely Cityray, во оваа суптилна, но сепак интересна магнетно сива боја, како и GF пакетот на опременост. Како што спомнав погоре, Cityray е позициониран помеѓу Coolray и Starray во понудата, и тоа може да се сфати прилично буквално.


Поголем е од Coolray, има повеќе простор од Coolray внатре и особено во багажникот, но е помал и посоодветен за во град (како што наведува и името) отколку Starray. Друго нешто што Cityray го позајмува од Starray е новиот дизајнерски јазик на Geely.


ree

Korrmotive


Тоа го вклучува релјефниот дизајн на предната маска, како и дизајнот на светлата, многу сличен на оној на Starray. Сега светлата продолжуваат во предната маска, фактички целиот преден дел е осветлен со еден многу уникатен и приметлив светлосен потпис.


ree

Korrmotive


Од страна имаме многу остри елементи, слични на оние на Starray, како и дизајнот на задните светла кој се гледа јасно од страничниот дел, што значи од страна може лесно да се види во темнина. Овој модел исто дојде на 19-инчни тркала, стандардни за GF пакетот, додека основниот GK доаѓа со 18-инчни.


На задниот дел исто се гледа GEELY испишано на петтата врата, како и четири вистински издуви. Океј, украсните делови околу нив се доста поголеми, но навистина има четири издуви, како и огромен дифузер. Cityray сака да биде болид кога ќе порасне!


ree

Korrmotive


Шала на страна, дизајнов е многу интересен. Сината боја најмногу го личи според мене, како онаа што ја објавив на Инстаграм, но ми се допаѓа Cityray како целосен пакет. Наметлив, но не премногу, и лесно претпознатлив. Лесно е да се критикуваат SUV модели во оваа класа за бивање многу слични еден на друг, но Cityray навистина се труди, и успешно се издвојува што се однесува до дизајнот.


А што го движи Cityray?


Еден познат турбо бензинец под хауба


ree

Korrmotive


Силната Geely ДНК продолжува и под хаубата на Cityray. Моментално е достапна една комбинација, и тоа 1.5 турбо бензинец со четири цилиндри и 174 коњи, а тоа оди до предните тркала преку 7-степен автоматик со двојна спојка.


ree

Korrmotive


Ако тие бројки и спецификации звучат слично, истиот мотор и менувач е достапен кај Coolray и кај Starray. Се работи за добро познатиот Elation 1.5TD мотор на Geely развиен во соработка со Volvo, кој меѓу другото ветува дури 46% термална ефикасност, повеќе од голем број бензински мотори на пазарот денес.


Сепак, бројките се само бројки. Ајде да видиме како сето тоа изгледа во реалниот свет. Да почнеме со градска вожња. Со оглед на тоа дека Cityray има град во името, нема од каде друго да почнеме.


ree

Korrmotive


Замислете, во град се покажа супер. Првo бев многу пријатно изненаден од прегледноста од напред. Стаклените површини се одлично смислени, и не се чувствувате како да има некакви сериозни мртви агли кога сте зад волан.


Моторот беше многу тивок и смирен, што го очекував, менувачот беше незабележлив, и најпријатното изненадување дефинитивно беше амортизацијата. И покрај 19-инчните тркала, Cityray е многу удобен, и вака општо, но и кога е соочен со познатите скопски дупки.


ree

Korrmotive


Што се случува со потрошувачката? Официјалната бројка од 6.3 литри на 100 км е според кинескиот NEDC циклус, кој е малку поразличен од WLTP. Сепак, од моето време поминато со Cityray во неколку различни возачки ситуации, таа бројка е сосема реална и достижна. 


На отворен пат многу пријатно се изненадив. Единственото нешто што го забележав беше малку повеќе звуци од гумите, но не беше толку страшно. Звуци од ветер готово и да немаше, и нормално, моторот стивнува со вртежите на автопат, и целото искуство беше доста пријатно и безбедно. 


ree

Korrmotive


Исто имав шанса да го испробам ADAS системот кој го следи патот автоматски и помага при престројување во друга лента, и одлично си функционираше. Немам лош збор ниту за динамичките способности. Не би кажал забавен, но Cityray e дефинитивно сигурен и способен. Искрено пријатно се изненадив дека многу брзо повлекува кога ќе дадете повеќе гас дури во Eco режимот на возење.


ree

Korrmotive


Кога сме кај тоа, вкупно се четири; освен Eco, Comfort и Sport, има и Intelligent, кој се адаптира на вашиот стил на возење во даден момент. Многу интересна работа. Исто има и подесување за тежината на сервото, но спортскиот режим некако ми беше малку вештачки тежок, така да, јас би го оставил сам да си брка работа. 


Сѐ на сѐ, искуството зад воланот на Geely Cityray беше навистина супер.



Далеку помодерен ентериер 


ree

Korrmotive


Со оглед на тоа дека Cityray е од новата гарда на Geely дизајн, тоа се гледа и во ентериерот. Дизајнов е многу сличен како тој во Starray, но има некои приметливи разлики.


Освен поспортските седишта со, според мене, непобедливата комбинација од сива кожа со портокалови шевови, Cityray има малку поспортски сплескан волан, и ми се допадна што нема толку многу сјајно црни материјали, со исклучок на екраните, секако.


Кога сме кај екраните, тој во средината за мултимедија е потполно ист како тој во Starray што се однесува до софтверот. Респонзивен, пријатни анимации и детали, и Apple CarPlay си работеше одлично и со кабел и без.


Единствено нешто што морам да го спомнам е што навистина би сакал уште по некоја физичка контрола. За климата и тие работи веќе навикнавме, ама барем да имаше за сончевиот кров и за надворешните ретровизори.


ree

Korrmotive


Кога сме кај сончев кров, тоа е само дел од богатата опрема кај Cityray со GF пакетот. Претходно спомнатите кожни седишта со греење, греење на волан, сите безбедносни системи што ви текнуваат и повеќе, електрично подесување на возачко седиште со меморија, автоматско отварање на петтата врата, целосно LED предни и задни светла, безжичен полнач за мобилен и така натаму.


ree

Korrmotive


Возачката позиција имаше многу подесување, и интересно ми беше што седењето не беше премногу високо и покрај тоа што се работи за SUV, но тоа немаше негативен ефект на прегледноста.


Многу ми се допадна и амбиенталното осветлување, особено тоа што беше во звучниците на А-столбовите. Кога сме кај тоа, системот за озвучување си беше одличен. Сѐ на сѐ, ентериерот на Cityray е направен ко што треба. Поради зголемените димензии, има многу простор на задната клупа, и гепекот нуди огромни 571 литри, што е значително подобрување од Coolray, и општо одлична бројка за класата. 


Cityray ја комплетира понудата на Geely


ree

Korrmotive


Како што кажав погоре, Geely Cityray може да се смета за пола пат меѓу Coolray и Starray, и со тоа, понудата на Geely е комплетирана. Дали Cityray е добар начин да се комплетира понудата? Апсолутно и дефинитивно да. Неколку ситни забелешки на страна, Cityray е уште еден доказ дека Geely одлично си ја врши својата задача, без разлика на сегментот.


ОЦЕНА: 8.5 / 10


Почетна акциска цена на Geely Cityray е 28.990 евра.

Акциска цена на тестираниот модел е 30.990 евра.

За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Geely Македонија, или пак продажниот салон во Скопје.

Цените се точни од времето на објавување.


Вештачка интелигенција беше употребена во дел од фотографиите за да се избрише дигиталниот шум.




© 2025 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page