KORRMOTIVE ТЕСТ: Haval H6 HEV
- Марко Соколовски
- Aug 2
- 6 min read
Сите кинески автомобили кои сум ги тестирал до сега имале една заедничка работа: сите биле нови, или барем релативно нови играчи на македонскиот пазар. Тоа не е случај со GWM.
Овој бренд дејствува кај нас од 2009 година, и е единствениот кинески бренд кој има опстоено толку време тука. Конечно дојде ред да видиме со што има да се пофали еден од подбрендовите на GWM, Haval, а овој модел е особено интересен.
Korrmotive го тестира Haval H6 HEV

Korrmotive
Кај Korrmotive на тест пристигна Haval H6 HEV, хибридната верзија на големиот Haval H6 кој веќе неколку години се нуди кај нас. Македонската публика имаше шанса за прв пат да го испроба H6 HEV минатато лето кога импортерот Толту имаше отворени денови. Сега можев да поминам викенд со моделот и да видам со што има да се пофали.
Прво малку инфо околу тестерот. H6 HEV доаѓа со еден пакет на опременост (читај: фул опрема). Тестерот ја носи оваа одлична небесно сина боја, која што, од непознати причини, GWM ја имаат наречено Green. Исто доаѓа со црни фелни, додека нехибридниот H6 доаѓа со сиви, нарочито gunmetal фелни.

Korrmotive
H6 HEV има малку поразличен дизајн отколку нехибридниот пандан, и тоа најмногу се приметува од напред. Предната маска е поголема и непрекината, се простира од едниот крај до другиот. Исто можеби приметивте дека Haval знакот напред има сина позадина, за да биде јасно дека се работи за хибридната изведба.

Korrmotive
Од страна сѐ си е исто, со исклучок на украсната лајсна околу предните врати, што е уникатно за овој модел. Задниот дел има еден голем и впечатлив light bar, и многу интересен дифузер на браникот кој, слично како маската напред, се простира од крај до крај.

Korrmotive
Сѐ на сѐ? Одличен дизајн. Добра комбинација на модерно и современо, но и покласичен SUV без некакви луди дизајнерски елементи, и особено се истакнува со бојава. Често ви доаѓам со вакви констатации, но кој не ја одбере бојава дефинитивно ќе греши.
А што го движи H6 HEV?
Малку поинаков хибриден погон

Korrmotive
H6 HEV користи малку поразличен хибриден погон отколку познатите сериски или паралелни. Тука се работи за хибриден погон со делење на силата. Преводов ни е за никаде, така да, од тука па натаму ќе го користам англискиот термин, power split хибрид.
Под хауба имаме 1.5 GDI (директно вбризгување) турбо бензинец со четири цилиндри, сосема стандардно за ваков тип на возило. Тој е спарен со мал електромотор и мала батерија. Моторот има 150 коњи, додека електромоторот има максимална сила од 177 коњи. Вкупниот износ е 243 коњи и 530 Nm(!) вртежен момент.

Korrmotive
Сето тоа оди до предните тркала преку 2-степен автоматик. Чекај, што? Ова не е класичен автоматик, се работи за посветена хибрид трансмисија (кажете преводов, а?), или dedicated hybrid transmission, скратено DHT.
Како што налага името, ваков тип на менувач е направен за хибридни возила, и на кратко, може да го оптимизира погонскиот систем за ефикасност или за моќност, во зависност од ситуацијата, и дозволува двата елементи од погонскиот систем (бензинскиот мотор и електромоторот) да функционираат или посебно или во тандем. Да напоменам тука дека H6 HEV ги движи предните тркала, во моментов не е достапен со AWD.

Korrmotive
Што значи сето тоа во пракса? Да почнеме, како по обичај, со градска вожња. Поголемиот дел од времето, во град ќе возите на струја, и бензинскиот мотор ќе се вклучува само доколку има потреба. Бидејќи трансмисијата има само два степени, потсеќа малку на CVT, само без непотребните високи вртежи за кои се познати варијабилните менувачи.

Korrmotive
Исто значи дека преносот од струја на бензин, освен минималниот звук на моторот, е неприметлив. Некогаш хибриди со класични менувачи со степени знаат минимално да се тресат кога префрлаат на бензин, но тоа не беше случајот тука. Огромни пофалби за auto hold системот, можеби најдобриот кој сум го искусил досега.

Korrmotive
А кога веќе почнав со пофалбите, морам да ја истакнам потрошувачката. Во градски услови, Haval H6 HEV троши 5 литри бензин или помалку. Најниската бројка што ја видов беше 4.8 литри, а на отворено можете да очекувате околу 6 литри. За голем SUV, тоа е навистина импресивно.
Спомнав отворено, ајде малку за тоа да позбориме. Поради големата моќност, на автопат немаше никаков проблем со качување и оддржување брзина, а имате и сосем доволно за претекнување. Освен минималните звуци од ветерот, сѐ си беше тивко и смирено.

Korrmotive
Намерно возев дел од автопат без музика за да видам, и навистина добро се покажа. Бонус поени што Haval не се зезаат кога се работи за гумите, H6 си доаѓа стандардно со етаблирани Hankook Ventus S1 evo3, што значи дека звуците од патот беа сведени на минимум.
Сосема океј беше и динамичната вожња. Немаше премногу навалување, што само по себе е постигнување со оглед на висината на H6, добра тракција, и иако не е спортски автомобил, ќе заврши работа.

Korrmotive
Освен што има и Sport режим за возење (заедно со регуларните гости Eco, Normal и Snow), има и подесување за сервото, доколку сакате малку повеќе фидбек за во кривини, или пак да биде полесно за паркирање.
А кога сме кај паркирање, системот на камери и сензори е еден од најдобрите кои сум ги користел досега. Камерите имаат многу висока резолуција, сензорите се одлично калибрирани, и има многу опции за режим, така да, нема веќе изговори за лошо паркирање. Има и еден куп безбедносни системи стандардно, но некако успеваат да не бидат напорни. Единствено што приметив е што lane keep assist системот малку знаеше да се збуни.
Сѐ на сѐ, многу добро и изузетно штедливо искуство зад воланот на Haval H6 HEV.
Храбар, невообичаен ентериер

Korrmotive
Ентериерот на Haval H6 беше едно доста интересно место. Веќе сигурно го приметивте храбриот избор на бои за тапацир и акценти. Овој модел конкретно ја имаше комбинацијата сиво со бело, со интересните бакарни детали на воланот и на контролната табла. Секако, доколку ова не ви е по вкус, имате и неколку други опции.
Двата екрани кои ги прикажуваат сите битни информации се невообичаено (по стандардите на 2025) мали. Според мене, тоа не е лошо, ама и интересно да се види, бидејќи сите навикнавме на огромни екрани на сите страни.

Korrmotive
Инструмент таблата е фантастично решена. Сите најважни информации ви се достапни во секое време, и ми се допадна и графиката од нашата планета во позадина, која пополека се врти. Ако се доближите, лесно ќе го забележите тоа. Исто многу ми се допадна фонтот кој се користи во сите екрани, некако одговара со остатокот од графиката.
Централниот екран е многу респонзивен, и тоа претежно се должи на тоа што нема некакви посебни анимации кога ќе одберете некоја команда, само директно ја отвара опцијата. Ако сте си играле претходно со animation scale подесувања на вашиот смартфон, ќе знаете на што се мисли.

Korrmotive
Со оглед на респонзивноста, не ми сметаше тоа што немаше повеќе физички контроли за климата, но сепак би било супер ако ги имаше. Исто така, воланот кога е исправен малку ги крие прекинувачите за трепкачи и брисачи, но ако ги оставите на auto, тоа нема да е некој проблем.
Во средината е прекинувачот за трансмисијата, и ми беше чудно дека може да се врти бескрајно, дури и откако ќе го одберете степенот. Apple CarPlay си работеше супер со кабел, но исто би додал и USB-C приклучоци внатре, бидејќи само USB-A има.

Korrmotive
Квалитетот на изработка е одличен, а бидејќи GWM и Haval постојат на македонскиот пазар веќе долги години, можев да чујам и искуства од сопственици кои поминале стотици илјади километри. Можам да ви кажам дека муабетите на скептиците за кинески возила не проаѓаат тука. Има и еден куп опрема, како вентилација на седишта, електрично подесување, панорамски кров, камерите за паркирање кои веќе ги спомнав, како и огромна лепеза на безбедносни системи, кои истовремено не сметаат за време на возењето, но и реагираат кога има потреба.
На задната клупа има еден куп простор, што нели, би го очекувале од SUV од овој калибар, но стварно беше многу пространо и големо, и сончевиот кров придонесе сѐ да биде полно со природна светлина. Гепекот има 600 литри капацитет, што се зголемува на 1.485 литри со задната клупа преклопена. Коцкастата форма го прави многу корисен, само би додал рачки во гепекот за побрзо и полесно склопување на задната клупа, без да треба преку кабината да го правите тоа.
Haval H6 HEV е сериозен играч

Korrmotive
Светот на хибридни SUV возила е многу вжештен. И покрај тоа што има многу етаблирани играчи тука, Haval H6 HEV навистина пријатно ме изненади. Некои ситници кои сум ги приметил кај некои други кинески возила не беа воопшто присутни. Созреан, комплетен, рафиниран, штедлив, и полн со практичност и опрема. Браво!
ОЦЕНА: 8.5 / 10
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на GWM Македонија, или пак продажниот салон во Скопје.