KORRMOTIVE ТЕСТ: Hyundai Kona Hybrid
- Марко Соколовски

- Sep 3
- 5 min read
Многу пати имам кажано дека во светот на SUV моделите од B-сегментот, издвојувањето е многу важна работа. Сегментов е полн со конкуренција, што претставува доста голем предизвик за дизајнерите и општо за брендот. Некогаш, издвојувањето знае да си повлече данок, како што е намален фокус на ергономија, или пак општо quality of life. Што ако имаше некаков баланс помеѓу двете? Па се чини дека има…
Korrmotive ја тестира Hyundai Kona Hybrid

Korrmotive
Кај Korrmotive на тест пристигна Hyundai Kona Hybrid, со Premium пакет на опременост и Cyber Gray неметалик сива боја. Втората генерација на Kona кај нас е веќе пар години, и иако мислам дека сите ќе се сложиме дека повеќето би одбрале некоја од нехибридните верзии, сепак вреди да се разгледа и Kona Hybrid малку, ама ќе дојдеме до тоа.
Една од најударните карактеристики кај втората генерација на Kona е дизајнот на екстериерот. Веќе подолго време Hyundai прави храбри потези со дизајните на своите модели, и Kona дефинитивно спаѓа таму. Ова беше првиот Hyundai модел со Horizon Lamp дизајнот на дневни светла напред, т.е една континуирана осветлена лента која се простира по целиот преден дел. На самите краеви на предниот дел се сместени фаровите и трепкачите.

Korrmotive
Предната маска има активни отвори за ладење, во превод се отвораат и затвораат според потребите на погонскиот систем. Од страна имаме неколку остри контури, слични на оние кај Tucson, додека задниот дел е еден вид симетрија, бидејќи има продолжение на Horizon Lamp, како и стоп светлата на самите краеви од задниот дел.

Korrmotive
Многу ми е интересен дизајнов. Меѓу подраматичните и истакнатите во овој сегмент, дефинитивно, и покрај тоа што се нуди со украсните пластики во каросериска боја, и со разноразни светли бои и дизајни на фелни, тестеров е доказ дека не му треба многу на овој дизајн за пак да изгледа интересно и уникатно. Иако во овој случај, тоа не е главниот муабет кај Kona, тоа битното издвојување во однос на дизајн е сосема добро исполнето.
А што ја движи Kona?
Супер ефикасен хибриден погон

Korrmotive
Како што видовте по насловот, ова е Kona Hybrid. Тоа значи 1.6 атмосферски бензинец кој работи на поефикасниот Милер циклус, како и мал електромотор и мала батерија. Вкупниот износ е 141 коњи, и тоа оди до предните тркала преку 6-степен DCT автоматик.
Достапен е и чист бензинец и има и целосно електрична изведба, ама некако најмногу ми има смисла хибридниов погон за Kona. Зошто? Ајде да направиме една анализа, почнувајќи со градската вожња, секако.

Сигурно веќе знаете дека најголемите предности на самополнечки хибриден погон се приметуваат во градска вожња, и приказната е иста со Kona Hybrid. Сѐ додека си внимавате со гаста, грото од времето ќе возите на струја, а тоа повлекува ептен мала потрошувачка.

Korrmotive
Токму тоа е случајот со Kona. Обично не спомнувам потрошувачка толку рано во тест возењава, но мислам дека тука е доста битно и доста вреди да се пофали.
Најниската бројка што ја видов од Kona Hybrid беше 3.7 литри на 100 км. Да, стварно. Тоа беше во градски услови, секако, но во зависност од тоа кое е ограничувањето на отворениот пат, електромоторот може да работи и на некои 100 км/ч. На автопат потрошувачката во просек е нешто поблиску до 6 литри, што е супер.

Korrmotive
Kona Hybrid доаѓа со три режими на возење, и тоа Eco, Snow и Sport. Не, не заборавив, Normal нема. Типично за Hyundai хибрид, Eco режимот ви е де факто нормалниот режим, и мислам дека може да се сложиме дека тоа има смисла.
Можеби не се баш охрабрувачки официјалните бројки за забрзување. На Kona Hybrid званично ѝ се потребни околу 11 секунди за да дигне стотка, но во пракса, не е тоа целата приказна.

Korrmotive
Поради инстантниот одговор на електромоторот и оптималното функционирање на двата делови од погонскиот систем, Kona е многу респонзивна и се чувствува како побрза отколку што е, особено во град. За ова сум сигурен дека има придонес и тоа што моторот е атмосферец.
На отворено не качува брзина не знам си колку брзо, но сепак нема гајле да развие автопатски брзини. Поради тоа што тестеров немаше поминато break-in, не го возев повеќе од 100 км/ч, но и на автопат немам што лошо да кажам. Многу малку звуци од гумите, но инаку супер.

Korrmotive
Ме изненадија и динамичките способности на Kona. Ова е сепак еден класичен B-SUV, и можеби нема да се толку битни овие способности, но Kona супер си се покажа.

Korrmotive
Речиси никакво навалување, респонзивно управување, а воедно беше и доста комфорна и покрај поголемите 18-инчни тркала. Немам лош збор и за прегледноста, а овој модел дојде и со паркинг камера и сензори, само би сакал камерата да беше со малку повисока резолуција.
Накратко, Hyundai Kona Hybrid е едно многу комплетно искуство зад воланот, и немате чувство како да има нешто што не може да го направи, и тоа квалитетно.
Eнтериер кој балансира форма и функција

Korrmotive
Во авто индустријата, барем во изминативе неколку години, овие два фактори станаа прилично тешки за балансирање. За тоа можете да им се заблагодарите на огромните екрани и остало. Hyundai сепак со овој ентериер ни покажуваат дека не треба да страда функцијата во име на формата.
Ентериеров е доста модерен, многу квалитетно изработен, и има доста интересен дизајн, но е исклучително функционален. Можеби приметивте на сликиве дека има копчиња за климата, но ова не е случај каде што само дел од нив се копчиња, а за остатокот мора да влезете во екранот. Во екранот нема Climate опција, сѐ што ви треба за климата е копче. и ви е одма тука на дофат.

Korrmotive
Истото важи и за ред други работи, како auto hold, сензорите и камерата за рикверц, и секако, режимите за возење. ADAS системите пак треба да се гасат преку инфозабавниот систем, но тоа е прилично очекувано.
Двата екрани се 12.3 инчи, и речиси се потполно исти во однос на размер и форма, само нели, едниот е за инструментите, другиот е за инфозабава. Тука исто имав прилика да го испробам можеби најстабилниот безжичен Apple CarPlay кој сум го пробал до сега. Бонус поени за огромниот простор за складирање предмети меѓу седиштата, што го овозможува електронскиот менувач во близина на воланот.

Korrmotive
Седиштата исто така беа многу удобни, и си доаѓаат со греење на овој пакет на опрема. Сѐ на сѐ, ентериеров е супер. Многу практичен, многу логичен, и многу user-friendly, ама би сакал да имаше барем на неколку ситни места малку посветли материјали. Не дека квалитетот на изработка е лош, далеку од тоа, туку би било фино да беше некако… пошарено.
Сепак, други поплаки за ентериеров стварно немам. Функционалноста е на прво место, но и покрај ова погоре, формата сепак не страдаше. Ми се допаѓаат ситните детали како тоа што скоро и да нема сјајни материјали, и тие точки на воланот кои ја испишуваат буквата H (X) во Морзеов код. Имаше сосем доволно простор, како и доста подесување во возачката позиција.
Просторот на задната клупа е одличен, а и гепекот е многу простран и добра форма, и нуди 407 литри простор на задните седишта, кои стануваат 1.241 литри со седиштата преклопени.
Hyundai Kona Hybrid е еден навистина комплетен пакет

Korrmotive
B-сегментот кај SUV возила е стварно експанзивен, и лесно е човек да се соочи со премногу избор во овој случај. Една работа што сигурно можам да ви ја кажам е дека Hyundai Kona Hybrid е еден од најдобрите изведби на добро познатата B-SUV формула кои сум ги видел досега.
Не е заборавена формата, не е заборавена функционалноста, и навистина се чинеше како да нема некоја средина каде што се чувствуваат некакви мани, силните страни доаѓаат до израз речиси целото време. Ако барате B-SUV, Kona треба да ви е во потесниот избор на кандидати.
ОЦЕНА: 9 / 10
Промотивната цена на тестираниот модел (Kona Hybrid со Premium опрема) изнесува 33.900 евра, додека истиот пакет во комбинација со регуларниот бензинец изнесува 31.900 евра.
Цените се точни од времето на објавување.
За повеќе инфо, посетете ја официјалната веб страна на Hyundai Македонија.




